Фридрих Енгелс

Принципите на комунизмот


Напишано: 1847
Првпат објавено: 1914, од Едуард Бернштајн во Vorwärts
Извор: „Револуција: македонско е-списание за историјата, теоријата и праксата на марксизмот“, „19 Ноември“, 2020, бр. 3, 19-31 стр.
Превод: Васко Гичевски, од англиски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2020


1. Што е комунизмот?

Комунизмот е учењето за условите на ослободувањето на пролетаријатот.

2. Што е пролетаријат?

Пролетаријатот е таа класа во општеството, која што живее потполно од продажбата на нејзиниот труд и не влече профит од никаков капитал, чија среќа и несреќа, чиј живот и смрт, чија егзистенција, зависи од побарувачката на трудот, а со тоа и од промената во бизнисот и неконтролираната конкуренција. Пролетаријатот или класата на пролетери, со еден збор е работничката класа од 19 век.

3. Зарем не постоеше пролетаријатот отсекогаш?

Не. Секогаш имало сиромашна и работничка класа. Работничката класа беше најчесто сиромашна. Не секогаш имало работници и сиромашни луѓе кои живееле во услови како што живеат денес. Со други зборови, не секогаш постоеле пролетери, како што постојат денес во услови на неограничена конкуренција.

4. Како настана пролетаријатот?

Пролетаријатот настана со избивањето на Англиската индустриска револуција (XVIII век) која од тогаш се повторува во цивилизираните земји. На индустриската револуција и претходеше изумувањето на парната машина, механичките разбои и безброј останати машини. Овие машини кои беа многу скапи и можеа да бидат купени само од големите капиталисти. Тие го променија начинот на производство, истиснувајќи ги работниците, бидејќи машините беа поефикасни и произведуваа подобри производи отколку работниците со нивните неефикасни родани и разбои. Ова резултираше со тоа што за скоро, се беше во раце на капиталистите, а ништо во рацете на работниците.

Веќе по првиот импулс, воведувањето на машинерија во производството, таа се рашири во сите гранки особено во текстилната и печатарската индустрија.

Се зголеми поделбата на трудот па така, работникот кој дотогаш произведуваше цел производ, сега правеше само еден дел од него. Поделбата на трудот овозможи да се произведува повеќе и побрзо и поевтино. Активноста на работникот се сведе на едноставни, бескрајно повторливи механички движења, кои можеа да бидат направени подеднакво добро дури и подобро со машините. На овој начин сите индустрии, на овој или оној начин потпаднаа под доминацијата на пареата, машините, на индустрискиот начин на производство кој претходно ги беше презел предењето и ткаењето. Истовремено, сѐ падна во рацете на големите капиталисти, а работниците беа лишени од било која самостојност што им останала. Како што постепено големите капиталисти ги заменуваа мајсторите, поставувајќи огромни работилници, кои заштедуваа и овозможуваа поголема поделба на трудот, постепено ни една манифактура а и занает не влезе во просторот на фабричкиот систем. Еве како во цивилизираните земји од ова време скоро сите работи започнаа да се изведуваат во фабриките и скоро сите манифактурни занимања и занаети беа уништени. Овој процес во поголем степен ја уништи средната класа, посебно малите занаетчии, потполно ги трансформира работните услови на работниците и две нови класи беа создадени. Тие се:

1. Класата на големите капиталисти, кои во цивилизираните земји го имаат ексклузивното право над средствата за живот, инструментите за производство (машини, фабрики) и материјалите потребни за производство на средствата за живот. Ова е буржоазијата.

2. Класата на сите безимотни, кои се обврзани да го продаваат својот труд на буржоазијата со цел да добијат средства за живот. Ова е класата на пролетерите или пролетаријатот.

5. Под кои услови работниот труд се продава на буржоазијата?

Трудот е пазарно добро како и другите пазарни добра и неговата цена се определува по истите закони. Во индустриски режим или во режим на слободна конкуренција, како што ќе видиме, цената на пазарните добра е во просек секогаш еднаква на цената на чинење на производството. Производниот трошок на трудот се состои од прецизна количина на средствата за живот кои ќе овозможат работничката класа да работи и да не изумре. Работникот за неговиот труд ќе добие, не повеќе од она што е потребно за оваа цел. Цената на трудот, платата со други зборови, ќе биде најниска, минимумот потребен за преживување. Сепак, бидејќи бизнисот некогаш е добар а некогаш лош, следи дека работникот некогаш ќе добие помалку односно повеќе добра. Индустријалистот во просек и во добри и во лоши времиња не добива ни повеќе, но ни помалку за неговите пазарни добра од тоа што чинат, слично како што работникот не добива ни повеќе ни помалку од минимумот. Овој економски закон за платите функционира со поголема стриктност во онаа мера во која големата индустрија ги зела во посед сите гранки на производството.

6. Што беше работничката класа пред индустриската револуција?

Работничката класа, соодветно на стадиумот на развој на општеството, живееше во различни услови и развиваше различни односи со поседништвото и владејачката класа. Во антиката, работниците беа робови на нивните сопственици, како што и денес се тоа во многу назадни земји и на југот на САД. Во средниот век тие беа слуги на земјопоседничкото благородништво, како што и денес се во Унгарија, Полска и Русија. За време на средниот век но и подоцна, сѐ до индустриската револуција тие беа наемни работници кои патуваа низ земјата со цел да служат кај некој од многуте буржоаски мајстори. Овие патувачки наемни работници, со развојот на манифактурата подоцна станаа манифактурни работници, кои беа вработувани од уште поголеми капиталисти.

7. На кој начин пролетерите се разликуваат од робовите?

Робот се продава еднаш засекогаш, додека пролетерот се продава себеси секој ден и секој час. Робот кој е сопственост на еден господар, има загарантирана егзистенција, колку и таа да е мизерна, поради интересот на неговиот господар. Пролетерот кој е тукуречи сопственост на целата буржоазија, која го купува неговиот труд, нема загарантирана егзистенција. Ова егзистенција е единствено осигурана само на класата во целина. Робот не учествува во конкуренцијата, додека пролетерот е во неа и ги чувствува сите нејзини тешкотии. Робот се смета за предмет, а не за чинител на општеството. Робот може да има подобра егзистенција од пролетерот, додека пак пролетерот припаѓа на повисок стадиум од општествениот развој, и самиот стои на повисоко општествено ниво од робот. Робот се ослободува тогаш кога приватносопственичките односи ќе ги уништат ропските односи и со тоа станува пролетер, додека пролетерот може да се ослободи само преку укинување на приватносопственичките односи.

8. На кој начин пролетерите се разликуваат од слугите?

Слугата поседува и употребува инструмент за производство, парче земја, во замена за што тој се откажува од дел од неговиот производ или дел од неговата услуга. Пролетерот работи со туѓ инструмент за производство, за сметка на друг, за што пролетерот добива дел од производот. Слугата се откажува, додека пролетерот добива. Слугата има гарантирана егзистенција, пролетерот нема. Слугата е надвор од конкуренцијата, пролетерот е во конкуренцијата. Слугата се ослободува на еден од следниве три начини: бега во градот и станува занаетчија, наместо продукти тој на земјопоседникот му исплаќа определена сума на пари, и со тоа станува слободен човек, го отфрла феудалецот и самиот станува земјосопственик. Поинаку кажано, на еден или друг начин тој навлегува во сопственичката класа и во конкуренцијата. Пролетерот се ослободува преку укинување на конкуренцијата, приватната сопственост и сите класни разлики.

9. На кој начин пролетерите се разликуваат од занаетчиите?

За разлика од пролетерот, таканаречениот занаетчија кој постоеше насекаде во минатото и сѐ уште постои овде-онде, е само привремено пролетер. Неговата цел е да акумулира капитал, со цел да експлоатира други работници. Тој често може да ја оствари оваа цел, онаму каде што сѐ уште постојат еснафите или онаму каде што раскрстувањето со еснафските организации довеле до примена на фабрички методи во занаетот и сѐ уште не ги вовеле во конкурентноста. Набрзо откако беше воведен фабричкиот систем во занаетчиството и конкуренцијата процвета, таа перспектива (претходно наведена б.м) исчезнува и занаетчијата станува сѐ повеќе пролетер. Занаетчијата се ослободува сам себе преку навлегување во буржоазијата, навлегување во средната класа или преку станување пролетер, поради конкуренцијата (како што сега е чест случај). Во овој случај тој може да се ослободи, така што ќе му се приклучи на пролетерското движење, односно повеќе или помалку ќе се приклучи кон комунистичкото движење.

10. На кој начин пролетерите се разликуваат од мануфактурните работници?

Мануфактурниот работник од XVI до XVIII век повеќе или помалку имаше инструмент на производство, неговиот разбој, семејниот родан, мало парче земја кое го обработуваше во слободно време. Пролетерот нема ништо од ова. Мануфактурниот работник скоро секогаш живее во рурална средина, во помал или поголем степен на патријархални односи со неговиот земјопоседник или работодавач, пролетерот пак живее во градот и неговите односи со работодавачот се чисто парични. Мануфактурниот работник се откорнува од неговите патријархални односи преку големата индустрија, губи сѐ што има и така станува пролетер.

11. Кои беа првите последици од индустриската револуција и од општествената поделба на буржоазија и пролетаријат?

Прво, сѐ пониската цена на фабричките производи предизвикана од машинскиот труд, тотално го разруши стариот начин на производство или индустријата базирана на рачен труд. На овој начин сите полуварварски земји, чии индустрии се базираа на мануелната работа, беа принудени да излезат од таа позиција. Ги купуваа поевтините англиски добра и со тоа дозволија нивните мануфактурни работници да бидат уништени. Земји кои не знаеја за прогрес со илјадници години, како на пример Индија, сега попатно беа револуционизирани, па дури и Кина сега е на пат кон револуција. Дојдовме до точка каде една машина произведена во Англија, остава милиони Кинези без средства за живот во текот на една година. На овој начин големите индустрии, ги приближија луѓето ширум светот, ги споија сите локални пазари во еден светски пазар, ја раширија цивилизацијата и прогресот насекаде, се осигураа она што се случува во цивилизираните земји да има влијание и во другите земји. Од тоа следи дека ако работниците во Англија и Франција се ослободат себеси, ќе започнат низа револуции и во другите земји со што ќе се ослободи нивната сопствена работна класа.

Второ, насекаде каде мануфактурата е отстранета од големите индустрии, буржоаската класа се разви до точка таа да е доминантна класа. Резултат од ова е што буржоазијата ја презеде политичката власт во свои раце и ги отфрли владејачките класи: аристократијата, еснафите и нивниот претставник, апсолутната монархија. Буржоазијата ја анулира моќта на аристократијата односно благородништвото така што земјата ја направи предмет кој се продава и купува и со тоа ги отстрани нивните привилегии. Ги уништи еснафите така што ги укина и им ги одзеде поволностите на мајсторите. На нивно место ја стави конкуренцијата, односно општество каде секој може да има пристап до секоја индустрија, а единствената пречка е недостигот на основниот капитал. Така, воведувањето на слободната конкуренција е јавна декларација дека, од сега па натаму, членовите на општеството се нееднакви само во нивниот капитал, дека капиталот е одлучувачката моќ и дека затоа капиталистите, буржоазијата, станаа водечка класа во општеството. Слободната конкуренција пак е нужна за развојот на големата индустрија, бидејќи тоа е единствената општествена состојба во која големата индустрија ќе успее. Уништувајќи ја општествената моќ на благородништвото и еснафите, буржоазијата ја уништи и нивната политичка моќ. Издигнувајќи се на ниво на доминантна класа, буржоазијата се прокламира за доминантна политичка сила. Ова покрај воведувањето на репрезентативниот систем, кој почива врз буржоаска еднаквост пред законот на слободната конкуренција, во Европски земји зазеде облик на уставна монархија. Во овие уставни монархии, право на глас имаат само оние што имаат определен капитал, поинаку кажано, само членовите на буржоазијата. Овие буржоаски гласачи избираат буржоаски пратеници, кои пак, одбивајќи да гласаат за даноци, избираат буржоаска влада.

Трето, насекаде пролетаријатот се развива во чекор со буржоазијата. Пропорционално, како што буржоазијата расте во богатство, така се зголемува бројот на пролетери. Штом пролетерите можат да бидат вработени само од капиталот и штом капиталот се шири само преку вработување на труд, следи дека растот на пролетаријатот се одвива по стапка еднаква на развојот на капиталот. Истовремено, овој процес ги влече заедно членови од буржоазијата и пролетаријатот во големите градови, каде индустријата може да се развива, и тоа групирање на поголеми маси го освестува пролетаријатот за неговата сила. Дотолку повеќе, со напредокот на овој процес се измислуваат нови машини кои штедат труд, се изразува сѐ поголем притисок од големата индустрија на платите, кои како што видовме се сведени на минимум и со тоа ја прават положбата на пролетаријатот неподнослива. Со сѐ поголемото незадоволство на пролетаријатот, се зголемува моќта за организирана социјална револуција.

12. Кои беа понатамошните последици од индустриската револуција?

Големите индустрии создадоа од парната и останатите машини средства за бесконечно ширење на индустриското производство, забрзувајќи и намалувајќи ги трошоците. Со производството така олеснато, слободната конкуренција, која нужно се врзува со големата индустрија, зазеде најекстремните форми; мноштво капиталисти ја окупираа индустријата и за кратко време беше произведувано повеќе отколку што беше потребно. Како последица произведените добра не можеа да бидат продадени и изби таканаречена трговска криза. Фабриките мораа да бидат затворени, сопствениците банкротираа, а работниците останаа без леб. Длабока мизерија завладеа насекаде. По определено време, производите во залиха беа продадени, фабриките повторно се отворија, бизнисот беше подобар од било кога претходно. Не помина долго време кога повторно се произведоа вишок добра и изби нова криза, следејќи го курсот на претходната. Уште од почетокот на овој (XIX б.м) век состојбата во индустријата флуктуираше меѓу периоди на кризи и просперитет, скоро на секои седум години избиваше нова криза, секогаш со најсилен удар врз работниците и секогаш придружувана од револуционерни вриења, со сериозна опасност по општиот поредок.

13. Што следи од овие периодични трговски кризи?

Најпрво, големата индустрија која ја создаде слободната конкуренција, сега ја надмина истата. За големите индустрии слободната конкуренција и генерално индивидуалистичката организација станаа синџири, кои мора и ќе се искинат. Онолку долго колку што опстојува големата индустрија во сегашната состојба, може да биде одржувана единствено по цена на хаос во секоја седма година, секој пат заканувајќи се на целата цивилизација, не само што ќе ги заглавува пролетерите во подлабока мизерија, туку и ќе уништува дел од буржоазијата. Големата индустрија е нешто од кое што мора да се откаже, што од друга страна пак не е можно, а тоа остава простор за неизбежната нужност за една потполно нова општествена организација, во која производството нема да е водено од простата конкуренција на индустријалците, туку од целото општеството кое работи според план, водејќи сметка за потребите на сите.

Второ, големата индустрија и безграничното ширење на производството, во рамките на возможното носат општествен поредок, каде се произведува толку многу што секој член на општеството ќе може слободно да ги практикува и развива сите негови сили и способности. Изгледа дека истите овие квалитети кои во ова општество предизвикуваат мизерија и кризи, се истите тие кои во поинаков општествен поредок ќе ја анулираат мизеријата и катастрофалните кризи. Со голема јасност се забележува, дека сите овие зла се должат на општествениот поредок кој повеќе не кореспондира со реалноста и дека е можно, преку еден нов општествен поредок, заеднички да се справуваме со злото.

14. Каков треба да биде овој нов општествен поредок?

Пред сѐ треба да се преземе контрола врз индустријата од сите гранки на производството од рацете на заемно конкурентните индивидуи и да се воспостави систем во кој сите овие гранки од производството се раководени од општеството, како целина, за заедничка полза, по заеднички план, со учество на сите членови на општеството. Поинаку кажано, да се анулира натпреварот и да се замени со кооперацијата. Дотолку повеќе што, индивидуалното управување со индустријата неопходно имплицира на приватна сопственост и штом конкуренцијата е реалност, безмалку форма на контрола во индустријата преку која приватното сопствеништво се истакнува себеси, следи дека приватното сопствеништво не може да се одвои од конкуренцијата и индивидуалното управување на индустријата. Затоа приватната сопственост мора да се укине, на нејзино место да дојде општа утилизација на инструментите за производство и дистрибуција на сите продукти, според општа согласност, со еден збор ова се нарекува заедничка сопственост над добрата. Во суштина, укинувањето на приватната сопственост е најкраткиот и најзначајниот пат за да се карактеризира револуција на целокупниот општествен поредок, која се постави за нужност следствено на развојот на индустријата и поради оваа причина со право е застапувана од комунистите.

15. Не беше ли можно укинувањето на приватната сопственост претходно?

Не. Секоја промена во општествениот поредок, секоја револуција во сопственичките односи е нужна последица од создавањето на нови производни сили, кои повеќе не се вклопуваа во старите сопственички односи. Приватната сопственост не постоеше отсекогаш. Кон крајот на средниот век, се издигна нов начин на производство, кој не можеше да биде вклопен во постоечките феудални и еснафски форми на сопствеништво, оваа мануфактура ги надрасна старите сопственички односи, создаде нова сопственичка форма, приватната сопственост. Во почетниот стадиум и за мануфактурата и за големата индустрија, приватната сопственост беше единствена можна општествена форма, општествениот поредок базиран на тоа беше единствениот можен поредок. Онолку долго колку што не е можно да се произведе за да има доволно за сите, со што повеќе остаток, кој ќе служи за ширење на општествениот капитал и средствата за производство, онолку долго колку што ова не е можно, секогаш мора да постои владејачка класа, која ги контролира општествените производни сили, и сиромашна опресирана класа. Како овие класи се конституирани, зависи од степенот на развој. Аграрниот среден век ни го дава баронот и слугата, градовите од доцниот среден век ни го покажуваат мајсторот и наемниот работник, XVII век ги има своите мануфактурни работници, XIX век има сопственици на големи фабрики и пролетаријат. Јасно е дека до сега производните сили никогаш не се развиле до тој степен кога може доволно да се произведе за сите и дека приватната сопственото е синџирот и занданата, во однос на идниот развој на средствата за производство. Сега веќе развојот на големата индустрија влезе во нов период. Капиталот и силите за производство се развија на досега недостигнато ниво и има можност истите нелимитирано да се развиваат. Силите на производството се концентрирани во рацете на малкумина буржуи, додека сѐ поголеми маси на луѓе паѓаат во пролетаријатот и нивната состојба е неиздржлива споредена со онаа на буржоазијата каде постојано се зголемува богатството. За крај, овие моќни и неограничени производствени сили ги надминаа приватната сопственост и буржоазијата, што дури се закануваат да ги ослободат најнасилните нарушувања на општествениот поредок. Сега под овие услови укинувањето на приватната сопственост стана не само можност туку и нужност.

16. Можно ли е мирно уништување на приватната сопственост?

Пожелно е да се случи на тој начин, а комунистите би биле последните кои би се спротивставиле на ова. Комунистите знаат дека заговорите не само се бескорисни туку се и опасни. Тие знаат дека револуциите не се случуваат со умисла или арбитрарно, туку секогаш и секаде тие биле нужни последици од состојби кои се наполно независни од волјата на определени партии и цели класи. Тие исто така согледуваат дека, развојот на пролетаријатот во сите цивилизирани земји е насилно опресиран и на овој начин противниците на комунизмот одработуваат за револуцијата со сите нивни сили. Доколку опресираниот пролетаријат е втурнат кон револуција, тогаш ние комунистите ќе ги браниме интересите на пролетаријатот со дела, како што сега ги браниме со зборови.

17. Ќе биде ли можно да се укине приватната сопственост со еден удар?

Не, не повеќе од постоечките производствени сили можат со еден удар да бидат мултиплицирани на ниво неопходно за формирање на едно комунално општество. Општо земено, најверојатно пролетерската револуција ќе го трансформира постоечкото општество постепено и ќе биде во можност да ја укине приватната сопственост, тогаш кога ќе има доволно средства за производство.

18. Кој ќе биде текот на оваа револуција?

Над сѐ ќе биде воспоставен демократски устав и преку ова директна или индиректна доминација на пролетаријатот. Директно во Англија, каде пролетерите веќе се мнозинство меѓу народот. Индиректно во Франција и Германија, каде мнозинството од народот не се состои само од пролетери, туку од селани и жални буржуи кои скоро ќе попаднат во пролетаријатот, кои се позависни во нивните политички интереси од пролетаријатот и мораат во скоро да се прилагодат на барањата на пролетаријатот. Можеби ова ќе чини уште една борба, но исходот може да биде само победа на пролетаријатот. Демократијата ќе биде потполно безвредна за пролетаријатот доколку не се користи како средство против приватната сопственост и за осигурување на живеачката на пролетаријатот. Главните мерки, кои се јавуваат како неопходен резултат од постоечките односи се следниве:

1. Ограничување на приватната сопственост преку прогресивен данок, големи такси за наследување, укинување на наследувањето преку колатерална линија (браќа,внуци, итн.) присилни заеми и др.

2. Постепена експропријација на земјопоседниците, индустријалците, железничките магнати, бродосопствениците, делумно преку конкуренција од државната индустрија, делумно преку компензација во форма на обврзници.

3. Конфискација на имотот на сите емигранти и бунтовници против мнозинството.

4. Организација на трудот или вработување на пролетерите на земја со општествена сопственост, во фабрики и работилници, со укината конкуренција помеѓу работниците, преку фабрикантите кои доколку сакаат да постојат треба да исплаќаат плати онолку високи колку оние исплаќани од државата.

5. Еднаква обврска за сите да работат сѐ додека приватната сопственост не е потполно укината. Формирање на индустриски армии, особено во земјоделството.

6. Централизирање на парите и кредитите во рацете на државата преку национална банка со државен капитал и укинување на приватните банки и банкари.

7. Зголемување на бројот на национални фабрики, работилници, бродови, железници, воведување на нови земјишта за обработување и култивација и подобрување на веќе култивираната земја, сѐ во пропорција со развојот на капиталот и работната сила на располагање на земјата.

8. Едукација на децата, веднаш штом ќе можат да ја напуштат мајчината грижа, во национални институции, на национален трошок. Едукација и производство заедно.

9. Градби на јавни површни, големи палати како комунални резиденции за здружените групи на граѓани вклучени во индустријата и земјоделството, комбинирајќи ги во својот живот предностите на урбаните и руралните услови, одбегнувајќи ја едностраноста и назадноста.

10. Рушење на сите нестабилни и лошо изградени објекти во урбаните средини.

11. Еднакви наследни права за децата родени во брачна и вонбрачна заедница.

12. Концентрација на превозните средства во рацете на нацијата.

Невозможно е, секако, да се спроведат сите овие мерки одеднаш. Но една ќе следи по друга. Еднаш штом првиот радикален удар ќе биде нанесен врз приватната сопственост, пролетаријатот ќе се најде во ситуација да е присилен да продолжи понатаму да го концентрира во рацете на државата целиот капитал, земјоделие, транспорт, трговија. Сите претходно споменати мерки се насочени кон овој правец, тие ќе бидат практични и во можност да произведат централизирачки ефект на ниво на кое што пролетаријатот ќе може да ги мултиплицира силите на производството на земјата. За крај, кога целиот капитал, целото производство, целата размена, ќе бидат во рацете на нацијата, приватната сопственост ќе исчезне сама од себе, парите ќе станат непотребни и производството ќе се шири, а човекот ќе може да ги отсече било кои остатоци од старите економски навики.

19. Дали е можно оваа револуција да се случи само во една земја?

Не. Преку креирањето на светскиот пазар, големата индустрија веќе ги зближи луѓето, особено оние од цивилизираните земји, така што никој не е независен од она што му се случува на другиот. Понатаму таа го координираше општествениот развој на цивилизираните земји на ниво во кое што буржоазијата и пролетаријатот станаа одлучувачки фактори, а нивната меѓусебна битка е големата битка на денот. Следи дека комунистичките револуции нема да бидат национален феномен, туку симултано ќе се случат, во скоро сите цивилизирани земји, во најмала рака барем во Англија, Америка, Франција и Германија. Ќе се развие во сите тие земји, помалку или повеќе брзо, сходно на тоа дали една или друга земја има поразвиена индустрија, поголемо богатство, позначајна количина на производни сили. Најбавно и со најмногу пречки ќе се одвива во Германија, а најбрзо и со најмалку пречки во Англија. Ќе има силно влијание врз другите земји во светот и радикално ќе го измени текот на развојот, кој го следеле до сега, забележливо забрзувајќи го чекорот. Тоа е универзална револуција и следствено на тоа ќе има универзален опсег.

20. Кои ќе бидат последиците од конечното исчезнување на приватната сопственост?

Општеството ќе ги преземе сите средства за производство и трговија, исто како и средствата за размена и транспорт на продуктите, од рацете на капиталистите и ќе ги менаџира истите според план, базиран врз достатноста на производите и потребите на општеството. На овој начин најважно е тоа што ќе се анулираат штетните последици, кои сега се поврзуваат со големата индустрија. Нема да има повеќе кризи, проширеното производство, кое за постоечкиот систем е вишок и со тоа е причина за мизерија, тогаш ќе биде недоволно и со потреба за понатамошно проширување. Наместо да генерира мизерија, вишокот на производство ќе досегне отаде елементарните потреби на општеството за да осигури задоволување на потребите на сите, ќе создаде нови потреби, а со тоа и нови начини да се задоволат. Тоа ќе стане услов и поттик за нов прогрес кој нема да го фрла целиот општествен поредок во хаос, како што прогресот секогаш правел во минатото. Големата индустрија, слободата од притисокот на приватната сопственост, ќе доживее таква експанзија, што таа што сега ја гледаме ќе се чини бедна при споредбата, како што мануфактурата изгледа во споредба со големата индустрија од нашите дни. Овој развој ќе обезбеди доволно продукти за да се задоволат потребите на сите. Истото ќе се случува и кај земјоделието, кое исто така страда од притисокот на приватната сопственост и е уназадено од поделбата на мали парцели во приватна сопственост. Тука постоечките подобрувања и научни процедури ќе бидат ставени во пракса, кои ќе резултираат со исчекор напред, кој на општеството ќе им ги осигури сите продукти кои му се потребни. На овој начин мноштвото на производи ќе ги задоволи потребите на сите. Поделбата на општеството на различни класи меѓусебно спротивставени, тогаш ќе биде непотребна. Навистина не само што ќе биде непотребна, туку истата нема ни да се толерира. Постоењето на класите потекна од поделбата на трудот и, како што е позната до сега, поделбата на трудот наполно ќе исчезне. За механичките и хемиските процеси не е доволно земјоделското и индустриското производство да се издигне на претходно опишаното ниво, капацитетот на луѓето кои ќе ги користат овие процеси треба исто така да се развиваат. Исто како што мануфактурните работниците од минатиот век го променија нивниот начин на живот под влијанието на големата индустрија, на ист начин комуналната управа врз производството, контролирано од општеството како целина и новиот поредок кој ќе произлезе од тоа, ќе изискува еден сосема друг човеков материјал. Луѓето нема веќе да бидат подредени на една гранка од производството, врзани за неа и експлоатирани, тие нема веќе да развиваат еден избор за сметка на останатите, тие веќе нема да знаат само една гранка од производството како целина. Дури и денешната индустрија ги смета овие луѓе за сѐ помалку корисни. Општествено контролираната индустрија, управувана според план, претпоставува добро оформени човечки битија со погледи формирани на модерен начин, овозможувајќи им да го согледаат системот на производство во целина. Поделбата на трудот која веќе денес е поткопана од машините, која го претвора едниот во чевлар другиот во селанец, третиот во фабрички работник, четвртиот во берзански шпекулант ќе исчезне сосема. Образованието ќе им овозможи на младите луѓе да се запознаат со системот на производство во целина и да преминуваат од една гранка во друга, сходно на општествените потреби и нивните желби. На овој начин тие ќе се ослободат од едностраноста која денешниот систем на поделба на трудот ја наметнува врз секој поединец. Комунистичкото општество на овој начин ќе овозможи на неговите членови потполна употреба на нивните обемно развиени способности. Кога ова ќе се случи, класите неопходно ќе исчезнат. Од ова следи дека општеството изградено на комунистичка основа е несоодветно за класната поделба и градењето на такво општество значи укинување на класите. Последица на ова ќе биде и исчезнувањето на разликите помеѓу градот и селото. Управувањето со индустријата и економијата од страна на една обединета група на луѓе наместо од две различни класи, во услови на комунистичкото здружување е неопходно. Ширењето на земјоделците на земјата, како и натрупувањето на индустриското население во градовите е ситуација која соодветствува на неразвиеност на земјоделството и индустрија, што уште од сега се согледува дека може да биде пречка за понатамошниот развој. Општата соработка помеѓу сите членови на општеството со цел планско користење на средствата за производство, раширување на производство на ниво на кое сите ќе бидат задоволени, укинување на состојбата каде потребите на едни се задоволуваат на штета на други, комплетно уништување на класите и нивните судири, целосен развој на потенцијалот на членовите на општеството преку укинување на поделбата на трудот, преку индустриско образование, преку активирање во различни активности, преку заедничко плодоуживање од заедничкиот труд, преку комбинација на селото и градот. Ова ќе бидат главните придобивки од укинувањето на приватната сопственост.

21. Кое ќе биде влијанието на комунистичкото општество врз семејството?

Ќе ги трансформира односите помеѓу половите на потполно приватно ниво, што ќе ги засега само членовите вклучени, при што остатокот од општеството не ќе може да се меша. Ова може да се постигне со укинување на приватната сопственост, едукација на децата на колективна општествена-комунална основа. На овој начин се укинуваат двете основи на традиционалните бракови, приватно-сопственичката зависност на жената од мажот и на децата од родителите. Тука е и одговорот на „морални филестинци“ на прашањето за „женските заедници“. Женските заедници се одлика на буржоаските општества и тие потполно се отсликуваат преку проституцијата. Проституцијата е базирана на приватната сопственост и паѓа со неа. На овој начин женските заедници ќе бидат укинати.

22. Каков ќе биде односот на комунизмот кон постоечките националности?

Националностите, заедници на луѓето кои се групираат врз таа база, ќе бидат обврзани да се мешаат со други групи и како резултат на ова мешање тие ќе се расформираат, исто како што ќе бидат уништени класите по укинувањето на приватната сопственост.

23. Каков ќе биде односот кон постоечките религии?

Сите религии се израз на историскиот развој на определени поединци или групи. Комунизмот е фаза на општествен развој каде религиите ќе бидат надминати и ќе исчезнат.

24. Како комунистите се разликуваат од социјалистите?

Таканаречените социјалисти се делат во три групи:

- Првата категорија се состои од приврзаниците на феудалното и патријархалното општество, кое го уништи и секој ден го доуништува крупната индустрија, светската трговија и буржоаското општество кое тие го создадоа. Од неволјите на сегашното општеството таа заклучува дека треба повторно да се воспостави патријархалното и феудалното општество, зошто во него ги немало тие неволји. Сите нивни предлози се насочени направо или заобиколно кон таа цел. Комунистите секогаш ќе се борат решително против таа категорија на реакционерни социјалисти, без оглед на нивните врели солзи и божемното сочуство за пролетаријатот поради следниве причини: 1. се стремат кон нешто невозможно; 2. се обидуваат да ја воспостават власта на аристократијата, еснафските мајстори, враќање на апсолутните или феудалните монархии, властодршци, војници и свештеници, општество кое ги немаше денешните неволји, но кое донесе подеднакво толку зла без и воопшто да ја понуди перспективата за ослободување преку комунистичка револуција; 3. во моментот кога пролетерите ќе станат револуционери, социјалистите ќе си ја покажат вистината боја, поткрепувајќи ги буржуите против комунистите.

- Втората група се состои од приврзаници на сегашното општество, кај кои е разбуден стравот од бедата што произлегува од општеството, разбуден е стравот за неговиот опстанок. Тие значи се стремат да го одржат сегашното општество, но да ги отстранат неволјите што се сврзани со него. За таа цел едни од нив предлагаа обични мерки за подобрување, други грандиозни планови за реформи, кои под изговор на реорганизирање сакаат да го задржат основите на ова сегашно општество, а со тоа и самото општество. Против овие буржоаски социјалисти, комунистите исто така треба да водат непрестајна борба, зашто нивната дејност ѝ користи на непријателите на комунистите и зошто тие го бранат општествениот поредок што комунистите сакаат да го срушат.

- Најпосле третата категорија се состои од демократските социјалисти кои ги сакаат дел од мерките кои комунистите ги пропагираат, како што е опишано во прашањето 18, но не како пат за премин во комунистичко општество, туку како мерки кои ќе ја намалат мизеријата и неволјите на денешното општество. Овие демократски социјалисти или се пролетаријат на кои сѐ уште не им се условите за ослободување или пак се претставници на жалната аристократија, класа која пред постигањето на демократија преку социјалистички мерки има слични интереси како и пролетаријатот. Следи дека комунистите во моментите на акција ќе мора да дојдат до заедничко решение и да следат една заедничка политика, под услов да не им помагаат на буржоазијата против комунистите. Јасно е дека оваа форма на соработка не ја исклучува дискусијата за меѓусебните разлики.

25. Кој е односот на комунистите кон другите партии од нашето време?

Односот е различен во различни држави. Во Англија, Франција и Белгија каде што владее буржоазијата, комунистите засега уште имаат заеднички интереси со разните демократски партии и тоа до толку поголем, колку што демократите се доближуваат до целта на комунистите во социјалистичките мерки што сега насекаде ги пропагираат т.е. доколку појасно и поопределено ги застапуваат интересите на пролетаријатот и доколку повеќе се потпираат на пролетаријатот. Во Англија, на пример, работничките чартисти кои се состојат од работници им се поблиски на комунистите отколку демократската ситна буржоазија или таканаречените радикали. Во Америка каде има демократски устав, комунистите ќе мора да се поврзат со онаа партија која што овој устав ќе го сврти против буржоазијата и ќе го искористи за интересите на пролетаријатот, т.е со приврзаниците на националната аграрна реформа. Во Швајцарија радикалите, иако прилично измешана партија, сепак се единствените со кои комунистите можат да соработуваат, а меѓу тие радикали, водските и женевските се меѓу најразвиените. Во Германија, најпосле, најголемата битка се води меѓу буржоазијата и апсолутната монархија. Но бидејќи комунистите не можат да влезат во директен судир со буржоазијата, додека буржоазијата не е владејачка класа, во интерес на комунистите е да ја доведат буржоазијата на власт, за да можат потоа што побргу да ја симнат од власт. Според тоа комунистите во борбата меѓу либералната буржоазија и владата мора да ја поддржат првата, но да внимаваат да не западнат во лажните ветувања на буржоазијата, ветувањата за наводни придобивки, кои пролетаријатот би ги имал по победата на буржоазијата. Придобивките кои комунистите ќе ги добијат од победата на буржоазијата се разни концесии кои ќе ја произведат унифицираноста на пролетаријатот како класа и борбена група и со сигурност, истиот ден кога ќе падне монархијата ќе започне борбата помеѓу буржоазијата и пролетаријатот. Од тој ден политиките на пролетаријатот ќе бидат еднакви со оние каде буржоазијата веќе ја има власта.