Наоми Клајн

Нека се удават:
Насилството на подругувањето во светот што се загрева


Извор: Naomi Klein. Let Them Drown: The Violence of Othering in a Warming World, "London Review of Books", 2.6.2016. Едвард-Саидово предавање, одржано во Лондон на 5 мај 2016 година.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: март 2025


Едвард Саид не беше гушкач на дрвја. Потекнувајќи од трговци, занаетчии и професионалци, тој еднаш се опиша себеси како „екстремен случај на урбан Палестинец чиј однос кон земјата во основа е метафоричен“. Во делото „По последното небо“, што претставува негови размислувања за фотографиите на Жан Мор, тој ги истражуваше најинтимните аспекти на палестинскиот живот, од гостопримството преку спортот до украсувањето на домот. Најмалиот детал – поставувањето рамка за слика, пркосното држење на детето – кај Саид предизвикувал порој од мисли. А сепак, кога ќе се соочел со слики на палестински фармери – како ги чуваат своите стада, како работат по полињата – конкретноста наеднаш исчезнувала. Кои култури се одгледувале? Каква била состојбата на почвата? Достапноста на вода? Ништо не му будело мисли. „Продолжувам да го гледам населението од сиромашни, страдални, повремено колоритни селани како непроменливо и колективно“, признава Саид. Оваа перцепција беше „митска“, утврдува тој – но сепак останала таква.

Ако земјоделството било друг свет за Саид, оние што ги посветиле своите животи на работи како што се загадувањето на воздухот и водата му се чинело дека живеат на друга планета. Разговарајќи со неговиот колега Роб Никсон, тој еднаш го опиша екологизмот како „луксуз на разгалените гушкачи на дрвја на кои им недостига соодветна кауза“. Но, еколошките предизвици на Блискиот Исток е невозможно да ги игнорира секој оној што е завлезен, како што беше Саид, во неговата геополитика. Тоа е регион што е изразито ранлив на топлотните и водните притисоци, на подигањето на морското ниво и на опустинувањето. Еден неодамнешен труд во „Природа, климатски промени“ предвидува дека, освен ако радикално не ги намалиме емисиите и тоа прилично брзо, до крајот на овој век големи делови од Блискиот Исток најверојатно ќе „доживеат температурни нивоа што се неподносливи за луѓето“. И тоа е кажано отприлика онолку директно колку што може да го кажат климатолозите. А сепак, сè уште има тенденција еколошките проблеми во регионот да се третираат како додатни размисли, или како луксузни каузи. Причината не е незнаењето или рамнодушноста. Станува збор само за пропусниот опфат. Климатските промени се сериозна закана, но најстрашните последици се со среден рок. А на краток рок, секогаш има многу поитни закани што треба да се адресираат: воена окупација, воздушни напади, системска дискриминација, ембарго. Ништо не може да се натпреварува со тоа – ниту треба да има обиди тоа да се направи.

Има и други причини зошто екологизмот на Саид можеби му се чинел како буржоаско играње. Израелската држава уште од поодамна го обложи својот проект за градење нација со зелен фурнир - тоа беше клучен дел од ционистичкиот пионерски етос на „враќање кон земјата“. А во тој контекст дрвјата, конкретно, беа меѓу најмоќните оружја за одземање и окупирање на земјата. Не станува збор само за безбројните дрвја маслинки и ф’стаци што се откорнати за да се направи место за населбите и за патиштата исклучиво наменети за Израелците. Се работи и за распростираните шуми борови и еукалиптуси што се насадени врз тие овоштарници, како и врз палестинските села, најозлогласено направено од Еврејскиот национален фонд, кој, под својот слоган „Преобразување на пустината во зелено“, се фали дека од 1901 година до сега во Израел има засадено 250 милиони дрвја, од кои многу не потекнуваат од регионот. Во материјалите за публицитет, ЕНФ себеси се смета за една од низата зелени невладини организации, што се занимава со управување со шумите и водите, со парковите и рекреацијата. Исто така, испаѓа дека тој е најголемиот приватен земјопоседник во Државата Израел, кој, и покрај бројните комплицирани правни предизвици, сè уште одбива да изнајмува или продава земјиште на не-Евреи.

Јас израснав во еврејска заедница во која секоја прилика – раѓање и смрт, Денот на мајката, бар-мицвите – се обележаше со гордо купување на дрво од ЕНФ во чест на дадената личност. Дури откако пораснав, почнав да сфаќам дека тие далечни четинари што прават да се чувствуваме убаво, чии сертификати ги прекриваа ѕидовите на моето основно училиште во Монтреал, не беа бенигни – не беа нешто што само се сади, а подоцна се гушка. Всушност, овие дрвја се меѓу најочебијните симболи на израелскиот систем на официјална дискриминација – оној што мора да биде расклопен за да стане мирниот соживот возможен.

ЕНФ е екстремен и неодамнешен пример за она што некои го нарекуваат „зелен колонијализам“. Но, феноменот не е ниту нов, ниту пак е уникатен за Израел. На американските континенти има долга и болна историја како прекрасни делови од дивината се претворени во конзерваторски паркови – а потоа таа ознака се користила за да се спречат домородните луѓе да пристапат до нивните прадедовски територии за да ловат и рибарат, или едноставно за да живеат. Тоа се случувало одново и одново. Една современа верзија на овој феномен е јаглеродното компензирање [carbon offset]. Домородните луѓе од Бразил до Уганда воочуваат дека некои од најагресивните грабежи на земја го прават конзерваторските организации. Некоја шума одеднаш се ребрендира како јаглеродно компензирање и се прави недостапна за нејзините традиционални жители. Како резултат на тоа, пазарот на јаглеродно компензирање создаде потполно нова класа на „зелени“ кршења на човековите права, при што чуварите на паркови или приватното обезбедување физички ги напаѓаат земјоделците и домородните луѓе кога тие се обидуваат да пристапат до таквото земјиште. Во ваков контекст треба да се гледа коментарот на Саид за гушкачите на дрвја.

А има и повеќе од тоа. Во последната година од животот на Саид, таканаречената „Разделна бариера“ на Израел се ширеше, одземајќи огромни делови од Западниот Брег и одвојувајќи ги палестинските работници од нивните работни места, земјоделците од нивните полиња, пациентите од болниците – и сурово раздвојувајќи ги семејствата. Немаше недостиг на причини за спротивставување на Ѕидот врз основа на човековите права. А сепак, во тоа време, некои од најгласните дисидентски гласови меѓу израелските Евреи не беа фокусирани на тоа. Јехудит Наот, тогашниот израелски министер за животна средина, беше позагрижена поради извештајот што ја информираше дека „Разделната ограда... е штетна за пејзажот, флората и фауната, еколошките коридори и одводот на потоците“. „Сигурно дека не сакам да ја запрам или одложам изградбата на оградата“, рече таа, но „вознемирена сум поради еколошката штета што е вклучена“. Како што подоцна забележа палестинскиот активист Омар Баргути, Наотовото „министерство и Управата за заштита на националните паркови направија вредни спасувачки напори за да се спаси погодениот резерват на ириси со тоа што го преместија во алтернативен резерват. Тие исто така создадоа мали премини [низ Ѕидот] за животните“.

Можеби ова го става во контекст цинизмот за зеленото движење. Луѓето навистина се склони да станат цинични кога нивните животи се третираат како помалку важни од цвеќињата и влекачите. А сепак, има толку многу од интелектуалното наследство на Саид што и ги осветлува и ги разјаснува основните причини за глобалната еколошка криза, толку многу што укажува на начини на кои може да одговориме што се многу поинклузивни од сегашните кампањски модели: начини што не бараат од луѓето што страдаат да се откажат од загриженоста заради војната, сиромаштијата и системскиот расизам и прво „да го спасиме светот“ – туку, наместо тоа, покажуваат како сите овие кризи се меѓусебно поврзани и како решенијата, исто така, би можеле да бидат такви. Накратко, Саид можеби немал време за гушкачите на дрвја, но гушкачите на дрвја мора итно да одвојат време за Саид – и за многу други антиимперијалистички, постколонијални мислители – бидејќи без тоа знаење никако не може да се разбере како завршивме на ова опасно место или да се сфатат трансформациите што се потребни за да нè извлечат. Оттука, она што следи се некои мисли – во никој случај комплетни – за тоа што може да научиме од читањето на Саид во светот што се загрева.

Одење дома

Тој беше и останува меѓу нашите најболно елоквентни теоретичари на егзилот и носталгијата – но носталгијата на Саид, тој секогаш беше јасен, беше за домот што толку радикално беше изменет што веќе вистински не постоеше. Неговата позиција беше сложена: тој жестоко го бранеше правото на враќање, но никогаш не тврдеше дека домот е фиксен. Она што беше важно беше принципот на почитување на сите човекови права подеднакво и потребата ресторативната правда да ги раководи нашите постапки и политики. Оваа перспектива е длабоко релевантна во нашето време на еродирачки крајбрежја, на нации што исчезнуваат под повишените мориња, на корални гребени што одржуваат цели култури, а што сега избелуваат, на еден умерен Арктик. Тоа е така затоа што состојбата на копнеж за една радикално изменета татковина – дом што можеби веќе не постои – е нешто што брзо и трагично се глобализира. Во март, две важни рецензирани студии предупредија дека покачувањето на морското ниво може да се случи значително побрзо отколку што претходно се веруваше. Еден од авторите на првата студија беше Џејмс Хансен – можеби најпочитуваниот климатски научник во светот. Тој предупреди дека, при нашата сегашна траекторија на емисии, се соочуваме со „загуба на сите крајбрежни градови, на повеќето големи градови во светот и на целата нивна историја“ – и тоа не по илјадници години од сега, туку веќе во текот на овој век. Ако не бараме радикални промени, се движиме кон цел свет од луѓе што бараат дом кој веќе не постои.

Саид ни помага да замислиме како тоа би можело да изгледа. Тој помогна да се популаризира арапскиот збор „сумуд“ (да се остане на место, да се додржи): она категорично одбивање да се напушти својата земја и покрај најочајните обиди за иселување, па дури и кога си опкружен со постојана опасност. Тоа е збор што најмногу се поврзува со места како Хеброн и Газа, но може подеднакво да се примени денес за жителите на крајбрежјето на Луизијана што ги подигнаа своите домови на наколци за да не мора да се евакуираат, или за жителите на Пацифичките острови чиј слоган гласи „Ние не се давиме. Ние се бориме“. Во земјите како Маршалските Острови, Фиџи и Тувалу, тие знаат дека е неизбежно толку големо покачување на морското ниво што нивните земји веројатно немаат иднина. Но, тие одбиваат да се грижат само за логистиката на преместувањето и не би го направиле тоа дури и доколку има побезбедни земји што сакаат да ги отворат своите граници – многу големо „доколку“, бидејќи климатските бегалци во моментов не се признати од меѓународното право. Наместо тоа, тие активно се спротивставуваат: блокирајќи ги австралиските бродови со јаглен со традиционални кануа со балансер, нарушувајќи ги меѓународните преговори за климата со нивното незгодно присуство, барајќи многу поагресивна климатска акција. Ако има нешто што вреди да се прослави во врска со Парискиот договор потпишан во април – а, за жал, нема доволно – до тоа дојде поради овој вид принципиелна акција: климатски сумуд.

Но, ова само гребе на површината на она што можеме да го научиме од читањето на Саид во светот што се загрева. Се разбира, тој беше џин во проучувањето на „подругувањето“ – она што во „Ориентализмот“ е опишано како „непочитување, есенцијализирање, соголување на човечкоста на некоја друга култура, народ или географски регион“. А штом другиот биде цврсто утврден, тлото се омекнува за секој престап: насилно протерување, кражба на земја, окупација, инвазија. Затоа што целата поента на подругувањето е дека другиот ги нема истите права, истата човечкост, како оние што ја прават разликата. Каква врска има ова со климатските промени? Можеби сè.

Веќе опасно го загреавме нашиот свет, а нашите влади сè уште одбиваат да ги преземат дејствијата што се неопходни за да се запре овој тренд. Имаше време кога многумина имаа право да тврдат дека не знаат. Но, во последните три децении, откако беше основан Меѓувладиниот панел за климатски промени и започнаа преговорите за климата, ова одбивање да се намалат емисиите е придружено со целосна свесност за опасностите. И овој вид немарност ќе беше функционално невозможен без институционалниот расизам, макар бил и само латентен. Ќе беше невозможно без ориентализмот, без сите моќни алатки на дофат што им овозможуваат на моќните да ги игнорираат животите на помалку моќните. Овие алатки – за рангирање на релативната вредност на луѓето – се она што дозволува отпишување на цели народи и древни култури. И тие се она што го дозволува ископувањето на целиот тој јаглерод.

Жртвени јагниња

Фосилните горива не се единствениот двигател на климатските промени – тука се и индустриското земјоделство и обесшумувањето – но тие се најголемиот. А проблемот со фосилните горива е што тие се толку инхерентно валкани и отровни што бараат жртвени луѓе и места: луѓе чии бели дробови и тела може да се жртвуваат за работа во рудниците за јаглен, луѓе чии земји и води може да се жртвуваат на површинските рудници и излевањето нафта. Не така одамна, во 1970-тите, научниците што ја советувале американската влада отворено зборувале дека одредени делови од земјата се утврдени за „национални жртвени области“. Помислете на планините на Апалачија, разнесени за ископ на јаглен – бидејќи ископувањето јаглен преку таканареченото „отстранување на врвот на планината“ е поевтино од копањето дупки под земја. Мора да има теории за подругувањето за да се оправда жртвувањето на една цела географија – теории дека луѓето што живееле таму биле толку сиромашни и заостанати што нивните животи и култура не заслужуваат заштита. На крајот на краиштата, ако си „ридјак“ [hillbilly], кому му е гајле за твоите ридови? Претворањето на целиот тој јаглен во електрична енергија бараше уште еден слој на подругување: овој пат за градските населби веднаш до електраните и рафинериите. Во Северна Америка, ова се претежно обоени заедници, Црнци и Латино, принудени да го носат отровниот товар на нашата колективна зависност од фосилни горива, со значително повисоки стапки на дишни заболувања и рак. Токму во борбите против овој вид „еколошки расизам“ е родено движењето за климатска правда.

Жртвените зони на фосилни горива се насекаде низ светот. Земете ја делтата на Нигер, отруена со истурена нафта во вредност од еден брод „Ексон Валдез“ секоја година, процес кој Кен Саро-Вива, пред да биде убиен од неговата влада, го нарече „еколошки геноцид“. Егзекуциите на водачите на заедницата, рече тој, беа „сите заради ‘Шел’“. Во мојата земја, Канада, одлуката во Алберта да се ископува катрански песок – особено тежок облик на нафта – бараше да се искинат договорите со Првите нации, договори потпишани со британската круна со кои на домородните народи им се гарантирало правото да продолжат да ловат, риболоват и традиционално да живеат на нивните прадедовски земји. Тоа го бараше, бидејќи овие права се бесмислени кога земјата се сквернави, кога реките се загадени, а лосот и рибите се полни тумори. А станува и полошо: Форт Мекмари – градот во центарот на бумот на катранските песоци, каде што живеат многу од работниците и каде што се трошат голем дел од парите – моментално е среде пеколен пожар. Толку е топло и толку суво. А тоа има врска со она што се ископува таму.

Дури и без вакви драматични настани, ваквиот тип екстракција на ресурси е облик на насилство, бидејќи нанесува толку голема штета на земјата и водата што му носи крај на еден начин на живот, смрт на културите што се неразделни од земјата. Прекинувањето на врската на домородните луѓе со нивната култура порано било државна политика во Канада – наметната преку насилно отстранување на домородните деца од нивните семејства во интернати, каде што нивниот јазик и културни практики биле забранети и каде физичкото и сексуалното злоставување било често. Еден неодамнешен извештај за вистината и помирувањето го нарече „културен геноцид“. Траумата поврзана со овие пластови присилно одвојување – од земјата, од културата, од семејството – е директно поврзана со епидемијата на очај што денес пустоши толку многу заедници на Првите нации. Во една саботна вечер во април, во заедницата на Атавапискатите – население од вкупно 2.000 – 11 луѓе се обиделе да си ги одземат животите. Во меѓувреме, „Де Берс“ оперира рудник за дијаманти на традиционалната територија на заедницата; како и сите екстрактивни проекти, таа ветуваше надеж и можности. „Зошто луѓето едноставно не си заминат?“, прашуваат политичарите и аналитичарите. Но, многумина тоа и го прават. И тоа заминување е поврзано, делумно, со илјадниците домородни жени во Канада што се убиени или исчезнати, често во големите градови. Новинските извештаи ретко го поврзуваат насилството врз жените и насилството врз земјата – често за да се ископаат фосилни горива – но таа постои. Секоја нова влада доаѓа на власт ветувајќи нова ера на почитување на домородните права. Не можат да го исполнат тоа, бидејќи домородните права, онака како што се утврдени во Декларацијата на ОН за правата на домородните народи, го вклучуваат правото да се одбијат проекти за екстракција – дури и кога тие проекти поттикнуваат национален економски раст. А тоа е проблем, бидејќи растот е нашата религија, нашиот начин на живот. Па така, дури и мангупскиот и шармантен нов премиер на Канада е обврзан и решен да изгради нови цевководи до катранските песоци, спротивно на изразените желби на домородните заедници, кои не сакаат да ја ризикуваат својата вода или да учествуваат во понатамошното дестабилизирање на климата.

Фосилните горива бараат жртвени зони: и тие секогаш ги имале нив. И не можете да имате систем изграден на жртвени места и жртвувани луѓе, освен ако не постојат и опстојуваат интелектуални теории што ја оправдуваат нивната жртва: од „Манифестната судбина“ преку Terra Nullius [ничија земја] до ориентализмот, од заостанатите ридјаци до заостанатите Индијанци. Често слушаме дека за климатските промени ја обвинуваат „човечката природа“, инхерентната алчност и кратковидост на нашиот вид. Или ни кажуваат дека сме ја промениле Земјата толку многу и во такви планетарни размери што сега живееме во антропоценот – доба на луѓето. Овие начини на објаснување на нашите сегашни околности имаат многу конкретно, иако неискажано значење: дека луѓето се единствен тип, дека човечката природа може да се есенцијализира според особините што ја создадоа оваа криза. На ваков начин, системите што ги создале одредени луѓе, а на кои други луѓе силно се спротивставувале, целосно се испуштаат од јадицата. Капитализам, колонијализам, патријархија – такви системи. Ваквите дијагнози го бришат и самото постоење на човечки системи што го организирале поинаку животот: системи што инсистираат дека луѓето мора да размислуваат седум генерации во иднината; мора да бидат не само добри граѓани туку и добри предци; мора да земат не повеќе отколку што им е потребно и да ѝ вратат на земјата за да ги заштитат и засилат циклусите на регенерација. Овие системи постоеле и сè уште постојат, но тие се бришат секогаш кога ќе кажеме дека климатската криза е криза поради „човечка природа“ и дека живееме во „доба на човекот“. А тие се под многу реален напад кога се градат мегапроекти, како хидроелектричните брани на Гуалкарке во Хондурас, проект кој, меѓу другото, го одзеде животот на бранителката на земјата Берта Касерес, која беше убиен во март.

Нема каде да се избега

Одредени луѓе инсистираат дека не мора да биде толку лошо. Може да ја исчистиме екстракцијата на ресурси, не мора да го правиме тоа како што се прави во Хондурас, на делтата на Нигер и со катранските песоци во Алберта. Освен што ни снемува евтини и лесни начини да дојдеме до фосилни горива, поради што и гледаме пораст на хидрауличното разбивање карпи [fracking] и екстракција на катрански песоци. Тоа, за возврат, почнува да го оспорува првобитниот фаустовски пакт од индустриската ера: дека најтешките ризици би се префрлиле, натовариле врз другиот – периферијата во странство и внатре во нашите нации. Тоа е нешто што станува сѐ помалку и помалку можно. Хидрауличното разбивање карпи им се заканува на некои од најживописните делови на Британија, како што се шири жртвената зона, проголтувајќи секакви места што себеси се замислувале безбедни. Па така, ова не е само до тоа да се останува без здив колку се грди катранските песоци. Станува збор за разбирањето дека не постои чист, безбеден, неотровен начин да се води економија напојувана од фосилни горива. Никогаш немало таков начин.

Има лавина докази дека нема ниту мирен пат. Проблемот е структурен. Фосилните горива, за разлика од обновливите облици на енергија како ветрот и сонцето, не се широко распространети, туку високо концентрирани на многу посебни локации, а тие локации имаат лоша навика да бидат во земји на други народи. Особено најмоќното и најскапоценото од фосилните горива: нафтата. Ова е причината зошто проектот на ориентализмот, на подругувањето на арапските и муслимански луѓе, беше тивок партнер на нашата зависност од нафта уште од самиот почеток – и, согласно на тоа, нераскинлив дел од компликациите што ги носат климатските промени. Ако нациите и луѓето се сметаат за други – егзотични, примитивни, жедни за крв, како што документираше Саид во 1970-тите – многу е полесно да се водат војни и да се организираат државни удари кога ќе добијат луда идеја дека тие треба да ја контролираат својата сопствена нафта за свои сопствени интереси. Во 1953 година токму британско-американска соработка била таа што ја собори демократски избраната влада на Мухамед Мосадег, откако тој ја национализирал Англо-иранската нафтена компанија (сега „БП“). Во 2003 година, точно педесет години подоцна, имаше уште една британско-американска копродукција – незаконитата инвазија и окупација на Ирак. Одгласите од секоја интервенција продолжуваат да го потресуваат нашиот свет, исто како и одгласите од успешното согорување на сета таа нафта. Блискиот Исток сега е стиснат во клештите на насилството предизвикано од фосилните горива, од една страна, и последиците од согорувањето на тие фосилни горива од друга страна.

Во неговата најнова книга, „Конфликтно крајбрежје“, израелскиот архитект Ејал Вајцман има еден пробивен став околу тоа како овие сили се вкрстуваат. Главниот начин на кој ја разбиравме границата на пустината на Блискиот Исток и Северна Африка, објаснува тој, е таканаречената „линија на неплодност“, области каде што просечно има 200 милиметри врнежи годишно, што се смета за минимално ниво за одгледувањето житни култури во голем обем без наводнување. Овие метеоролошки граници не се фиксни: тие флуктуираат поради различни причини, било поради обидите на Израел да ја „зазелени пустината“, поместувајќи ги во една насока, било поради цикличните суши што ја шират пустината во друга насока. А сега, со климатските промени, интензивирањето на сушите може да има секакви влијанија од овој тип. Вајцман посочува дека сирискиот пограничен град Дараа лежи директно на линијата на неплодност. Дараа е таму каде што досега најголемата суша во Сирија донесе огромен број раселени земјоделци во годините пред избувнувањето на Граѓанската војна во Сирија и токму таму избувна Сириското востание во 2011 година. Сушата не беше единствениот фактор што ги доведе тензиите во прв план. Но, фактот дека 1,5 милиони луѓе беа внатрешно раселени во Сирија како резултат на сушата очигледно одигра улога. Врската помеѓу водата, топлотниот притисок и конфликтот е повторлив, сѐ поизразит образец по целата должина на линијата на неплодност: по целата нејзина должина гледате места обележани со суша, недостиг на вода, изгор температури и воени конфликти – од Либија и Палестина до некои од најкрвавите боишта во Авганистан и Пакистан.

Но, Вајцман, исто така, го откри она што тој го нарекува „неверојатна случајност“. Кога ќе ги мапирате метите на западните напади со беспилотни летала во регионот, ќе видите дека „многу од овие напади – од Јужен Вазиристан преку северен Јемен, Сомалија, Мали, Ирак, Газа и Либија – се директно на или блиску до линијата на неплодност од 200 милиметри“. Црвените точки на оваа мапа претставуваат некои од областите каде што се концентрирани ударите. За мене, ова е највпечатливиот обид досега да се визуелизира бруталниот пејзаж на климатската криза. Сето ова беше навестено пред една деценија во еден американски воен извештај. „Блискиот Исток“, забележа тој, „отсекогаш бил поврзан со два природни ресурси: нафтата (поради нејзиното изобилство) и водата (поради нејзиниот недостиг).“ Прилично точно. А сега одредени обрасци станаа прилично јасни: првично, западните борбени авиони го следеа тоа изобилство нафта; сега, западните беспилотни летала тесно го отсликуваат недостигот на вода, како што сушата го влошува конфликтот.

Исто како што бомбите ја следат нафтата, а беспилотните летала ја следат сушата, така и чамците ги следат и двете: чамци полни со бегалци што бегаат од домовите на линијата на неплодност опустошени од војните и сушите. И истата способност да се дехуманизира другиот што ги оправдуваше бомбите и беспилотните летала сега се вежба на овие мигранти, прикажувајќи ја нивната потреба за безбедност како закана за нашата, нивното очајно бегство како некој вид освојувачка војска. Тактиките што се усовршени на Западниот Брег и во другите окупациски зони сега го пробиваат својот пат кон Северна Америка и Европа. Кога го продава неговиот ѕид на границата со Мексико, Доналд Трамп сака да каже: „Прашајте го Израел, ѕидот функционира“. Камповите се уништуваат во Кале [Франција] со булдожер, илјадници луѓе се дават во Медитеранот, а австралиската влада ги приведува преживеаните од војните и деспотските режими во кампови на далечените острови Науру и Манус. Во Науру условите се толку очајни што минатиот месец еден ирански мигрант почина откако се самозапали во обид да го привлече вниманието на светот. Еден друг мигрант – 21-годишна жена од Сомалија – се самозапали по неколку дена. Малколм Тарнбул, премиерот, предупредува дека Австралијците „не може да бидат со замаглени очи околу ова“ и „мора да бидат многу јасни и одлучни во нашата национална цел“. Вреди да се има на ум Науру следниот пат кога некој колумнист ќе изјави во некој весник на Мардок, како што тоа го направи Кејти Хопкинс минатата година, дека е време Британија „да стане австралиска. Донесете ги воените бродови, принудете ги мигрантите да се вратат на нивните брегови и запалете ги чамците“. Во една друга симболика, Науру е еден од Пацифичките острови што се многу ранливи на покачувањето на морското ниво. Неговите жители, откако видоа дека нивните домови се претвораат во затвори за другите, многу веројатно ќе мора и самите да мигрираат. Утрешните климатски бегалци се регрутираат во служба како денешни затворски чувари.

Мора да разбереме дека она што се случува на Науру, како и она што му се случува нему, се изрази на истата логика. Културата што им придава толку мала вредност на црните и кафеавите животи што е подготвена да дозволи човечки суштества да исчезнат под брановите или да се самозапалат во притворните центри, ќе биде подготвена и да дозволи земјите во кои живеат црните и кафеавите луѓе да исчезнат под брановите или да се исушат под сувата жештина. Кога тоа ќе се случи, теориите за човечката хиерархија – дека ние прво мора да се грижиме за нашите – ќе бидат построени да ги рационализираат овие монструозни одлуки. Веќе ја правиме оваа рационализација, макар и имплицитно. Иако климатските промени на крајот ќе бидат егзистенцијална закана за целото човештво, на краток рок знаеме дека тие дискриминираат, погодувајќи ги прво и најлошо сиромашните, без разлика дали се напуштени на покривите во Њу Орлеанс за време на ураганот Катрина или се меѓу 36-те милиони што според ОН се соочуваат со глад поради сушата во Јужна и Источна Африка.

Порекнување на вистината

Ова е вонредна ситуација, моментална, а не идна вонредна ситуација, но ние не се однесуваме така. Парискиот договор се заложи да го задржи затоплувањето под 2°C. Тоа е цел што е потполно безобѕирна. Кога беше претставена во Копенхаген во 2009 година, африканските делегати ја нарекоа „смртна казна“. Паролата на неколку островски нации што се на ниска надморска висина е „1,5 да останеме живи“. Во последен момент, во Парискиот договор беше додадена клаузула што каќува дека земјите ќе продолжат со „напорите да го ограничат зголемувањето на температурата на 1,5°C.“ Не само што ова е необврзувачко, туку е и лага: ние не правиме такви напори. Владите што го дадоа ова ветување сега се залагаат за поголемо развивање на хидрауличното разбивање карпи и на катранските песоци – што се целосно некомпатибилни со 2°C, а камоли со 1,5°C. Ова се случува затоа што најбогатите луѓе во најбогатите земји во светот мислат дека тие ќе бидат ОК, дека некој друг ќе го јаде најголемиот ризик, дека дури и кога климатските промени ќе се појават на нивниот праг, тие самите ќе бидат згрижени.

Кога тие грешат, работите стануваат уште погрди. Добивме пластичен увид во таа иднина кога поплавите ја погодија Англија минатиот декември и јануари, поплавувајќи 16.000 домови. Овие заедници не се справуваа само со највлажниот декември во историјата. Тие се справуваа и со фактот дека владата вршеше немилосрден напад врз јавните установи и локалните совети, што се на првата линија на одбраната од поплави. Оттука, разбирливо, имаше многумина што сакаа да ја сменат темата во контекст на тој неуспех. Зошто Британија троши толку многу пари за бегалци и странска помош, прашуваа тие, кога треба да се грижи за своето? „Оставете ја странската помош“, читаме во „Дејли Мејл“. „Што е со националната помош?“ „Зошто британските даночни обврзници“, инсистираше еден уводник во „Телеграф“, „да продолжат да плаќаат за заштита од поплави во странство кога парите се потребни овде?“ Што знам – можеби затоа што Британија ја измисли парната машина на јагленов погон и зашто согорува фосилни горива во индустриски размери подолго од која било друга нација на Земјата? Но, се оддалечувам од темата. Поентата е дека ова можеше да биде момент да се разбере дека сите сме погодени од климатските промени и дека мора да преземеме мерки заедно и солидарно едни со други. Не беше така, бидејќи климатските промени не значат само тоа дека состојбите ќе стануваат потопли и повлажни: при нашиот сегашен економски и политички модел, станува збор за тоа што работите ќе стануваат позлобни и погрди.

Најважната поука што може да се стекне од сето ова е дека не постои начин да се соочиме со климатската криза како технократски проблем, во изолација. Таа мора да се гледа во контекст на мерките на стегање на ременот и на приватизацијата, на колонијализмот и милитаризмот, како и на различните системи на подругување што се неопходни за да се поткрепат сите тие. Врските и совпаѓањата меѓу нив се очебијни, а сепак толку често отпорот кон нив е многу разделен. Луѓето што се против мерките на стегање на ременот ретко зборуваат за климатските промени, а луѓето концентрирани на климатските промени ретко зборуваат за војните или окупациите. Ретко ја повлекуваме врската помеѓу оружјето што ги одзема црнечките животи на улиците на американските градови и во полицискиот притвор и многу покрупните сили што збришуваат толку многу црнечки животи на неплодните земјишта и во опасните чамци ширум светот.

Надминувањето на овие одвојувања – зајакнувањето на нишките што ги поврзуваат нашите различни прашања и движења – е, би рекла, најитната задача на секој што е заинтересиран за социјална и економска правда. Тоа е единствениот начин да се изгради контрасила што ќе биде доволно јака да однесе победа против силите што го штитат високопрофитабилното, но сè понеодржливо статус кво. Климатските промени дејствуваат како забрзувач на многу од нашите општествени зла – нееднаквост, војни, расизам – но исто така може да биде забрзувач за спротивното, за силите што работат за економска и социјална правда и против милитаризмот. Навистина, климатската криза – соочувајќи го нашиот вид со егзистенцијална закана и ставајќи нè пред цврст и непопустлив рок втемелен врз науката – токму може да биде оној катализатор што ни е потребен за да сплотиме заедно голем број моќни движења, поврзани меѓусебно преку вербата во инхерентната важност и вредност на сите луѓе и обединети преку отфрлањето на менталитетот на жртвени зони, без разлика дали тоа се однесува на одредени луѓе или места. Се соочуваме со толку многу кризи што се преклопуваат и се вкрстуваат што не можеме да си дозволиме да ги поправаме една по една. Потребни ни се интегрирани решенија, решенија што радикално ќе ги намалат емисиите, истовремено создавајќи огромен број добри, синдикализирани работни места и обезбедувајќи суштинска правда за оние што се најмногу злоупотребувани и исклучени при сегашната екстрактивна економија.

Саид умре годината кога Ирак беше нападнат, доживувајќи да види како се ограбуваат неговите библиотеки и музеи, а верно се чува неговото министерство за нафта. Среде тој бес, тој најде надеж во глобалното антивоено движење, како и во новите облици на комуникација на основно ниво што ја отвори технологијата; го забележа „постоењето на алтернативни заедници ширум светот, што се информираат од алтернативни новински извори и што се длабоко свесни за еколошките импулси, слободарските импулси и импулсите за човековите права, кои нè поврзуваат заедно на оваа малечка планета“. Неговата визија имаше место дури и за гушкачите на дрвја. Неодамна се потсетив на тие зборови додека читав за поплавите во Англија. Среде сето тоа барање жртвено јагне и покажување со прст, наидов на објава на еден човек што се вика Лијам Кокс. Тој беше вознемирен од начинот на кој некои од медиумите ја користеа катастрофата за да го распалат анти-туѓинското расположение, па рече во таа насока:

„Јас живеам во Хебден Бриџ, Јоркшир, една од областите што се најтешко погодени од поплавите. Срање е, сè стана навистина водено. Сепак... жив сум. Безбеден сум. Безбедно ми е семејството. Не живееме во страв. Слободен сум. Не летаат куршуми. Нема фрчат бомби. Не ме принудуваат да го напуштам мојот дом и не ме оговара најбогатата земја во светот и не ме критикуваат нејзините жители.

„Сите вие морони што ја повраќате вашата ксенофобија... дека парите требало да се трошат само ‘за нашето’, треба убаво да се погледнете во огледало. Барам од вас да си поставите едно многу важно прашање… Дали сум пристојно и чесно човечко суштество? Бидејќи домот не е само Обединетото Кралство, домот е насекаде на оваа планета“.

Мислам дека ова дава многу добар завршен збор.

 


Архива на Наоми Клајн | Архива на Едвард Саид

Тематска архива за капитализмот, природата и климатската правда

марксистичка интернет архива