Жан-Пјер Флешар

Првата светска војна:
11.500 мртви и 13.000 ранети на ден за три и пол години


Првпат објавено: Jean Ziegler, Le livre noir du capitalisme, Pantin, France: Le temps des cerises, 1998, 427 pp.;
Превод: Томислав Захов (од француски)
Онлајн верзија: септември 2024


„Ова е тангото на веселата војска,
на радосните победници овде и таму.
Ова е тангото на познатите поттикнувачи на војна.
Ова е тангото на гробарите.“

Борис Вијан

„Војната што би сакал да ја водам, мој полковник,
е таа од 14-18.“

Жорж Брасенс

„Ајде да земеме оружје и да тргнеме.“

Анонимен

Две француски општини се издвојуваат со својата необичност. Една од нив е единствената на чиј главен плоштад нема поставено споменик на загинатите во војната од 1914-1918 година, бидејќи сите нејзини 15 мобилизирани војници се вратија живи од фронтот. Другата, Жантиу-Пижерол, во департмантот Крез, има споменик на мртвите кој никогаш не бил официјално инаугуриран. Навистина, под колоната во која е наведено името на паднатиот, стои сирак во бронза кој покажува со прст кон натписот „Maudite soit la guerre“ („Проклета да е војната!“).[1] Сите други општини имаат комеморативни споменици на своите славни мртви, што подобро ја откриваат големината на масакрот од безличноста на бројките. На истиот тој простор, плочата посветена на загинатите во војната од 1914-1918, во салата на градското собрание на Безон, го носи натписот „Guerre à la guerre, haine à la haine“ („Војна на војната, омраза на омразата“). Ниту една француска општина, со единствен исклучок, не го избегна огромниот масакр, кој од 7,8 милиони мобилизирани за период подолг од четири години, или близу 30% од активното француско население, остави 1,4 милиони мртви на боиштата и врати дома повеќе од еден милион инвалиди.

Влијанието на воено-индустриското лоби, меѓународниот картел за барут

Од 1904 година наваму, антагонизмите се интензивираа, националните страсти се влошуваа, кризите се множеа и засилуваа, без разлика дали се однесуваат на Мароко или на Балканот, сè додека во 1914 година атентатот во Сараево не ја предизвика страшната катастрофа, големата европска војна.

Општата ситуација и рамнотежата на силите беа изменети во Европа, не само од Англо-францускиот договор, туку и од поразите што Русија ги претрпе истовремено (1904-1905) на Далечниот Исток. Вилхелм II (1859 – 1941) и неговиот канцелар Бернхард фон Булов (1849 – 1929) се обидоа да го искористат слабеењето на Русија за да го раскинат Англо-францускиот договор.

Мароканскиот спор предизвикува насилен француско-германски конфликт (1905-1906).

И покрај континуираниот развој на германската моќ, Вилхелм II, како и Бизмарк, бил опседнат од стравот на опкружувањето. Договорот меѓу Франција и Англија, дополнет со сојуз со Русија и договори со Италија и Шпанија, му изгледаше заканувачки за неговите експанзионистички проекти. Поттикнат од своите советници, Бјулов и Фридрих фон Холштајн (1837 – 1909), тој започна голема дипломатска офанзива, насочена истовремено кон Франција и Русија.

Германија спроведе брутална, наизглед воинствена, акција против Франција, практично ставајќи вето на нејзината мароканска политика: говорот на Кајзерот во Тангер и последователната оставка на Теофил Делкасе (1852 – 1923), врз француското јавно мислење имаа ефект на нова Фашода, на национално понижување. Вилхелм II, напротив, му изјавил пријателски зборови на царот Николај II (1868 – 1918), длабоко повреден од поразот и револуцијата. На овој начин тој го одведе на средба на Берјозовските острови, каде што беше потпишан таен германско-руски пакт за сојуз (24 јули 1905), што беше вовед во една голема континентална лига на која Германија ќе биде лидер.

Оваа политика не ги даде очекуваните резултати. Договорот од Берјозовските острови, некомпатибилен со францускиот сојуз, остана мртво слово. Конференцијата во Алхесирас (1906), свикана на барање на Германија за да се реши мароканскиот спор, ги отфрли повеќето германски предлози и им довери на Франција и Шпанија надзор над мароканските пристаништа. Англо-францускиот договор, далеку од раскинат, стана посилен. Всушност, тој стана троен договор, откако Русија и Англија, преку договорот од 1907 година, ги решија сите свои азиски спорови. Во Германија се зголеми опсесијата со опкружувањето. Европската атмосфера стана бурна. Втората мировна конференција во Хаг (1907) пропадна да ја запре трката во вооружување, поморско и копнено.

Австро-рускиот антагонизам се разгорува на Балканот (1908-1909).

Политичките и националните прашања што се појавија на Балканот и Централна Европа беа дури и посериозни од колонијалните спорови, бидејќи тие го ставија на коцка самото постоење на турската и австроунгарската империја, а следствено на тоа и темелите на европската рамнотежа.

Од овие прашања, најсериозно беше тоа на Македонија, регион кој остана во турско владеење, но со мешано население посакувано од Бугарија, Грција и Србија; прашањето за Босна, турска провинција управувана од Австријците, но населена со Срби, каде српскиот национализам почна да се шири; прашањето на теснецот – Босфорот и Дарданелите – што Русија, затворена во Црното Море, сакаше да го отвори за својата воена флота. По неуспесите на Далечниот исток, руската политика, под водство на министерот Александар Петрович Изволски (1856–1919), се врати на своите традиционални апетити на Балканот.

Меѓутоа, во 1908 година изби балканска криза, предизвикана од турската револуција: Турската националистичка реформска партија (Младотурци) ја презеде власта и го принуди Абдул ал-Хамид (1842– 1918) да прифати устав (султанот, откако се обиде да ја врати власта, беше соборен од престол следната година). За да стави крај на југословенските немири, Австрија, предводена од смелиот министер, Алоиз фон Ерентал (1854–1912), донесе декрет за анексиjа на Босна и Херцеговина. Бугариjа, исто така, jа искористи кризата за да прогласи независнoст. Што се однесува до Изволски, и покрај сите негови напори, тој не можеше да го добие од силите отворањето на теснецот.

Анексијата на Босна – тоа беше кршење на статутот донесен во Берлин во 1878 година – резултира со европска криза. За малку ќе избувнала војна меѓу Австрија и Србија, чии национални аспирации беа насочени кон припоените провинции. Русија, незадоволна од својот неуспех, ги поддржа Србите, сè до денот кога заканувачката интервенција на Германија ја принуди, како и Србија, да попушти и да го признае она што е дефинитивно (1909). Се чинеше дека ништо не можеше да се спротивстави на германската сила.

За да го колонизира Мароко, Франција мора да отстапи дел од Конго (1911).

Во Мароко, по новите инциденти (во врска со германските дезертери од Легијата на странците), Германија склучила економски договор со Франција (1909). Но, овој договор функционираше лошо. Кога француските трупи влегоа во Фез (1911) за да ја прекинат блокадата против султанот и Европејците опколени од бунтовниците, Германија прогласи дека е прекршен статутот од Алхесирас и, за да добие компензации, испрати воен брод во Агадир (на јужниот брег на Мароко).

Овојпат наиде на силен отпор. Англија стави вето на кое било германско колонизирање во Мароко. Но, француската влада (Жозеф Кајо, 1863 –1944) беше за мирно решение. Француско-германските преговори, иако беа прекинати со гласови за војни, доведоа до договор: во замена за слободата на дејствување во Мароко, Франција ѝ отстапи на Германија дел од француски Конго (1911).

Наместо да произведе помирување, овој договор само ги влоши француско-германските страсти и антагонизми. Германија, за да ги заплаши своите противници, го зголеми производството на оружје. Во Франција, по толку многу предупредувања, повеќе не сакавме да бидеме малтретирани: министерот Ремон Поенкаре (1860–1934), апологет на политиката на цврстина, ги зајакна, со нови договори, врските на Франција со Русија и Англија (1912).

Од Мароко кризата се шири во Триполитанија, па на Балканот (1911-1913).

Помеѓу 1911 и 1914 година, кризите следат една по друга и Европа, како фатена во фатална спирала, слепо оди кон катастрофа.

Колонизирањето на Мароко од Франција и Шпанија го имаше за непосредна реперкусија колонизирањето на Триполитанија од Италија (1911). Но, експедицијата во Триполи доведе до итало-турска војна (1911-1912), во текот на која Италијанците го окупираа Родос и островската група Додеканези.

Од своја страна, итало-турската војна предизвика војна на Балканот. Под покровителство на Русија беше формирана балканска лига – Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора. Ослабената Турција беше нападната од коалицијата и поразена насекаде. Бугарите беа запрени само пред линиите на Чаталџа, на само 30 километри од Константинопол (1912).

Пропаста на Турција конечно ги оживеа сите европски и балкански ривалства. Австрија, која владееше во Босна, по никоја цена не сакаше голема Србија, кон која нужно би биле привлечени нејзините српски поданици. За да ја држи Србија подалеку од Јадранот, таа го создаде кнежеството Албанија. Од друга страна, поделбата на Македонија доведе до втора балканска војна (1913): Бугарите со ненадеен напад се обидоа да ги скршат Србите. Не успеаја и самите беа поразени од коалицијата Србија-Грција-Романија. Договорот од Букурешт ја дал Силистра на Романците, Солун на Грците, а Битола со голем дел од Македонија на Србите. Турците ги задржале само Константинопол и Адријанопол во Европа.

Ова помирување не беше трајно. Помеѓу австриската политика и српските национални барања, не беше можен никаков договор. Односите на Русија со Австрија и Германија продолжија да се влошуваат. Сите држави, вознемирени, го засилија своето вооружување (воените закони од 1913 година во Германија и Франција). Стигнавме до точка кога секоја од антагонистичките групи, уверена во својата сила, беше решена да не попушти пред другата.

По атентатот во Сараево, австро-српската војна доведе до руска интервенција и општа војна.

На 28 јуни 1914 година, крунскиот надвојвода на Австрија и неговата сопруга беа убиени во Сараево, Босна. Убиецот бил Босанец, но атентатот бил подготвен во Белград. (Подоцна се дозна дека на чело на заговорот бил офицер на српскиот генералштаб, полковник Драгутин Димитријевиќ (1876 – 1917), шеф на моќното тајно друштво, Црната рака).

Австрија, која долго време сакаше да ја нападне Србија, дотогаш беше задржана од Германија. Овојпат ја доби нејзината поддршка. Во тајните разговори во Потсдам (5-6 јули) и на австроунгарската круна во Виена (7 јули), ризикот од голема европска војна беше промислен и прифатен. Вилхелм II, точно е, сметаше дека војната е малку веројатна (царот Николај II нема да ги поддржи регицидите) и ја имаше предвид неутралноста на Англија, со која требаше да склучи колонијален договор.

Неочекувано, на 23 јули, Австрија `и постави ултиматум на Србија, чии барања беа намерно неприфатливи. И покрај толерантниот одговор (и повикот за арбитража), на 25 јули се случи австро-српското раскинување, а на 28-ми се случи австриската објава на војна на Србија.

Но, веќе локализацијата на конфликтот, побарана од Германија, се покажа како невозможна. Русија, решена да не дозволи Србија да биде скршена, ги започна своите воени подготовки. Залудно англиската влада, многу мирољубива, ги умножуваше своите понуди за посредување. Германија на почетокот ги отфрли, а потоа им се приклучи дури кога англиската неутралност почна да ѝ изгледа сомнителна (29-30 јули). Предоцна. Австриската непопустливост играше во корист на генералштабовите, кои беа нестрпливи да деjствуваат. Русиjа одлучи за делумна мобилизациjа на 29 jули, а општа мобилизациjа на 30 jули. Германиjа на 31 jули одговори со двоен ултиматум, до Русиjа и Франциjа, по што на 1 август `и објави војна на Русија, а на 3 август `и објави војна на Франција.

Штом започна конфликтот, Тројниот сојуз (1882) се распадна, додека Антантата се наметна. Италија се повика на чисто одбранбената природа на Тројниот сојуз за да остане неутрална. Англиската влада, многу поделена и неодлучна, првично се обврза само да го брани францускиот брег на Каналот (2 август). Нарушувањето на белгиската неутралност од страна на германските трупи ја натера да раскине со Германија (4 август) и да земе целосно учество: „Само за парче хартија!“, извика германскиот канцелар Теобалд фон Бетман Холвег (1856—1921) (алудирајќи на договорите кои ја гарантираа белгиската неутралност).

Покрај големите политичко-воени маневри, големата европска индустрија не пропушти да се организира за да ги натера владите и народите да го поднесат товарот на нејзината експанзија. Таму веќе не се важни национализмот и патриотизмот, единствено битно нешто е бизнисот. На овој начин се организираше вистинска „меѓународна“, која ги прошири своите ограноци во сите идни завојувани земји.

Два примери ќе бидат доволни:

Меѓународната организација на производители на барут, експлозиви и муниција:

— Нобеловиот фонд (Велика Британија)

подружници Англија 7

Германија 5

Јапонија 1

— Rhein-Siegener (Германија)

3 фабрики

— Фабрика за барут Kôln Hottweiler (Германија)

— Разни германски фабрики за оружје и муниција

— Société française de la dynamite (Франција)

— Société générale за производство на динамит (Франција)

— Société franco-russe de dynamite (Франција)

Челичната индустрија:

UNITED HARVEY STEEL COMPANY (мултинационална компаниjа за челик)

Vickers & Armstrong (Велика Британија)

Krupp & Stumm (Германија)

Schneider-Le Creusot (Франција)

Societa degli alti forni Fondiere Acciane di Terni (Италија)

Учества преку Krupp et Schneider:

Skoda & Pilsen (Австрија)

Poutiloff (Русија) (комплементарно учество на Voss)

Трговски договори за ограничување на конкуренцијата:

Le Creusot – Krupp

Armstrong — Krupp

Тие очигледно одржуваат врски со производителите на оружје, особено со:

Deutsche Waffen-und-Munitions Fabriken in Berlin

Waffenfabrik

Ateliers de Doellingen

Подружници:

1) Германија: Mauser: 1 985 000 M

Düren (металургија): 1 000 000 M

2) Белгија: Национална фабрика за воено оружје Herstal: 3 000 000 акции

3) Франција: Француска компанија за производство на топчести лежишта: цел капитал

Финансиската состојба на двете главни завојувани страни во 1914 година:
ГЕРМАНИЈА ФРАНЦИЈА
Население 67 милиони 39,6 милиони
Национално богатство 400 милијарди 325 милијарди
Национални приходи 52,5 милијарди 36,5 милијарди
Просечно национално богатство по глава на жител 5970 F 8207 F
Просечен национален доход по глава на жител 783 F 946 F

Производство (во милиони тони) во 1914 год.
ЈАГЛЕН ЧЕЛИК ЛЕАНО ЖЕЛЕЗО
Германија 191 18 12
Австро-унгарија 15 5 4
Франција 41 4 9
Велика Британија 35 4 5
Русија 292 9 11

Благодарение на овие две меѓународни компании, кои се само најочигледен пример, според примерот на добавувачите на јавните служби, производителите на возила, текстилните фабриканти итн., војната ќе се покаже како одличен бизнис за големата меѓународна индустрија, која ќе го искористи своето влијание таа да трае што е можно подолго, разгорувајќи ги националистичките страсти благодарение на печатот финансиран од нив, отворено или тајно.

Големиот масакр

Европската војна доби размери на огромна катаклизма. Се рашири низ целиот свет, но токму во Франција го достигна својот максимален интензитет и предизвика најголема штета. А токму во Франција германската сила мораше конечно да капитулира.

Коалицијата на централните империи (засилена во октомври 1914 година со Турција) изгледаше многу инфериорна во однос на коалицијата што ги опфати Франција, Руската и Британската империја, Белгија, Србија, па дури и Јапонија. Но, Англија поседуваше само мала војска. Руската армија, иако многубројна, беше слабо организирана. Сè зависеше од отпорот што Франција ќе `и го пружи на моќната германска војска.

Германија се обидува да ја совлада Франција и е на пат да успее.

Планот на Германија беше да ја нападне Франција со речиси сите свои сили и брзо да ја исфрли од борба, а потоа да се сврти против Русија. Несомнено, таа немаше како во 1870 година голема нумеричка супериорност, но сметаше на супериорноста на својата техничка подготовка, резервните формации, тешката теренска артилерија, опсадната артилерија (420 топови) и конечно на шокирачкиот ефект што требаше да го произведе нејзиниот маневар низ Белгија. Француската армија имаше супериорна лесна артилериска опрема со калибар од 75 mm, но речиси целосно `и недостигаше тешка артилерија. Нејзините пешадијци во црвени панталони беа лесна цел. Тие беа обучени за смела тактика на сеопфатна офанзива со бајонети.

Првата голема битка, позната како Битка за границите, се одржа од 20 до 23 август. Двата противника тргнаа во офанзива. Германскиот генералштаб, командуван од Хелмут фон Молтке Помладиот (1848-1916), сакаше да ги опколи источните утврдувања и да го совлада левото крило на француската армија: за таа цел го разби утврдениот логор Лиеж и испрати пет од седумте армии во Белгија. Францускиот генералштаб, командуван од Жозеф Жофр (1852–1931), сакаше да го парализира непријателскиот маневар со молскавичен напад во Лорен и Ардените. Но, француската офанзива, ризикувајќи на тежок терен, беше запрена во Моранж во Лорен (20 август), а во Ардените на 22 август. Англо-француското лево крило, нападнато во Шарлроа и Монс и под закана од опколување, успеа да побегне и да се повлече (23 август).

Германската победа резултираше со загуба на Белгија и инвазија на Франција. Германците, прогонувани од стравот од герила, презедоа ужасни репресивни мерки (масовни егзекуции, ограбување и палење на градовите Лувен и Динан).

Германскиот план пропаѓа кај Марна, а подоцна и кај Изер.

Сепак, зацртаната цел, уништување на француските сили, не беше постигната. Со брзиот напредок, Германците се обидоа да ги опколат крилата на противникот или да ги истиснат до швајцарската граница. Но, во Лорен, од 29 август, тие беа под контрола. Другите француски војски се повлекоа методично, сè до денот кога смелото напредување на германското десно крило (Александар фон Клук, 1846 – 1934) му овозможи на гувернерот на Париз, Жозеф Галиени (1849–1916), можност за напад околу крилото на непријателските сили (5 септември).

На повик на Жофр, сите француски и англиски војски потоа продолжија со офанзивата (6 септември). По неколкудневни борби, Германците, поради опасноста нивното десно крило да биде скршено и пресечено на два дела, се повлекоа до Ена, каде што се утврдија. Победата на Марна имаше ефект не само на повлекувањето на Германците, туку и на пропаѓањето на нивниот првичен план. Ова исто така имаше големо морално влијание и `и даде на Франција самодоверба.

Обидувајќи се да се совладаат едни со други на западната страна, двата противника ги проширија своите линии до морето. По заземањето на Антверпен (9 октомври), Германците повторно се обидоа да нанесат одлучувачки удар, заземајќи го Кале, но сите нивни напади беа одбиени пред Ипр и Изер од страна на сојузничките сили, распоредени под раководството на Фердинанд Фош (октомври-ноември). На овој начин, спротивно на сите предвидувања, походот од 1914 година заврши на запад без одлучувачки резултати.

Така беше на сите фронтови. На исток, Русите, кои ја нападнаа Источна Прусија за да `и олеснат на Франција, претрпеа катастрофа во Таненберг (29 август)[1], но ги поразија Австријците кај Лемберг во Галиција (септември). Крвави битки без резултат се водеа во Полска околу Варшава (ноември-декември). На отворено море, Германците не се осмелија да ризикуваат големи поморски битки. Тие се ограничија на уништување на логистиката на непријателот на отворено море со напади врз неговите трговски бродови, а подоцна и на војна со подморници. На крајот, иако не можеа да ги спречат сојузниците да ги освојат нивните колонии, сојузот со Турција им дозволи да направат заседа во теснецот и да му се закануваат на Египет.

Офанзивната војна е проследена со рововска војна.

Подеднакво исцрпени, војските застанаа лице в лице во импровизирани огради кои формираа континуирана линија – 780 километри од Северното Море до швајцарската граница. Така војната стана рововска војна.

Од двете страни, тие неуморно работеа на зајакнување на одбранбените организации: мрежи од бодликава жица, засолништа ископани под земја или бетонирани, низа линии во длабочина, артилериски оган, пукање со митралези во крило. Тие се вратија на употребата на оружје кое беше погодно за блиска борба, гранати и фрлачи на бомби, одбранбено оружје напуштено уште од Средниот век, челични шлемови. Но, и од двете страни работеа на усовршување на офанзивните средства за пробивање на непријателските линии: особено тешката артилерија и авијацијата беа развиени до колосални размери. Работеа напорно за да измислат нови уреди, способни да произведат неверојатен ефект на шокирање: во 1915 година, Германците користеа запаливи течности и гасови кои гушеа, а од 1916 година, Французите и Англичаните произвеле тенкови, монтирани на челични синџири. За да се произведе овој огромен воен материјал, неопходно беше да се умножат воените индустрии: војната добиваше сè повеќе научен и индустриски карактер.

Како последица, таа стана и економска војна. Англија, господарка на морињата, ги блокираше германските пристаништа и го попречуваше снабдувањето на Германија (особено со прехранбени производи). Германија одговори со воведување на блокада со подморници (торпедирање на големиот англиски брод Лузитанија, 7 мај 1915 година, повеќе од 1100 жртви).

Војната продолжи во 1915 и 1916 година без решавачки резултати.

Од година во година војната се продолжуваше, се прошируваше, се засилуваше, без да доведе до порешителни резултати од 1914 година. Сојузниците имаа надмоќ во населението, но поради недостиг на подготовка, методологија и пред се` немање единствен правец, во почетокот не знаеја како да ја искористат таа предност. (Англија воведе задолжителна воена служба дури во 1916 година).

1915 година беше обележана со влегувањето во војна на Италија против Австрија, на Бугарија против Србија и сојузниците. Тоа беше пред сè година на источните неуспеси: додека Англичаните и Французите не успеаја во нивните обиди да ги освојат Дарданелите по море и копно, Австро-Германците успеаја да го пробијат рускиот фронт во Галиција, да ги потиснат руските војски, да ја окупираат цела Полска, Литванија и Курландија; потоа, засилени од Бугарите, тие ја здробија српската војска и ја освоија Србија (октомври-декември); Сојузничката хуманитарна експедиција слетала предоцна во Солун, но останала таму и покрај противењето на кралот Константин и ги собрала посмртните останки на српската војска. На Западниот фронт, повеќекратните француски офанзиви (Вакоа, Лез-Епарж, битките на Шампањ и Артоа) резултираа само со десеткување на војниците (400 000 луѓе убиени или затворени). Италијанската војска беше парализирана во редовите на Трисонзо, на патот за Трст.

1916 година беше обележана со влегувањето во војна на Португалија и Романија на страната на сојузниците. Пред сè, тоа беше годината на Верден, најголемата битка на војната поради нејзиното траење и жестокост: враќајќи се на својот план од 1914 година, Германците (Ерих фон Фалкенхајн) сакаа да му нанесат одлучувачки удар на својот главен противник, француската армија. Тие нападнаа пред Верден (21 февруари), но нивните бесни напори, пролонгирани пет месеци, пропаднаа пред тврдоглавиот отпор на Французите, командувани од генералот Филип Петен (1856 – 1951). Изгледаше дека воената надмоќ ќе им помогне на сојузниците, кои од своја страна ја презедоа офанзивата на Сома и во Галиција. Германија во неволја, им ја предаде врховната команда на победниците над Русите, Паул фон Хинденбург (1847 – 1934) и неговиот заменик Ерих Лудендорф (1865 – 1937). Тие успеаја да ја запрат офанзивата на сојузниците и да ја освојат речиси цела Романија.

На отворено море, англиската и германската флота се судрија во големата битка кај Јитланд, без одлучувачки резултати (31 мај 1916 година).

Во 1917 година, подморската војна и Руската револуција ја загрозија сојузничката кауза.

И покрај нејзините освојувања, Германија беше исцрпена од блокадата. За да ги принуди сојузниците на примирје, таа прибегна кон очајни средства, како што е сеопфатна војна со подморници (јануари 1917 година). Новата подморска војна, лишувајќи ги неутралните од правото на слободна пловидба, имаше речиси непосреден ефект: влегувањето во војна на Соединетите Држави против Германија, на повик на претседателот Вилсон (6 април 1917 година). Но, Соединетите Држави имаа само мала армија и интервенцијата во Европа изгледаше тешка, дури и невозможна.

Од друга страна, Германија веруваше дека е спасена од Руската револуција. Лошото водење на војната целосно го дискредитираше царизмот. Револуцијата избувна ненадејно на 11 март 1917 година и Николај II морал да абдицира (15 март). Руската револуција набргу доби карактер на општествена револуција: поддржани од советите, комитетите на работничко-воените делегати и болшевиците, Ленин и Троцки ја презедоа власта и ја oдржаа (7 ноември). Цела Источна Европа беше потопена во анархија. Откако неуспешно предложија општо примирје, болшевиците го склучија примирјето од Брест-Литовск со Германија (декември) и започнаа мировни преговори. Се чинеше дека Германија ја доби битката на исток.

На запад, германската армија, која првично се држеше претпазливо во дефанзива, беше вратена од Хинденбург на цврсти позиции против кои се распадна новата француска офанзива, дури и поневнимателна од претходните (Втората битка на Ена, 16 април). Со трупите донесени од исток, Австро-Германците успеале да го скршат италијанскиот фронт кај Капорето (октомври) и да ја нападнат Венеција до Пиаве.

Знаците на замор се манифестираа кај сите завојувани страни (тајни преговори, бунт, дефетизам). Но, во Франција, доаѓањето на Жорж Клемансо на власт ги оживеа енергиите и стави крај на секоја политика на компромис. Новиот шеф на армијата, Петен, знаеше како да вдахне доверба и да избегне бескорисни масакри.

Во 1918 година, големата битка на Франција завршува со пораз на Германија.

Во март 1918 година, Германија им ги наметна на Русија и Романија договорите од Брест-Литовск и Букурешт. Потоа, по трет пат, реши да ги концентрира сите свои сили на запад и да им зададе решавачки удар на сојузниците пред доаѓањето на Американците на фронтот.

Германската офанзива, која започна на 21 март и траеше до 18 јули и беше предводена од Лудендорф, заврши со големи тактички успеси, но не и со решавачка победа. Благодарение на новиот метод – апсолутна тајност на подготовките, интензивна и кратка артилериска подготовка, масовна употреба на отровни гранати – Лудендорф го реши проблемот со пробивот. Во три наврати, во Пикардија (21 март), во Фландрија (9 април) и на Ена (27 мај), англискиот и францускиот фронт беа разбиени. Германците се приближија до Амиен, Кале и Париз, кои немилосрдно ги бомбардираа со авиони и топови со долг дострел (120 км).

Ситуацијата за сојузниците беше критична. Тие конечно решија да му ја доверат единствената команда на францускиот генерал Фердинанд Фош (26 март). Соединетите Држави го забрзаа испраќањето на свои војници (скоро 10 000 луѓе дневно во јуни). Петен разви нови офанзивни и одбранбени методи (напад без артилериска подготовка, масовна употреба на лесни тенкови и авиони). Во јуни, четвртата германска офанзива на Компиењ беше брзо запрена.

Пресвртот на битката се случи од 15 до 18 јули. Тоа беше втората победа на Марна, одлучувачка епизода од војната. Целосно запрени во нивната офанзива во Шампањ, а потоа ненадејно нападнати од крилото, Германците, како и во 1914 година, мораа да се повлечат од Марна на Ена. Победата на Марна го означи почетокот на големата офанзива на сојузниците. Фош не му даде време на збунетиот непријател да се соземе и да ги надополни своите резерви. Со методично продолжување на битката, тој ги зголеми своите напади на целата линија на фронтот. Германците постојано беа принудени да се повлекуваат поради заканата да бидат опколени. Последователно, сите нивни одбранбени позиции беа разбиени, вклучително и застрашувачката линија Хинденбург (септември-октомври). Сојузниците се вратија во Сен-Кентен, Лаон и Лил.

Во исто време, во Македонија (15 септември) и Палестина (18 септември), решавачките победи ги принудија Бугарија (29 септември) и Турција (30 октомври) да го положат оружјето. Австро-Унгарија се распадна и, поразена од Италијанците на Виторио-Венето (27-30 октомври), ја прекина борбата (3 ноември). За да избегне целосна катастрофа, Германија, среде револуција, ги прифати сите услови наметнати со примирјето од 11 ноември; на 9-ти, Вилхелм II побегнал во Холандија.

Ова е само видливиот дел од операциите, чии карактеристики биле апетитот за освојување, жедта за профит, тајните воени цели и маневрите зад сцената. Но, под големите патриотски изблици се крие една погадна реалност, онаа на жестоката одбрана на одредени интереси.

Само еден пример меѓу многу други ја илустрира лошата реалност: ситуацијата на басенот Бриje-Тионвил.

Светилиште на меѓународниот капитал: басенот Бриje-Тионвил.

Производителите на оружје, меѓу кои главни беа Шарл Проспер Ожен Шнајдер (1868-1942) во Франција и Густав Круп фон Болен унд Халбах (1870—1950) во Германија, беа тесно обединети во еден вид меѓународeн економски монопол чија тајна цел беше да го зголеми огромното богатство на своите членови преку зголемување на военото производство, од двете страни на границата. За таа цел, тие имаа моќни средства да сеат паника меѓу населението на двете земји и за да ги убедат дека другата страна има само една цел: да ги нападне. Многу новинари и парламентарци беа великодушно платени да ја играат таа улога. Згора на тоа, важен француски производител на оружје, Франсоа де Вендел (1874–1949), кој исто така беше делегат, имал за братучед друг германски производител на оружје, Фон Вендел, кој имаше место во Рајхстагот. Тие седеа во првите редови, секој во својата земја, за да купат гласови и да ги слушнат нивните патриотски крици на тревога.

Сите овие убави луѓе – производители на оружје, новинари, парламентарци – лесно успеаја да ги вовлечат двата народа во луда трка во вооружување која ништо не можеше да ја запре до избувнувањето на војната.

Нивните шефови на држави, далеку од тоа што не ги спречија, туку ги охрабруваа. А особено претседателот на Француската Република, Ремон Поенкаре (1860–1934), од Лорен, израснат со мислата за одмазда и подготвен на секаква лага, секакво злосторство, по секоја цена повторно да ги освои Алзас и Лорен.

Токму поради овие различни причини германските и француските војници требаше да се колат меѓусебно.

Тие беа научени да се мразат едни со други, додека производителите на оружје и генералштабовите, братски обединети, задоволно го следеа заткулисно расплетот на драмата што тие заеднички ја предизвикаа.

За да навлеземе подлабоко во причината за оваа огромна измама и да покажеме дека патриотизмот и одбраната на територијата не се ништо повеќе од празни зборови кои се користат за прикривање на најгнасните манипулации, вреди да ја раскажеме приказната за басенот Бриje-Тионвил, бидејќи е карактеристична, симптоматична и, сама по себе, треба да ги одврати луѓето да земаат оружје.

Рудниците за железо од регионот Бриje-Тионвил се протегаа на границите на Луксембург, Франција и Германија. Тие беа во сопственост на француско-германското семејство Де Вендел.

Овој басен беше од капитално значење за текот на војната. Фернан Aнжеран (1867–1938), во говорот одржан во Домот на пратениците, по конфликтот, на 31 јануари 1919 година, рече: „Во 1914 година, само регионот Брије сочинуваше 90% од целото наше производство на железна руда.“

Самиот Поенкаре во друга прилика напишал: „Окупацијата на басенот Брије од страна на Германците беше вистинска катастрофа, бидејќи ќе `и овозможеше на завојуваната страна да располага со неспоредливо металуршко и рударско богатство од огромна корист без разлика која завојувана страна ќе го поседуваше басенот.“

Но, се случи несекојдневен настан: на 6 август 1914 година, басенот беше окупиран од Германците без да наидат на отпор.

Уште поизвонредно: генерал-мајорот задолжен за одбраната на овој регион, генералот Марсиел Жистин Веро (1855–1939), подоцна откри дека неговата наредба (содржана во плик кој требаше да се отвори во случај на мобилизација) формално му пропишала да го напушти Брије без борба.

Вистината, откриена многу подоцна, беше следнава: беше постигнат договор меѓу некои членови на францускиот генералштаб и производителите на оружје да го остават басенот во германски раце за да се продолжи војната (Германците немаше да можат да ја продолжат без железната руда) со цел да се зголеми профитот на производителите на оружје.

Да живее правото на самоодбрана во чие име луѓето се убиваа на боиштата!

Но, оваа приказна – колку и да е поучна! – не завршува тука.

Во текот на целиот конфликт, немаше ниту една француска офанзива против Бриje! Сепак, тоа не беше поради отсуство на предупредувања.

Навистина, во средината на војната, директорот на рудниците ја испрати следнава порака на сенаторот Анри Беранже (1867–1952): „Ако нашите војници го окупираат регионот Тионвил (Брије), производството на Германија ќе се сведе на 7 милиони тони сиромашна руда што ја извлекува во Источна Прусија и во неколку други држави. Целото нејзино производство ќе биде парализирано. Затоа, се чини дека можеме да тврдиме дека окупацијата на регионот Тионвил веднаш ќе стави крај на војната, бидејќи ќе ја лиши Германија од речиси целиот метал што `и е потребен за вооружување.“

Францускиот генералштаб и претседателот на Републиката беа добро информирани за овие факти. На Поенкаре дури му беа доставени целосни досиеја за ова прашање од страна на делегатот Aнжеран.

Поенкаре одби да интервенира. Генералштабот одби да изврши каква било офанзива во близина на Брије.

Во отсуство на офанзива, за повторно преземање на теренот, Брије можеше да биде бомбардиран и постројките ќе беа неупотребливи. Напротив, беа склучени тајни договори меѓу францускиот и германскиот генералштаб за возовите полни со руда што се движеа кон Германија во никој случај да не бидат бомбардирани.

Попатно да кажеме дека, се разбира, истите тие генералштабови исто така решија да не ги уништуваат нивните штабови... Овие две гангстерски банди беа „регуларни“.

Сепак, француските воздухопловци не ги послушаа наредбите и фрлија неколку бомби врз инсталациите во Брије. Тие беа најстрого казнети.

Преку кого се испраќаа забраните за бомбардирање? Преку извесен поручник Лежун – многу моќен, иако едноставен поручник – кој, во цивилниот живот, пред војната, бил инженер и аташе за рудниците од Жоф и вработен кај Франсоа де Вендел.

Жан Галтие-Боасиер (1891–1966):

„За да не се наштети на многу моќните приватни интереси и да се избегне прекршување на тајните договори склучени меѓу француските и германските металурзи, стотици илјади човечки животи беа жртвувани во неефикасни воени претпријатија, освен на едно место: Брије-Тионвил, каде Германија четири години спокојно ги извлекуваше ресурсите за да ја продолжи војната.“

Но, во меѓувреме француско-германското семејство Де Вендел правеше профити!

Ова е само еден пример, меѓу многуте, за договорите меѓу производителите на оружје и владите на завојуваните држави.

Човечките жртви, сепак, беа застрашувачки:

Биланс на жртви во војната од 1914-1918 год.
Мобилизирани 62 110 000
Загинати 8 345 000
Повредени 20 000 000
Цивилни жртви 10 000 000

Мобилизирани Загинати
Русија 12 000 000 1 700 000
Франција 8 400 000 1 350 000
Велика Британија 8 900 000 900 000
Италија 5 600 000 650 000
Соединетите Држави 4 350 000 115 000

Овие бројки зборуваат сами за себе. Ова претставува повеќе од 5000 смртни случаи дневно на сите фронтови за целото времетраење на војната.

Повоениот период

Поразената Германија го потпишува Версајскиот договор.

Примирјето од 11 ноември беше еднакво на капитулација на Германија: бараше од неа да ја предаде својата флота, дел од воениот материјал и да го евакуира левиот брег на Рајна што го окупираа сојузниците. Французите добија ентузијастичен пречек во Алзас и Лорен.

Мирот беше постигнат на Меѓусојузничката конференција во Париз, која беше отворена на 18 јануари 1919 година под претседателство на Клемансо. Беа претставени 27 држави. Во реалноста, сите важни одлуки беа донесени на приватни состаноци помеѓу претседателот на Соединетите Држави Вилсон, британскиот премиер Дејвид Лојд Џорџ (1863–1945) и Клемансо. Уште на 8 јануари 1918 година, претседателот Вилсон ја формулираше својата мировна програма во 14 точки. Оваа програма, која послужи како основа за работата на конференцијата, предвидуваше воспоставување на нов меѓународен поредок, заснован на правото на народите на самоопределување и врз организацијата на генерално здружение на нации. Но, ако масите беа ентузијасти за таквата програма, лидерите и дипломатите беа скептични. За Клемансо, главниот проблем беше да се скрши германскиот капацитет.

По тешки преговори, Версајскиот договор, наметнат на Германија, бил потпишан на 28 јуни 1919 година. Договорот основал Друштво на народите, првично отворено за сојузниците и неутралните и имало задача да ги решава конфликтите преку арбитража. Германија мораше да ги врати Алзас и Лорен на Франција, Позен на Полска (со коридор што `и даваше пристап до Балтикот) и да прифати судбината на Шлезвиг, полска Прусија и Горна Шлезија да се реши на референдум. Покрај тоа, таа се откажа од сите свои колонии. Се обврза да ги надомести сите штети што ги претрпе Франција и нејзините сојузници. Франција, чија територија беше опустошена, доби, како компензација за уништените рудници на север, сопственост над рудниците во Сар (оваа територија беше ставена под меѓународна контрола петнаесет години). Како гаранции против Германија, таа добила: 1. Намалување на германската војска на 100 000 мажи; 2. Привремена окупација на левиот брег на Рајна од страна на сојузничките сили за период од пет до петнаесет години; 3. Ветување за англо-американска помош во случај на агресија (ветување кое подоцна беше поништено поради противењето на американскиот Сенат).

Навистина, по враќањето во Соединетите Држави, претседателот Вилсон не беше во можност да добие ратификација на договорот. Соединетите Американски Држави одбија да се приклучат на Лигата на народите и склучија посебен договор со Германија (1921).

Австро-унгарската и Турската империја се распарчени.

Версајскиот договор беше дополнет со договорите од Сен Жермен со Австрија, од Неји со Бугарија, од Тријанон со Унгарија и од Севр со Турција. Овие договори го иницираа распарчувањето на Австроунгарската и Турската империја и значително го изменија територијалниот статус на централна и источна Европа.

Австрија и Унгарија, одвоени една од друга, станаа мали држави, едната сведена на нејзините германски провинции, а другата на териториите со маџарско население. Нивните словенски провинции беа поделени меѓу воскреснатата Полска, новата држава Чехословачка и Србија трансформирана во „обединето кралство на Србите, Хрватите и Словенците“ или Југославија. Трансилванија беше доделена на Романија, која стана голема држава од 500 000 km2. Италија ја доби Истра со Трст и Трентино. Со Југословените таа го спореше поседувањето на Риека и далматинскиот брег.

Бугарија го загуби секој пристап до морето. Грција ја доби Тракија со Адрианопол (Едирне), а во Азија пристаништето Смирна (Измир). Турција била сведена на територијата на Константинопол во Европа и на Мала Азија или Анадолија. Теснецот останал под меѓународна контрола, Египет под англиски протекторат; другите турски провинции во Азија требало да се организираат во слободни држави и привремено да бидат ставени под старателство на мандаторната власт на Друштвото на народите.

Сите овие договори беа тешки за примена, особено во однос на исцртувањето на новите граници. Можеше да се предвиди дека помирувањето ќе биде долго, болно и прекинато од нови кризи. Но, светот ја положи својата надеж во Лигата на народите. Веќе знаеме што се случи со неа.


Фусноти

[1] Наместо комеморација на славните мртви, овие споменици ја осудуваат војната со ликови на ужалени вдовици и деца, а не со војници. Ваквите споменици предизвикале гнев кај ветераните и војската воопшто. Чувствата се зголемиле толку многу што споменикот во Жантиу-Пижерол официјално бил отворен дури во 1990 година, а војниците во блискиот армиски камп добиле наредба да ги свртат главите кога ќе поминуваат покрај него. (Заб. на прев.)

[2] Александар Самсонов (1859–1914) беше командант на руската втора армија која беше опколена и поразена од германската осма армија во битката кај Таненберг. Засрамен од загубата на армијата, Самсонов изврши самоубиство додека се повлекуваше од бојното поле. (Заб. на прев.)