Роза Луксембург
Кон Руската револуција

 

IV

Сакаме тоа поблиску да го истражиме преку неколку примери.

Истакната улога во политиката на болшевиците одигра познатото распуштање на Уставотворното собрание во ноември 1917 година. Таа мерка беше решавачка за понатамошната позиција на болшевичката политика, во извесна смисла беше пресвртна точка на нејзината тактика. Факт е дека Ленин и другарите до својата октомвриска победа бурно бараа свикување на Уставотворното собрание, дека токму политиката на одолговлекување на владата на Керенски во врска во таа работа беше едно од обвинувањата на болшевиците против таа влада и им даваше повод за најжестоки истапувања. Да, Троцки во својата интересна статија „Од Октомвриската револуција до Брестскиот мир” кажува дека октомврискиот пресврт беше „спас за Конституантата” токму како што и за револуцијата воопшто. „И кога рековме” - продолжува тој - „дека влегувањето во Уставотворното собрание не води преку пред-парламентот на Церетели, туку преку заземањето на власта од страна на советите, бевме потполно искрени.”

А сега, по сите овие објави, првиот чекор на Ленин по Октомвриската револуција беше - распуштањето на истото Уставотворно собрание на кое требаше да му обезбеди влез. Кои се причините што можеа да наложат таков запрепастувачки пресврт? Троцки во спомнатата статија се изјаснува опширно во врска со тоа, па ќе ги наведеме неговите аргументи:

„Ако месеците пред Октомвриската револуција го означуваа времето на поместување на масите во лево и на елементарен прилив на работници, војници и селани кон болшевиците, тогаш тој процес внатре во партијата на социјалистите-револуционери се изрази во јакнење на левото крило на сметка на десното. Но на партиските листи на социјалистите-револуционери сè уште во три четвртини од случаите доминира старите имиња од десното крило...

На тоа му се придружи и околноста што самите избори паднаа во првите недели по октомврискиот преврат. Веста за промената до која дојде се ширеше релативно бавно во концентрични кругови од главниот град во провинцијата, од градовите во селата. На многу места на селанските маси не им беше сосема јасно што се случило во Петроград и Москва. Тие гласа за 'земја и слобода' и гласаа за своите претставници во земските комитети кои најчесто стоеја под знамето на 'народниците'. Но на тој начин тие гласаа за Керенски и Аксентиев кои ги распуштија тие земски комитети, а нивните членови дозволија да бидат уапсени... Таа состојба на работите јасно предочува во која мера Конституантата беше заостанала зад развојот на политичката борба и партиското групирање.”

Сето тоа е сосема одлично и многу уверливо. Само, зачудува тоа што паметни луѓе како Ленин и Троцки не се сетија на најнепосредниот заклучок што произлегуваше од тој факт. Бидејќи Уставотворното собрание беше избрано одамна пред одлучувачкиот пресврт, октомврискиот преврат,[1] и бидејќи неговиот состав ја одразуваше сликата на надминатото минато, а не на новата состојба на работите, ним само од себе им се наметнуваше решението веќе застареното, значи мртвороденото Уставотворно собрание да го укинат и без одложување да распишат нови избори! Тие ниту сакаа ниту смееја судбината на револуцијата да му ја доверат на собрание кое ја одразуваше вчерашната Русија на Керенски, периодот на колебање и коалиција со буржоазијата. Па добро, единствено остана на нејзино место веднаш да се свика собрание произлезено од обновената, напредната Русија.

Наместо тоа Троцки извлекува заклучок од специјалните недостатоци на Уставотворното собрание што се состана во октомври, уште повеќе тој тие недостатоци ги воопштува до неупотребливост на секое народно претставништво, произлезено од општи сенародни избори, за времетраењето на револуцијата воопшто.

„Благодарение на отворената и непосредна борба за власт, работните маси во најкратко време трупаат мноштво политички искуства и во својот развој брзо се искачуваат од едно скалило на друго. Тромиот механизам на демократските институции онолку побавно го следи тој развој колку што е поголема земјата и колку што е понесовршен нејзиниот технички апарат.” (Троцки, стр. 93).

Тука веќе имаме „механизам на демократските институции воопшто”. Наспроти тоа најпрво треба да се истакне дека во оваа проценка на претставничките установи се изразува по малку шематското, круто сфаќање кое нагласено му противречи на историското искуство речиси од сите револуционерни епохи. Според Троцкиевата теорија секое избрано собрание еднаш за секогаш го изразува само она духовно устројство, политичка зрелост и расположение на своите гласачи какво што беше во моментот кога тие им пристапија на гласачките кутии. Демократското тело според тоа е постојан одраз на масата од времето на изборниот термин, токму како што Хершеловото ѕвездено небо не ги покажува небеските тела какви што се во моментот кога ги гледаме, туку какви што беа во моментот кога од неизмерните далечини ги испратиле своите светлосни гласници. Секоја жива духовна врска помеѓу еднаш избраните и гласачите, секое трајно заемно делување помеѓу нив, тука се одрекува.

Како му противречи на тоа целото историско искуство! Тоа, напротив, ни покажува дека живиот флуид на народното расположение непрекинато ги заплискува претставничките тела, продира во нив, управува со нив. Како инаку би било можно од време на време во секој граѓански парламент да доживуваме најзабавни згоди на „народните претставници”, кои, одеднаш оживеани од некој нов „дух”, произведуваат сосема нови звуци, па од најисушени мумии од време на време се однесуваат младечки, а разните шајдеманчиња одеднаш во своите гради наоѓаат револуционерни тонови - кога се вреви по фабриките, по работилниците, по улиците.

И зарем тоа секогаш живо влијание на расположението и на политичката зрелост на масите врз избраните тела требаше да затаи токму при револуција поради крутата шема на партиските натписи и на изборните листи? Токму обратно! Токму револуцијата со својот вжештен жар ја создава онаа разредена, треперлива, чувствителна политичка атмосфера во која брановите на народното расположение, пулсот на народниот живот, на прекрасен начин за миг ги заплискува претставничките тела. Та токму врз ова се темелат познатите ефектни сцени од почетните стадиуми на секоја револуција при кои старите реакционерни или крајно умерени парламентарци избрани под стариот режим при ограничено избирачко право одеднаш стануваат херојски гласници на превратот, носители на бури и налети. Класичен пример нуди познатиот „Долг парламент” во Англија кој, избран и свикан во 1642 година, седум години остана на своето место и во себе ги одрази сите променливи движења на народното расположение, на политичкото осозревање, на класната диференцијација, на напредувањето на револуцијата до нејзиниот врв, почнувајќи од понизното искричење со круната во времето на „спикерот” кој клечеше на колења, до укинувањето на Домот на лордовите, егзекутирањето на Чарлс и прогласувањето на републиката.

И не се случи ли исто таква чудесна промена во француските општи сталежи, во парламентот на Луј Филип избран според цензус и - последниот најфрапантен пример му е така близок на Троцки - во четвртата руска Дума која беше избрана во летото господово 1909-то[2] под најкрутата власт на контрареволуцијата, за во февруари 1917 година одеднаш да ја почувствува растечката температура на превратот и да стане исходиште на Револуцијата?

Сето тоа покажува дека „тромиот механизам на демократските институции” има силен коректор - токму во живото движење на масите, во нивниот бескраен притисок. И колку е подемократска институцијата, колку е пожив силниот пулс на политичкиот живот на масите, толку учинокот е понепосреден и поточен - и покрај стврднатите партиски натписи, застарените избирачки листи итн. Сигурно, секоја демократска институција има свои ограничувања и слабости, кои секако ги дели со сите останати човечки институции. Само, лекот кои го пронајдоа Троцки и Ленин: отстранување на демократијата воопшто уште полош е од злото што требаше да го излечи: тој, имено, го затрупува самиот жив извор од кој единствено е можно да се коригираат сите вродени недостатоци на општествените институции: активниот, непречен, енергичен политички живот на најшироките народни маси.

Да земеме друг фрапантен пример: изборното право кое го изработи советската влада. Не е сосема јасно какво практично значење му се придава на тоа изборно право. Од критиката на демократските институции од страна на Троцки и Ленин произлегува дека тие начелно ги отфрлаат народните претставништва произлезени од општите избори и дека сакаат да се потпрат само на советите. Не може јасно да се види поради што тогаш општото право на глас воопшто е и воведено. Исто така не ни е познато дали правото на глас било како се спроведуваше во живот; ништо не се има слушнато за изборите за некој вид народно претставништво врз неговата основа. Поверојатна е претпоставката дека тоа остана само теоретски производ на, така да кажеме, зелената маса; но такво какво што е, тоа прави многу чуден производ на болшевичката теорија на диктатурата. Никое избирачко право, како и никое политичко право воопшто, не треба да се споредува со некакви апстрактни шеми на „праведност” и слична буржоаско-демократска фразеологија, туку со општествените и економските односи од кои произлегува. Избирачкото право кое го донесе советската влада наменето е токму за преодниот период од буржоаско-капиталистички до социјалистичкиот општествен облик, за периодот на пролетерска диктатура. Во смисла на толкувањето на таа диктатура, кое Ленин-Троцки го застапуваат, правото на глас им е поделено само на оние што живеат од сопствениот труд, а на сите останати им е ускратено.

Сега е јасно дека таквото избирачко право има своја смисла само во општество кое е и економски способно на сите што сакаат да работат им обезбеди макар и најскромен и културно достоен живот од сопствениот труд. Важи ли тоа за денешната Русија? При огромните потешкотии со кои мора да се бори Советска Русија отсечена од светскиот пазар, лишена од своите најважни извори на суровини, при општо, страшно нарушување на стопанскиот живот, при општиот преврат во производствените односи поради промената на сопственичките односи како во земјоделството така и во индустријата и трговијата, јасно е како на дланка дека безбројни егзистенции се сосема ненадејно искорнати од корен, исфрлени од својата патека, без каква било објективна можност да најдат место во стопанскиот механизам за каква било примена на својата работна сила. Тоа не се однесува само на класата капиталисти и земјопоседници, туку и на широкиот слој среден сталеж и на самата работничка класа. Факт е, ете, дека поради намалувањето на индустријата градскиот пролетаријат масовно се прелева во рамниците за да најде покрив над главата во земјоделското стопанство. При такви околности политичкото право на глас, на кое економска претпоставка му е обврската на сите да работат, наполно е неразбирлива мерка. Според тенденцијата таа треба да ги лиши од политичките права само експлоататорите. И додека продуктивната работна сила масовно се корне од коренот, советската влада често нема што друго да направи освен националната индустрија да им ја препушти на бившите капиталистички сопственици, така кажано, во наем. На сличен начин советската влада се најде присилена во април 1918 година да склучи компромис и со буржоаските потрошувачки задруги. Потоа, како неизбежна се покажа употребата на буржоаските стручњаци. Друга последица на истата таа појава е што државата издржува како црвеногардејци итн. сè повеќе слоеви од пролетаријатот. Во стварноста тоа избирачко право обесправува широки и сè поголеми слоеви од ситната буржоазија и пролетаријатот, зашто стопанскиот организам не предвидува никакви средства за исполнување на нивната работна обврска.

Тоа е неускладеност која го класифицира избирачкото право како утописки, од општествената стварност одвоен производ на фантазијата. И токму затоа, тоа не е сериозно средство на пролетерската диктатура. Тоа е анахронизам, предвремено создавање на правна состојба која е соодветна за една веќе довршена социјалистичка економска основа, а не за преодниот период на пролетерската диктатура.

Имајќи во предвид дека целиот среден сталеж, буржоаската и ситно-буржоаската интелигенција, со месеци по Октомвриската револуција ја бојкотираше советската влада, го парализираше железничкиот, поштенскиот и телеграфскиот сообраќај, школството, управниот апарат, и на тој начин í се спротивставуваше на работничката власт, по себе се подразбира дека тоа наложуваше преземање на сите мерки на притисок против неа: по пат на одземање на политичките права, на економските средства за живеење итн. за да се скрши отпорот преку железна рака. Токму тука до израз дојде социјалистичката диктатура, која не смее да се ужаснува од употребата на сила за да изнуди или спречи одредени мерки во интерес на сите. Наспроти тоа, избирачкото право кое изрекува општо обесправување на сосема широки слоеви на општеството, кое политички ги става вон рамките на општеството, додека економски не е способно во истите тие рамки да направи места за нив, што донесува обесправување не како конкретна мерка за конкретна цел, туку како општо правило со траен учинок, таквото избирачко право не е нужност на диктатурата, туку импровизација неспособна за живот. Ова се однесува и на советите како основа, како и на Уставотворното собрание и на законот за општо право на глас.[3]

Меѓутоа, прашањето не се исцрпува со Уставотворното собрание и со избирачкото право: не требаше да дојде до укинување на најважните демократски гаранции на здравиот јавен живот и на политичката активност на работните маси: слободата на печатот, здружување и собирање, без кои сите противници на советската власт станаа слободни како птици. За тие зафати спомнатата аргументација на Троцки за тромоста на демократските изборни тела ниту од далеку не е доволна. Напротив, очигледен е и неспорен факт дека без слободен, неограничуван печат, без неограничено здружување и собирање, никако не може да се замисли токму власта на широките народни маси.

Ленин вели: буржоаската држава е орудие за угнетување на работничката класа, социјалистичката - за угнетување на буржоазијата. Дека таа едноставно е на глава превртена капиталистичка држава. Тоа поедноставено сфаќање не го зема во предвид она важното: на буржоаската класна власт не ѝ се потребни политичко образование и воспитување на масите, барем не преку извесни тесно повлечени граници. За пролетерската диктатура тоа е животен елемент, воздух, без кого таа не би можела да постои.

„Благодарение на отворената и непосредна борба за власт во државата, работните маси во најкратко време трупаат мноштво политички искуства и во својот развој брзо се искачуваат од едно скалило на друго.” Тука Троцки се побива самиот себе и своите партиски пријатели. Токму поради тоа што ова е точно, со потиснувањето на јавниот живот се затрупува изворот на политичкото искуство и сè поголемиот развиток. Или би морал човек да претпостави дека искуството и развитокот беа неопходни до преземањето на власта од страна на болшевиците, дека го достигнаа највисокиот степен и дека сега станаа одвишни (Говор на Ленин: Русија е убедена за социјализмот!!!).

Во стварноста, обратното! Токму огромните задачи кон кои болшевиците пристапија храбро и решително, бараа најинтензивно политичко образование на масите и собирање политички искуства.

Слобода само за приврзаниците на власта, само за членовите на една партија - колку и да се тие бројни - не е слобода. Слободата секогаш е само слободата на оние што мислат поинаку. Не поради фанатизмот на „праведноста”, туку бидејќи тоа во своето битие го исцрпува сето она што е поучно, благотворно и очистувачко во политичката слобода, а учинокот од тоа битие изостанува ако „слободата” стане привилегија.

Самите болшевици, рака на срце, нема да одрекуваат дека на секој чекор мораа да допираат, да пробуваат, да се обидуваат, да го испитуваат ова или она и дека добар дел од нивните мерки не се бисери. Така мора да биде и ќе ни биде на сите нам кога ќе се зафатиме со тоа - дури и ако приликите и не бидат така тешки насекаде.

Преќутна претпоставка на теоријата на диктатурата во смисла на Ленин-Троцки е дека социјалистичката преобразба е работа за која рецептот се наоѓа во џебот на револуционерната партија, дека тогаш рецептот треба само енергично да се оствари. За жал - или, напротив, за среќа - не е така. Далеку од тоа да биде збир готови прописи кој треба само да биде применуван, остварувањето на социјализмот како економски, општествен и правен систем е работа која лежи во маглата на иднината. Она што го поседуваме во својата програма само се малубројни крупни патокази кои ја покажуваат насоката во која треба да се бараат мерките, а кон тоа уште и се со претежно негативен карактер. Ние само отприлика знаеме што пред сè треба да отстраниме за да му отвориме слободен пат на социјалистичкото стопанство, но кои ќе бидат тие илјадници конкретни практични крупни и ситни мерки потребни за воведување на социјалистичките принципи во стопанството, во правото, во сите општествени односи, не нè учи ниту една социјалистичка партиска програма и ниту еден социјалистички учебник. Тоа не е недостатокот, туку токму предноста на научниот социјализам пред утопискиот. Социјалистичкиот општествен систем мора и може да биде само историски производ роден во школата на сопственото искуство, во моментот на остварувањето, од настанувањето на живата историја кој токму како органската природа, чиј дел е на крајот на краиштата, има убав обичај заедно со некоја реална општествена промена секогаш да носи и средства за нејзино задоволување, заедно со задачата истовремено да го носи и решението. А ако е така, тогаш е јасно дека социјализмот по својата природа не може да се октроира, да се воведува со укази. Негова претпоставка е низа насилни мерки - против сопственоста итн. Она негативното, разградувањето, може да се декретира, изградбата, позитивното, не. Нова земја. Илјада проблеми. Единствено искуството е способно да коригира и да отвора нови патишта. Само животот кој непречено се пени, добива илјада нови облици, импровизацијата, открива творечка сила, самиот ги поправа сите погрешни зафати. Јавниот живот на државите со ограничена слобода е така оскуден, така сиромашен, така шематски, така неплоден токму поради тоа што со исклучување на демократијата се затвораат сите извори на духовно богатство и напредок (Доказ: годината 1905-та и месеците февруари-октомври 1917 година). Како е таму политички, така е и економски и општествено. Во тоа мора да учествува целата народна маса. Инаку, социјализмот се декретира, се октроира на зелена маса од дузина интелектуалци.

Неизбежно потребна е јавна контрола. Инаку, размената на искуства останува само во затворениот круг на службениците на новата влада. Корупцијата е неизбежна (Ленинови зборови, Соопштенија бр. 36). Праксата на социјализмот бара потполна духовна преобразба во масата деградирана од вековите буржоаско класно владеење. Општествен нагон наместо егоистички, масовна иницијатива наместо тромост, идеализам кој ги пребродува сите страдања итн. итн. Никој не го знае тоа подобро, не го опишува поуверливо, не го повторува поупорно од Ленин. Само, целосно греши во средствата. Декретот, диктаторската власт на фабричките надзорници, драконските казни, стравовладата, сето тоа е палијатив. Единствениот пат до препородбата е школата на самиот јавен живот, најнеограничената најширока демократија, јавното мислење. Токму стравовладата деморализира.

Кога ќе отпадне сето тоа, што останува во стварноста? Ленин и Троцки на местото на народното претставничко тело произлезено од општиот народен избор воспоставија совети како единствено вистинско претставништво на работните маси. Но со потиснувањето на политичкиот живот во целата земја, мора сè повеќе да биде осакатуван и животот во советите. Без општи избори, неограничена слобода на печатот и собирањето, слободна борба на мислењата, изумира животот во секоја јавна институција, станува привиден живот во кој единствен дејствителен елемент останува бирократијата. Јавниот живот пополека се заспива, неколку дузини партиски водачи со неисцрпна енергија и безграничен идеализам диригираат и владеат, под нив во стварноста управуваат десетина истакнати глави и од време на време се свикува на состаноци елитата на работништвото за да им ракоплеска на говорите на водачите, едногласно да ги прифаќа предложените резолуции, во основа значи газдување на клика - диктатура, секако, но не диктатура на пролетаријатот, туку диктатура на грст политичари т.е. диктатура во буржоаска смисла, во смисла на владеењето на јакобинците (поместување на конгресот на советите од три на шест месеци!). Па и повеќе: во таа состојба јавниот живот мора да здиви: атентати, стрелање на заложници итн. Тоа е најнадмоќно, објективно правило, кое никоја партија не е во состојба да го заобиколи.

Лениновиот говор за дисциплината и корупцијата.

Засебен проблем од голема важност во секоја револуција е борбата со лумпенпролетаријатот. И ние во Германија ќе имаме работа со тоа насекаде. Лумпенпролетерскиот елемент длабоко е вкоренет во буржоаското општество, не само како посебен слој, како општествен отпадок што посебно џиновски расте во време кога се рушат ѕидовите на општествениот поредок, туку и како интегрирачки елемент на целото општество. Случувањата во Германија - и помалку или повеќе во сите други држави - покажаа како сите слоеви на буржоаското општество лесно се оддаваат на грабежот. Степенувањето помеѓу трговското набивање на цените, криумчарењето, фиктивните зделки, фалсификувањето на животните намирници, изнудувањето, подмитувањето на службениците, крадењето, провалувањето и грабежите така меѓусебно се прелева што исчезнува границата помеѓу граѓанската чест и затворот. Тука се повторува истата појава како редовното брзо расипување на граѓанските доблести кога ќе се пресадат во прекуморските колонијални прилики на странско општествено тло. Со симнувањето на конвенционалните морални и правни прегради и подлоги, буржоаското општество, на кое најдлабок животен закон му е неморалот, експлоатацијата на човекот од човек, непосредно и без инхибиции се оддава на обичното крадење. Пролетерската револуција ќе мора да се бори насекаде со тој свој непријател и орудие на контрареволуцијата.

Па сепак и во врска со тоа теророт е тап, токму меч со две острици. Драконското воено правосудство е немоќно против лумпенпролетерските недела. Да, секој траен режим на вонредна состојба неизбежно води кон самоволие, а секое самоволие го изопачува општеството. Единствено делотворно средство во рацете на пролетерската револуција и тука се: радикални мерки од политичка и општествена природа, најбрзата преобразба на социјалните гаранции за животот на масите и - ширењето на револуционерниот идеализам кој може трајно да се одржи единствено преку интензивно активниот живот на масите при неограничена политичка слобода.

Како што против заразите и клиците на болестите најделотворно средство што чисти и лечи се сончевите зраци, така и самата револуција и нејзиниот принцип на обнова, духовниот живот што таа го предизвикува, активноста и само-одговорноста на масите, значи, најшироката политичка слобода како нејзин облик, е единственото сонце кое лечи и чисти.[4]

Основната грешка на Ленино-Троцкиевата теорија токму е во тоа што диктатурата таа, сосема како и Кауцки, ја спротивставува на демократијата. „Диктатура или демократија” гласи прашањето како кај болшевиците така и кај Кауцки. Тој, се разбира, се одлучува за демократијата и тоа за буржоаската демократија, зашто токму неа ја зема како алтернатива на социјалистичката преобразба. Ленин-Троцки, напротив, се одлучуваат за диктатура наспроти демократијата и на тој начин за диктатура на грст луѓе т.е. за буржоаска диктатура. Тоа се два спротивни пола, и двата подеднакво оддалечени од вистинската социјалистичка политика. Пролетаријатот, кога ќе ја преземе власта, повеќе никогаш не ќе може според добриот совет на Кауцки да се одрекне од социјалистичката преобразба под изговор дека „земјата не е зрела” и да се посвети само на демократијата, а при тоа да не се издаде самиот себе, Интернационалата, револуцијата. Тој треба и мора токму веднаш да отпочне со социјалистички мерки на најенергичен, најнепопустлив, најбезобѕирен начин, значи да врши диктатура, но диктатура на класата, а не на една партија или клика, диктатура на класа т.е. во најширока отвореност, со најделотворно, неограничено учество на народните маси, во најнеограничена демократија. „Како марксисти ние никогаш не сме биле идолопоклоници на формалната демократија”, пишува Троцки. Сигурно дека ние никогаш не сме биле идолопоклоници на формалната демократија. Ние никогаш не сме биле ни идолопоклоници на социјализмот или марксизмот. Дали можеби од тоа не следи дека социјализмот, марксизмот, ако ни е непријатен, можеме а ла Кунов-Ленш-Парвус да го фрлиме во шупа? Троцки и Ленин се жива негација на тоа прашање. Никогаш не сме биле идолопоклоници на формалната демократија единствено значи: секогаш го разликуваме општественото јадро од политичкиот облик на буржоаската демократија, постојано го откриваме тврдото јадро на општествена нееднаквост и неслобода под слатката лушпа на формалната еднаквост и слобода - не за да ги отфрлиме, туку за да ја поттикнеме работничката класа да не се задоволува со лушпата, туку напротив да ја освои политичката власт за да ја исполни со нова општествена содржина. Тоа е историската задача на пролетаријатот, кога ќе дојде до власта, наместо буржоаска демократија да создаде социјалистичка демократија, а не да ја отстрани секоја демократија. Но социјалистичката демократија не започнува дури во ветената земја кога ќе биде создадена подлогата на социјалистичкото стопанство, како готов божиќен подарок за добриот народ кој во меѓувреме верно го поддржуваше грстот социјалистички диктатори. Социјалистичката демократија истовремено започнува со рушењето на класното владеење и со изградбата на социјализмот. Таа започнува во моментот на освојување на власта од страна на социјалистичката партија. Таа не е ништо друго освен диктатура на пролетаријатот.

Секако: диктатура! Но таа диктатура се состои во начинот на примена на демократијата, а не во нејзиното укинување, во енергичното, одлучно зафаќање на добро-стекнатите права и стопанската состојба на буржоаското општество, без кои не може да се оствари социјалистичката преобразба. Но таа диктатура мора да биде дело на класата, а не на едно мало, раководно малцинство во име на класата т.е. таа мора на секој чекор да произлегува од активното учество на масите, да се наоѓа под нивно непосредно влијание, да биде подложна на контролата на целата јавност, да произлегува од сè поголемата политичка школуваност на народните маси.

Токму така би постапувале до сега и болшевиците, да не трпеа од страшните присилби на светската војна, на германската окупација и на сите ненормални потешкотии сврзани со тоа, кои мораат да ја искриват секоја социјалистичка политика исполнета со најдобри намери и најубави начела.

Груб аргумент за тоа е обилната употреба на терор од страна на советската влада и тоа особено во последниот период пред сломот на германскиот империјализам, по атентатот врз германскиот амбасадор. Старата вистина дека револуциите не се натопени со масло од ружи, сама по себе е прилично оскудна.

Сè што се случува во Русија е разбирливо и е ланец на неизбежни причини и последици кому почеток и крај му се: потфрлањето на германскиот пролетаријат и окупацијата на Русија од страна на германскиот империјализам. Би значело од Ленин и другарите да се бара нешто натчовечко, кога од нив во такви околности би се очекувала магијата на најубавата демократија, најпримерната диктатура на пролетаријатот и цветењето на социјалистичкото стопанство. Тие со својот решително револуционерен став, со својата примерна делотворност и со својата нескршлива верност на меѓународниот социјализам навистина го направија сето она што во така ѓаволски тешки прилики би можело да се направи. Опасноста започнува онаму каде што тие од неволјата прават доблест, каде што тактиката која им ја наметнаа тие фатални услови сега во сите делови теориски ја фиксираат и сакаат да му ја препорачаат на меѓународниот пролетаријат како пример на социјалистичка тактика за да ја копира. Како што на тој начин самите себеси без потреба си го затвораат видикот и својата вистинска, историска заслуга ја ставаат помеѓу погрешните чекори кои им се наметнати, така и на меѓународниот социјализам, за чија љубов и за чија волја се бореа и трпеа, му прават лоша услуга кога во своето складиште како нови сознанија сакаат да ги внесат сите пропусти кои на Русија ѝ ги наметаа неволјите и присилбите, а кои на крајот на краиштата беа отсјај на банкротот на меѓународниот социјализам во оваа војна.

Некои германски владејачки социјалисти викаат дека владеењето на болшевиците во Русија е карикатура на диктатурата на пролетаријатот. Ако беше или ако е тоа, тогаш тоа е само зашто тоа беше производ на држењето токму на германскиот пролетаријат, кое беше карикатура на социјалистичката класна борба. Сите ние сме подложни на законот на историјата и социјалистичката општествена преобразба може да се спроведе токму само меѓународно. Болшевиците покажаа дека го умеат сето она што една автентична револуционерна партија е способна да го направи во границите на историските можности. Не треба да сакаат да направат чудо. Зашто примерна пролетерска револуција без грешки би била чудо во земја која е изолирана, која ја исцрпи светската војна, ја задуши империјализмот, ја издаде меѓународниот пролетаријат. Се работи за тоа во политиката на болшевиците да се разликува важното од неважното, јадрото од случајното. Во овој последен период во кој се наоѓаме пред одлучувачките завршни борби во целиот свет, најважниот проблем на социјализмот беше и е токму во акутното прашање на денот: не оваа или онаа подробност на тактиката, туку акционата способност на пролетаријатот, делотворноста на масите, волјата за власт на социјализмот воопшто. Во тој поглед Ленин и Троцки со своите другари со пример му предничат на светскиот пролетаријат, тие сè уште се единствените што можат заедно со Хутен да извикаат: јас се осмелив!

Тоа е она важното и она што останува во болшевичката политика. Во таа смисла ним им припаѓа бесмртната историска заслуга што со освојувањето на политичката власт и со поставувањето на практичните проблеми на остварувањето на социјализмот предничат пред меѓународниот пролетаријат и силно ја приближија пресметката помеѓу капиталот и трудот во целиот свет. Во Русија проблемот можеше само да биде поставен. Тој во Русија не можеше да биде решен. И во таа смисла иднината насекаде му припаѓа на „болшевизмот”.

___________________________

Фусноти

[1] Луксембург овде прави мала грешка. Изборите за Уставотворното собрание беа закажани пред Октомвриската револуција, а се одржаа по нејзиното избувнување (заб. на прев.).

[2] Четвртата Дума сепак беше избрана во 1912 година (заб. на прев.)

[3] На ненумерирано додатно ливче Луксембург кон последново напиша: „Така болшевиците ги означуваа советите како реакционерни, бидејќи во нив мнозинство правеа селаните (селанските и војничките делегати). Откако советите преминаа на нивна страна, станаа вистински претставници на народното мислење. Но тој ненадеен пресврт имаше врска само со мирот и прашањето на земјата.” 

[4] Кон расправата за лумпенпролетаријатот, која веројатно е разработка на следнава белешка, која во ракописот се наоѓа на еден приклучен слободен лист:

„Анархијата и кај нас и насекаде ќе биде неизбежна. Лумпенпролетерскиот елемент се држи до буржоаското општество и не дава да биде одвоено од него.

Докази:

1.      Источна Прусија, пљачкања од страна на „Козаците”.

2.      Генерално избивање на грабежот и кражбата во Германија („криумчарења”, поштенскиот и железничарскиот персонал, потполно бришење на границата помеѓу добро-организираното општество и затворот).

3.        Брз пораст на грабежот од страна на синдикалните водачи. Драконските мерки на терор против тоа се немоќни. Напротив, уште повеќе корумпираат. Единствен противотров: идеализам и општествена активност на масите, неограничена политичка слобода.”