Руската револуција е најмоќниот факт на Светската војна. Нејзиното избувнување, нејзиниот беспримерен радикализам, нејзините трајни последици, најдобро ја покажуваат лажноста на фразата која официјалната германска социјалдемократија на почетокот ревносно ја понуди како идеолошка наметка за освојувачкиот поход на германскиот империјализам: фразата за мисијата на германскиот бајонет да го сруши рускиот царизам и да ги ослободи неговите потиснати народи. Моќниот опсег кој го доби револуцијата во Русија, длабокиот зафат со кој ги тресе сите класни односи, ги придвижува сите општествени и економски проблеми, доследното напредување со фаталноста на нејзината внатрешна логика од првиот стадиум на буржоаската[1] република до сите понатамошни фази - при што рушењето на царизмот е сведено на една скудна епизода, речиси на безначајност - сето тоа покажува како на дланка дека ослободувањето на Русија не беше дело на војната и на воениот пораз на царизмот, не на „германскиот бајонет во германски раце", како што ветуваше уводникот на „Ноје цајт", под уредништво на Кауцки, туку имаше длабоки корени во сопствената земја и одвнатре беше потполно созреано. Воената авантура на германскиот империјализам под идеолошката фирма на германската социјалдемократија не доведе до револуција во Русија, туку само ја прекина за некое време, на почетокот - по нејзиниот прв бурен надоаѓачки наплив од 1911-1913 година - и потоа - по нејзиното избувнување - создавајќи ѝ најтешки, најненормални услови.
Но тој тек, за секој промислен набљудувач, уште е и очигледен доказ против доктринарната теорија која Кауцки ја споделува со партијата на владеjачките социјалдемократи,[2] според која Русија како економски заостаната, претежно аграрна земја, сè уште не е созреана за општествена револуција и за диктатура на пролетаријатот. Таа теорија, која смета дека за Русија е соодветна само буржоаска револуција - па од тоа сфаќање ја изведува и тактиката на коалиција на социјалистите во Русија со буржоаскиот либерализам - воедно е и идеологија на опортунистичкото крило во руското работничко движење, на таканаречените меншевици, под искусното водство на Акселрод и Дан. И двете страни, руските како и германските опортунисти, во тоа начелно сфаќање на Руската револуција, од кое сам од себе се наметнува ставот околу поединечните прашања на тактиката, потполно се согласуваат со германските владеачки социјалисти: според мислењето на сите три страни Руската револуција требаше да се запре при фазата која, според митологијата на германската социјалдемократија, ја утврди германскиот империјализам како своја благородна задача при своето водење на војната: соборувањето на царизмот. Ако револуцијата отиде понатаму од оваа точка, тоа едноставно е грешка на радикалното крило на руското работничко движење, на болшевиците, и сите искривувања со кои се соочи револуцијата следејќи го својот понатамошен тек, сите нарушувања што ги преживува се прикажуваат токму како резултат на оваа кобна грешка. Теоретски од оваа доктрина, која Штампферовиот „Форвертс“ и Кауцки подеднакво ја препорачуваат како плод на „марксистичкото мислење", произлегува изворното „марксистичко" откритие дека социјалистичкиот преврат е национална и, така да се каже, куќна работа на секоја модерна земја земена сама за себе. Се разбира, во синиот чад на апстрактите формули еден Кауцки многу добро знае подробно да ги прикаже светските економски врски на капиталот кои од сите модерни земји прави единствен интегриран организам.
Но руската револуција - производ на меѓународниот развој и на аграрното прашање - не е можно да се реши во границите на буржоаското општество.
Практично, оваа доктрина има тенденција да го ослободи од секоја одговорност меѓународниот и особено германскиот пролетаријат за историјата на Руската револуција, да ги одрекне меѓународните врски на оваа револуција. Не е несозреаноста на Русија она што се докажа од настаните на војната и од Руската револуција, туку несозреаноста на германскиот пролетаријат да ги исполни своите историски задачи и тоа да се направи целосно јасно е првата задача на критичкото разгледување на Руската револуција. Судбината на револуцијата во Русија целосно зависи од меѓународните настани. Тоа што болшевиците ја темелат својата политика целосно врз светската револуција на пролетаријатот е најјасен доказ за нивната политичка далековидност и цврстина на принципите и смел замав на нивната политика. Во тоа се гледа силниот напредок кој го направи капиталистичкиот развој во последното десетлетие. Револуцијата од 1905-1907 предизвика само бледо ехо во Европа. Поради тоа, мораше да остане само почетно поглавје. Продолжението и завршувањето беа поврзани со понатамошниот европски развој.
Јасно, не некритичната апологетика туку продорната промислена критика е единствено способна да донесе богатство од искуства и поуки. Занимавајќи се со првиот експеримент со диктатура на работничката класа во светската историја, кој се случува при најтешки замисливи услови, сред светски пожар и хаос на империјалистички масовни колежи, заробен во челичната јамка на најреакционерните воени сили во Европа и придружен од целосниот неуспех на меѓународниот пролетаријат, би било лудо да се помисли дека сето она направено или ненаправено при експериментот со работничката диктатура при такви ненормални услови претставува врв на совршенството. Напротив, елементарното разбирање на социјалистичката политика и увидот во нејзините историски нужни претпоставки нé присилува да разбереме дека под такви фатални услови дури ни најгиганскиот идеализам и во бури најдокажаната револуционерна енергија не се способни да остварат ниту демократија ниту социјализам, туку само немоќни, искривени чекори за остварување на истите.
Да се направи ова јасно во сите свои темелни аспекти и последици токму е елементарна должност на социјалистите во сите земји; зашто само врз основа на ова горко сознание можеме да ја мериме енормната големина на сопствената одговорност на меѓународниот пролетаријат за судбината на Руската револуција. Понатаму, само врз оваа основа решавачката важност на одлучната меѓународна акција на пролетаријатот може да дојде до израз - како темелен предуслов без кого дури и најголемото залагање и најголемата пожртвуваност на пролетаријатот во една единствена земја неизбежно мора да се заплетка во лавиринт од противречности и грешки.
Нема сомнение дека мудрите глави на чело на Руската револуција, дека Ленин и Троцки на својот трновит пат полн со замки од секаков вид презедоа многу решителни чекори само по најголемо внатрешно колебање и со најсилно внатрешно противење и сигурно ништо не може да биде подалеку од нивните мисли од верувањето дека сите работи што ги направија или што ги оставија ненаправени при услови на остра присиленост и неопходност сред бучниот вртлог од настани треба од страна на Интернационалата да се смета за возвишен пример на социјалистичка политика кон која се соодветни само некритичкиот восхит и ревносно имитирање.
Не помалку погрешен би бил стравот дека критичкото испитување на патот кој досега го измина Руската револуција ќе служи за слабеење на угледот и на фасцинантниот пример на руските пролетери, кои единствено можат да ја совладаат фаталната инерција на германските маси. Ништо не е подалеку од вистината. Будењето на револуционерната енергија на работничката класа во Германија никогаш повеќе нема да може да биде предизвикано, во духот на старателските методи на германската социјалдемократија, од каков било неизвалкан авторитет, без разлика оној на нашите сопствени „инстанци" или оние од „рускиот пример". Не преку создавањето на револуционерно јуришно расположение, туку напротив - само од имањето увид во сета страшна сериозност, сета сложеност на задачите, од политичката зрелост и духовната независност, од способноста за критичко расудување на масите, која германската социјалдемократија со десетлетија под разни изговори систематски ја убиваше, може да се роди историската способност за делување на германскиот пролетаријат. Критичкото анализирање на Руската револуција во сите нејзини историски врски е најдоброто школување за германскиот и меѓународниот работник во врска со задачите со кои се соочува при сегашната ситуација.
_________________________
Фусноти
[1] Германскиот термин “Bürger" (и изведенките од него) на македонски јазик вообичаено се преведуваат со „буржуј" (и соодветно на тоа), иако значењето најчесто му е нешто помеѓу буржоаско и граѓанско. Сепак, имајќи ја на ум традицијата на преведувањето, и во овој превод ќе се оди со таа терминологија, но со напомена до читателите да го имаат ова на ум. Во ретки случаи, како при изразот “bürgerlicher Zierden", преведено е со „граѓански доблести", а не „буржоаски доблести" (заб. на прев.).
[2] Владејачки социјалдемократи или социјалдемократи на мнозинството беа нарекувани оние членови на Социјалдемократската партија на Германија кои дадоа поддршка за војната и кои по отцепувањето на противниците на војната од партијата останаа во матичната партија (заб. на прев.).