Андреј Митровиќ

Револуцијата во Русија


Напишано: 1974
Извор: Андреј Митровић, “Време нетрпеливих: политичка историја великих држава Европе 1919-1939”, “Српска књижевна задруга”, Београд, 1974, 89-124 стр.
Превод: Здравко Савески, од српски јазик.
Техничка обработка: Goran Maric
Онлајн верзија: октомври 2005.


„Долу царот”

Ленин

Јулските немири

Десницата напаѓа

Големиот Октомври

Диктатурата на пролетаријатот

Уставотворното собрание


Недоволно развиена за да може да издржи крајни напори, Русија беше исклучително изложена на економските неволји, кои со себе ги донесе Првата светска војна. Политичкиот систем на царството, како и луѓето што го сочинуваа, беше недоволно способен да се справи со големите општествени и политички проблеми на историскиот момент. Во услови на целосна економска исцрпеност и психичка замореност од војната, додека гладот пустошеше по земјата, особено помеѓу сиромашните слоеви, а смртта со големината на својот данок на фронтовите во војската внесуваше тешка деморализација, политичкиот јарем и полицискиот надзор на самовласта се претвораа од основа на стабилноста на режимот во провокација за немирите.

По две години војна, штрајковите зазедоа исклучително важно место во внатрешниот политички живот на Русија. Последиците на навистина сè поочајните економски прилики и бедните услови за живот, на сè поширок и поширок круг од населението, носеа и клици на политички бунт. И навистина, од крајот на 1916, штрајковите почнаа да се слеваат во широко, силно и спонтано движење, претворајќи го дотогаш придушениот бунт во јавни барања на угнетените, измачените, гладните. Центарот на случувањата беше престолнината, Петроград, каде што беше концентриран политичкиот живот на земјата и во чии сиромашни квартови живееше значителен дел од оние што особено беа погодени од воените неволји.

„Долу царот”

На улиците на Петроград најпрво се слушаа повици против војната, а потоа сè почести станаа повиците против царскиот режим. На почетокот на 1917 се засилија штрајковите, демонстрациите и протестите, а изгладнетите, огорчени и заканувачки маси се измолкнуваа од контролата на власта. Големите фабрики и работнички квартови на руската престолнина станаа жаришта на немири. Од 8 март (според стариот календар, од 23 февруари), немирите почнаа да се претвораат во отворен бунт. Штрајковите прераснаа во демонстрации со кои се бараше леб и мир, но при кои сè погласни беа и извиците: „Долу царот!” Во следните два дена беше јасно дека станува збор за револуција, а кога војската на 12 март откажа послушност и почна да преминува на страната на востаниците - беше решена и судбината на царот Николај Втори.

Улога најпрво добија дотогашните официјални опозициски политичари собрани во Думата, специфичен собир што царот повремено го свикуваше како закржлавен облик на парламент почнувајќи од 1906, но и го растураше по волја. Думата ги дочека немирите и со надеж и со страв: со надеж, зашто бранувањата на масите ја правеше можна замената на самовласта со граѓанска демократија, а со страв, зашто револуцијата се закануваше со многу подалекусежни барања од она што опозициските политичари го сакаа. Сепак, првенците на тоа тело и револуционерната улица во првите денови беа обединети преку некаква нејасна заедничка основа: преку демократијата која на земјата ќе ѝ даде нова, дотогаш потиснувана политичка сила. Како што моќта на царизмот се топеше од ден на ден, а потоа од час во час, Думата, дотогашното единствено собиралиште на опозицијата, стана политички центар на спонтаното движење на масата, која сè уште немаше сопствено организирано водство. Така, Таврическиот дворец, седиштето на Думата, стана центар на дотогашните опозиционери и новите револуционери, на сите оние што во тие денови се истакнуваа како водачи на движењето на улиците.

Токму револуцијата на петроградските улици направи Думата да стане одреден факт на власта. Иако царот нареди нејзино распуштање на 11 март, таа реши да се спротивстави и да не се растура, а на 12 март образува свој „Привремен извршен одбор” под претседателство на Михаил Владимирович Родзјенко, тело кое мораше да ги води работите. Во ноќта на 13 март, Одборот со проглас му се обрати на народите на Русија и објави дека ја презема иницијативата за воспоставувањето на државниот и општествениот поредок. Тоа беше чекор кон создавање на нова власт врз основите на револуцијата, а во граѓанско-демократски дух.

Сепак, од првите денови на револуцијата беше јасно дека Думата нема да може да го прати одот на случувањата. Иако крајно десните политички групи беа потиснати, а значење добија либералите и умерено-левичарските политичари, во првиот момент тоа најмногу беа конституционалните демократи (кадетите), самото тоа не го решаваше проблемот на односот помеѓу телото сочинето од внимателни опозиционери, недоволно решителни политичари од салоните и, наспроти нив, револуционерните маси кои ги носеше гладот и огорченоста, а ги поттикнуваа социјалистичките револуционерни програми. Следејќи ги примерите од 1905, масата спонтано создаваше свои одбори, совети, а на 12 март навечер во Таврическиот дворец, седиштето на Думата и на нејзиниот Привремен одбор, само во друго крило од зградата, образуван е Петроградскиот совет на чело со Извршен одбор; претседател беше меншевикот Николај Семјонович Чаидзе, а негови помошници социјалреволуционерот (есерот) Александар Федорович Керенски и меншевикот Матвеј Иванович Скобељев.

Така, од самиот почеток беа создадени два центри на власта: Извршниот одбор на Думата и Извршниот одбор на советите. Одборот на Думата беше поврзан со претходно создадените политички либерални и социјалистички групи, а ја уживаше довербата и на граѓанството и на капиталот. Одборот на советите беше непосредно поврзан со движењето на улиците на Петроград и, предводен од претставниците на социјалистичките струи, наоѓаше сили во поддршката што му ја даваа зовриените маси. Неговото значење уште повеќе порасна кога на 14 март му пристапија и претставниците на војниците. Но се чини дека Одборот токму поради тој близок допир со разбранетата и разнолика маса, која беше претставена во него, не можеше да најде сосема одреден политички правец. Како израз на непосредните барања, Советот повеќе ја изразуваше волјата на оние што завладееја со улиците - а таа волја во самата себе беше разновидна и некохерентна, смела но не и точно политички насочена - отколку што раководеше со нив. И неговите одлуки имаа токму таков карактер, па и најважната од нив, познатата Наредба бр. 1 од 14 март 1917. Со овој акт вооружените сили се ставени под команда на советите. „Во политичките настапи, воената единица треба да се покорува на Советот на работничките и војнички депутати и на неговите совети”, гласеше Наредбата. Понатаму, во секоја чета се создаваше „совет составен од војниците со пониски чинови”, а изречно се наредуваше да не се извршуваат оние налози на Думата кои не се во склад со одлуките и наредбите на советите.

Думата на почетокот беше поактивна, па додека Советот беше нерешителен, таа ја презеде власта и создаде Привремена влада на Русија. Во меѓувреме, на царот Николај Втори не му преостана ништо друго освен да абдицира, откако пропаднаа сите обиди револуцијата да се задуши преку оружје, а стана предоцна барем да се обиде да ја зачува монархијата преку некоја далекусежна реформа на државата врз уставна и парламентарна основа. Ноќта помеѓу 14 и 15 март Николај Втори се одрекна од престолот во корист на брат му Михаил, а истовремено потпиша и указ со кој за претседател на владата го именува кнезот Георгиј Евгенович Љвов, кандидатот што го предложи Думата. Листата на Привремената влада е објавена на 15 март, а содржеше имиња на умерени либерални демократи, претставници на крупниот капитал и на земјопоседниците. Единствен исклучок претставуваше Александар Федорович Керенски. Тој средовечен петроградски адвокат беше еден од малобројните членови на Думата кои брзо го сфатија револуционерното значење на немирите во Петроград и токму поради тоа станаа видни личности во првите денови на револуцијата. При тоа никако не беше неважно и тоа што Керенски беше со леви политички убедувања. Одличен говорник и многу агилен, тој во тие денови беше прифатлив и за Думата и за Советот, изгледаше како човек кој може да го обедини тоа широко движење. Меѓутоа, со оглед на големите разлики помеѓу од револуцијата ставените во движење слоеви и групи, беше сосема јасно дека секој оној што се чини прифатлив за сите, мора во еден момент да наиде на сериозни искушенија. Во март 1917 почна брзиот но краток подем на Керенски. Веќе тогаш единствено тој од членовите на Привремената влада, во која беше министер за правда, беше истовремено и член на Советот.

Првата недела од револуцијата помина во знакот на длабоката поделеност во нејзините редови, дури и во знакот на двовластие. Привремената влада имаше повеќе политичка иницијатива, а, изгледа, во првиот момент и повешти луѓе, но Извршниот одбор на Советот имаше поголемо влијание врз масите и затоа располагаше со моќ. Напоредно со тоа се наметнуваа големите прашања на моментот, најпрво оние поврзани со завршувањето на војната. Привремената влада не се решаваше да склучи мир, туку сакаше под паролата на револуционерна војна да продолжи да војува како сојузник на Антантата до конечна победа. Што се однесува до внатрешната политика, владата се ограничи на објавата на воведувањето на граѓански слободи и на ставањето во изглед на свикувањето на уставотворно собрание. Прогласи и ослободување на политичките затвореници, со што само го потврди фактот што го создаде масата отворајќи ги вратите на затворите. Но, Привремената влада не се реши да изврши аграрна реформа и да ги реши другите социјални проблеми, туку сите тие важни прашања му ги остави на одлучување на Уставотворното собрание, кое, меѓутоа, не го свикуваше. Очигледно се ограничуваше на некои политички реформи; уште повеќе, некои членови на владата се обидоа да ја спасат монархијата, но Советот и револуционерната маса беа решително против. Големиот кнез Михаил, увидувајќи ја многу распространетата непомирливост и незадоволство, на 16 март се заблагодари на круната. Тоа практично значеше дека династијата Романови слезе од историската сцена, а истовремено и дека дојде крајот на Руското царство. На барање на Петроградскиот совет, на царот и на неговото семејство не им е дозволено да емигрираат, туку се уапсени на 21 март и најпрво се затворени во Царското село.

Напоредно, Советот сè повеќе ги зајакнуваше своите позиции и на владата ѝ наметнуваше сè пореволуционерни решенија за тековните проблеми. Исто така, во сите економски организации и во сите воени единици ширум земјата се образувани колективни тела, кои, како органи на непосредната демократија, претставуваа раководни сили. Работничките совети под свој надзор ги ставија фабриките и бараа законодавство кое ќе ги реши нивните проблеми, а особено инсистираа на 8-часовното работно време. По селата почнаа да се јавуваат и селански совети, кои ја ставаа земјата под своја контрола. Во Петроград е создаден Централен извршен совет за цела држава. Револуцијата го победи царизмот и јакнеше од ден на ден. Во текот на пролетта 1917, нејзиниот водечки кадар од ден на ден стануваше посилен, зашто од затворите, од сибирско прогонство или од странство непрекинато пристигаа револуционери со најразлични убедувања. Но, токму тоа поставуваше ново и, кога сè ќе се согледа, важно прашање: која струја на Мартовската револуција ќе ја спроведе својата концепција?

Ленин

Мнозинство во Советот имаа меншевиците и социјалреволуционерите, но улогата на болшевиците исто така беше значајна и од ден на ден сè поголема. Тие го претставуваа крајното лево крило на револуцијата, па нивните ставови често беа содржани во радикалните барања кои ги истакнуваше разбрануваната улица. Токму болшевичките редови особено ги зајакнаа повратниците од затворите, прогонството и странство, зашто старите власти исклучително ги гонеа токму нив и оние што ним им беа блиски. Така, во март од Сибир дојде Јосип Висарионович Џугашвили - Сталин, во април од Швајцарија Владимир Илич Улјанов - Ленин, во мај од Америка Лав Давидович Бронштајн - Троцки итн.

Враќањето на Ленин имаше посебно значење, зашто во центарот на револуционерната сцена се појави најспособниот човек на болшевичката група на руската социјалдемократија, а сигурно и најспособниот револуционерен водач меѓу многубројните кои, со поголема или помала, со пократка или подолга улога, секој момент излегуваа на површината преку вртлогот на настаните. Ленин од самото доаѓање најактивно се вклучи во политичкиот живот на престолнината, настојуваше по пат на организирано, упорно и идеолошки смислено настапување на болшевиците да ги насочи настаните во склад со своите погледи и процени. Во Петроград пристигна на 16 април, а веќе утредента истапи со програмски говор на градската конференција на болшевиците; потоа, неговото присуство стануваше сè поочигледно, а влијанието на неговата програма сè посуштинско.

Ленин тргнуваше од гледиште целосно спротивно од основите кои дотогаш ги следеа Сталин и Каменев. Според овие двајца, требаше да се бори за Привремената влада да ги усвои болшевичките поставки, односно да ѝ се наметнуваат ставови. Се чини дека таа концепција преќутно прифаќаше суштинско заедништво на сите сили на револуцијата, како граѓански така и социјалистички, кои претставуваат еден блок чии струи меѓусебно се разликуваат, инсистираат на своите концепции, но сепак не се судираат како спротивставени политички групи. Според Ленин, мораше да се отфрли убедувањето за обединетоста на сите револуционерни сили и за единството на нивните основни цели, зашто, истакнуваше, работничката партија има сосема посебна задача да изврши пролетерска револуција. Оттука, не треба да се гаи свест и чувство на припадност на заедница на сите сили насочени против самодржавието.

Оваа основа на програмата, болшевичкиот водач ја изнесе повеќепати почнувајќи од денот на своето враќање, а широко ја изложи во текстот „За задачите на пролетаријатот во сегашната револуција”, кој е објавен во весникот „Правда” на 20 април 1917. Деновите по соборувањето на монархијата според Ленин не се време за зацврстување на резултатите од победата на револуцијата, што инаку често можеше да се слушне од претставниците на другите политички групи, туку претставуваа премин „од првата етапа на револуцијата, етапата која ѝ даде власт на буржоазијата поради недоволната свест и организираност на пролетаријатот, кон втората нејзина етапа, која мора да ја предаде власта во рацете на пролетаријатот и на сиромашните слоеви од селанството.” На Привремената влада не требаше да ѝ се дава поддршка, а погрешно беше и да се настојува да ѝ се наметнуваат ставови. Одвојување од социјалистичките групи кои ја поддржуваат Привремената влада, раскин со неа, самостојно настапување на болшевиците кои треба да се стремат да ја преземат власта, тоа е правецот во кој се движеше Ленин. „Никаква поддршка на Привремената влада, објаснување на целосната лажливост на сите нејзини ветувања”, пишуваше. „Разобличување, а не барање - кое е недозволиво, зашто сее илузии - оваа влада, влада на капиталистите, да престане да биде империјалистичка”, ја сумираше тактиката на моментот.

Во барањето Русија да истапи од војната Ленин точно виде најпогодна точка за агитација против Привремената влада, а можеби и за нејзино соборување, а исто така и горливо прашање што би можело најпогодно да биде искористено за привлекување на масите и на војската, кај нив да се внесе идејата на мирот наспроти официјалните настојувања да се поттикнува борбениот морал. Затоа Ленин во „Априлските тези” на прво место стави: „И под новата влада на Љвов и компанијата безусловно останува ограбувачка империјалистичката војна поради капиталистичкиот карактер на таа влада.” Доследно на тоа, повикуваше да не се прават ни најмали отстапки на „револуционерното одбранбеништво”.

Меѓутоа, Ленин никако не сметаше дека Привремената влада може веднаш да се собори, туку дека тоа може да се направи дури тогаш кога кај масите ќе се прошират симпатиите кон болшевиците и нивната програма. „Ние не сме бланкисти, не сме приврзаници на освојувањето на власта од страна на малцинството. Ние сме марксисти, приврзаници на пролетерската класна борба против ситнобуржоаскиот занес, шовинизмот-одбранбеништвото, фразите, зависноста од буржоазијата.” Непосредната тактика во текот на пролетните денови на 1917 ја одредуваше како најширока и најостра агитација и идеолошка борба против другите тези и програми. Преку сето ова е поставен темелот на програмата за политичкото делување: насоченост кон изведување на „втората етапа на револуцијата”, чиј услов е претходно стекнување на мнозинство во советите. Поинаку кажано, требаше да се делува советите предводени од болшевиците да ја преземат целата власт. Откако Ленин во априлските расправи се избори за својата програма и за своето место на водач, создадена е основата за единственото настапување на болшевиците; оттогаш во нивните редови ќе има посебни мислења и различни процени на ситуацијата, но тие сепак ќе ја изнаоѓаат единствената линија за своите потези и настапи. Сето ова беше од најголемо значење, зашто револуцијата така доби цврста и доследна политичка основа, организација која постепено, но сепак брзо, по некој месец успеа да ја совлада стихијата на улицата и да ги поведе масите кон точно одредените цели.

Напоредно течеше сè поголемото разидување на Привремената влада и побунетата маса, а кога Павел Николаевич Миљуков, министерот за надворешни работи, им даде јавни уверувања на западните сили на Антантата дека Русија ќе остане во војната до конечната победа на нивниот блок, расцепот се покажа во сета своја сила. Веста дека мирот нема да биде брзо склучен, кај најшироките слоеви, особено помеѓу војниците, внесе голема вознемиреност, па петроградските чети се решија на демонстративно противење. На 2 и 3 мај улиците повторно беа преплавени со војничка и работничка лутина, незадоволство, бунт. Бидејќи Советот ги поддржа демонстрантите, Привремената влада се најде соочена со револуција која сега се сврти против неа. А немирите се ширеа, ја зафатија Москва и уште некои градови. Еден странски пратеник состојбата на нередие и деморализација вака ѝ ја опиша на својата влада во извештајот од Петроград на 15 мај: „Двовластието создаде безвластие. Владата е апсолутно немоќна. Зборовите и советите не помагаат. Принудата со сила е илузорна. Нередието е сè поголемо во земјата и на фронтот, процесот на распаѓање расте. Војникот не се бори, работникот не работи, селанецот граба поседи. Во сообраќајот целосен крах. Началникот на Генералштабот вели: '... Офанзивата не започнува зашто злото веројатно ја обзеде и војската на Брусилов; храната и резервите не можат да се испраќаат преку железница зашто дезорганизацијата е општа, а ако им се упати на ешалоните преку пат, ќе исчезне како прашина.' Гучков го кажа истото и утрово поднесе оставка, а по него ќе тргне и целата влада. Командантот на петроградскиот гарнизон исто така се повлече, а тоа се зборува и за Алексеев и за Брусилов. Керенски се жали што не умре пред два месеци. Радичев вели дека Русите се робови и недостојни за слободата.” Пратеникот со злорадост предвидуваше: бидејќи, ако вака се продолжи, „државата на крајот ќе пропадне и мора да настапи реакција”, единствениот спас е ако советите „најпосле им дадат полна диктатура на владата и генералите”.

На ова од умерените, особено од граѓанските политичари, дојде иницијативата двовластието да се надмине така што претставниците на Советот би добиле повеќе министерски места. По извесно натегање, социјалреволуционерите и меншевиците прифатија да влезат во владата. Новата влада е формирана на 18 мај и имаше девет граѓански политичари (кадети, прогресисти и октомвристи) и шест социјалистички (социјалреволуционери и меншевици). Нејзин претседател повторно беше кнезот Љвов, министерството за надворешни работи го доби Михаил Иванович Терешченко, министерството за земјоделие првенецот на Советот и водач на социјалреволуционерите Виктор Михаилович Чернов, министерството за пошта и телеграф исто така првенецот на Советот, меншевикот Ираклиј Георгиевич Церетели, а извонредно важното министерство за војна социјалреволуционерот Керенски. Претходниот министер за надворешни работи Миљуков и воениот министер Гучков не влегоа во владата. Болшевиците останаа непомирливи кон оваа влада, а држењето на социјалреволуционерите и меншевиците им послужи како прилика да посочуваат кон нив како на „опортунисти” и „соработници на буржоазијата”. „Сета власт на советите”, тоа и понатаму беше нивна парола. Сè на сè, по оваа мајска коалиција и понатаму останаа најважната лева опозициска група. Внатре во револуцијата и понатаму течеше разграничувањето и го засилуваше судирот.

Пред новата власт беше цела низа задачи. Гладот и немаштијата се преплетуваа со широкораспространетите желби да се заврши војната по која било цена, требаше да им се излезе во пресрет на работничките барања за повисока заработка, пократко работно време, за заштита при работа и за управување со претпријатијата, на село сè почесто се слушаше дека селаните бараат земја. Меѓутоа, владата се чувствуваше немоќна, зашто за да се постигне компромис на граѓанските и социјалистичките струи, немаше можност за каков бил решителен потег. Социјалреволуционерите и меншевиците како членови на владата се ограничуваа на предлагање на некои реформи, но тие не можеа да бидат усвоени, зашто и ако беа спроведени, не би задоволиле никого поради својата умереност. Затоа брзо растеше недовербата во новата влада, а сè повеќе луѓе, групи и слоеви им вртеа грб на социјалреволуционерите и меншевиците.

Особено важно беше прашањето на војната. Поучена од нередите од почетокот на мај месец, владата даде јавна изјава дека сака мир без анексии и контрибуции, а врз основа на правото на народите на самоопределување, но остана и на гледиштето дека овие начела можат да му се наметнат на непријателот единствено преку оружјето, што практично значеше дека и понатаму се остануваше во војната. Во својство на нов министер за војна, Керенски почна да подготвува голема офанзива на фронтот. Отсуството на борбен морал сакаше да го надомести со револуционерно воодушевување за војната во име на новопрогласените начела. Исто така се обиде и да преземе чекори за умерена демократизација на војската, па на 22 мај ја издаде Декларацијата за правата на војниците, со која донекаде се врати на Наредбата број 1, која претходната влада ја стави вон сила. Сега во командите наместо војнички совети е воведена институцијата на револуционерни комесари.

Овој потфат не успеа. Долго подготвуваната и јавно дискутирана офанзива не ги изненади Централните сили, борбениот морал на трупите, донекаде подигнат преку повеќенеделната кампања на Керенски и нивните истомисленици, повторно почна брзо да опаѓа пред силата на непријателот, како и поради тоа што тогаш на боиштата загинаа најголемиот дел од оние што го ширеа занесот. Болшевичкиот извик „долу војната” уште повеќе завладуваше со војничката маса. Започната на 1 јули, офанзивата набрзо е запрена, а потоа следеа нови порази. Губитоците беа застрашувачки: се смета на 150.000 луѓе. Во престолнината исходот на офанзивата имаше важни последици. Неповолните вести од фронтот внесоа нерасположение помеѓу војниците, а гласините дека наскоро ќе мораат да тргнат на фронт предизвикаа бунт. Очите на војниците се насочуваа кон непомирливите агитатори против војната - болшевиците.

Јулските немири

Во меѓувреме, болшевиците станаа политичка сила од прв ред во земјата. Навистина, на Првиот конгрес на советите, кој заседаваше од 16 јуни до 7 јули, социјалреволуционерите и меншевиците сè уште имаа многу повеќе пратеници, но радикалните левичари стекнаа влијание врз работништвото, особено врз вооружените работнички чети, врз „Црвената гарда”. Бунтовната поморска воена база Кронштат, еден од најгорливите центри на револуцијата, иако под големо влијание на анархистите, сè повеќе се врзуваше за болшевиците. Болшевичките водачи, во тие денови особено Ленин, Каменев, Зиновјев, Свердлов и Сталин, систематски и упорно работеа на политичкото јакнење и агитираа под паролите „сета власт на советите” и „долу војната”, а нивното делување не се ограничуваше само на главниот град. Присуството на болшевиците во другите градови и по селата исто така стануваше сè поочигледно. Бројот на членови на партијата, како и на нејзините приврзаници, нагло се множеше, особено во редовите на најнезадоволните, најзагрозените од немаштијата и најбунтовните. Моќта на добро-организираната и водена партија на најрешителните повторно се покажа импресивно на разбрануваните улици повеќепати во текот на јуни, а особено при големите демонстрации од 1 јули 1917. Левото крило на револуцијата доби силна 'рбетна политичка организација, растеше и отвораше нови патишта за понатамошниот тек на револуцијата.

Од немало значење беше фактот дека на болшевиците сè повеќе им се приближуваше групата „межрајонка” („меѓуреонка”), која ја сочинуваа бивши меншевици и болшевици и која настана од незадоволниците во двете основни групи на РСДРП уште во 1913. Според програмата се наоѓаше помеѓу двете големи струи, но од крајот на мај 1917 стана многу блиска до Лениновата партија. Нејзината сила пред сè беше во способните луѓе, во социјалистичките интелектуалци како Луначарски, Јофе, Урицки, Покровски, Кјузанов и други. Водачот на „межрајонката”, Троцки, беше еден од најнадарените луѓе во вртлогот на руските случувања.

Јулските немири почнаа во Првиот митралески полк, откако стигна веста дека наскоро мора да се тргне на фронт. Делегатите на оваа единица успеаја да го побунат мнозинството од единиците во Петроград, а од болшевиците побараа да тргнат со нив. Ленин беше надвор од Петроград, но откако беше известен за сè, се согласи со раководството на својата партија дека не е време за ризични потези. Тоа им беше кажано на побунетите морнари, но тие со морнарите, работништвото и сиромаштијата кои им се придружија, тргнаа во вооружена поворка пред Советот барајќи тој да ја преземе целата власт. Кулминацијата беше на 17 јули, кога од раното утро на улиците имаше дури неколку стотини илјади луѓе, а овде-онде доаѓаше до судири помеѓу владините одреди и демонстрантите. Откако почнаа немирите, болшевиците решија да им се приклучат, иако и понатаму сметаа дека во тој момент не може да се сруши Привремената влада. Исто така се држеше и групата на Троцки. Меѓутоа, Керенски успеа од фронтот да доведе верни трупи, а бидејќи демонстрациите почнаа сами од себе да се смируваат, дотолку полесно можеше да премине во противнапад. Наскоро со улиците загосподарија владините единици, а најнепомирливите востаници, главно кронштатски морнари, беа опколени во Петропавловската тврдина. Сепак беше избегнато потешко крвопролевање, зашто Сталин, кого противниците не го вбројуваа помеѓу поопасните болшевички водачи, посредуваше по налог на Централниот комитет на партијата и ги спаси морнарите од смрт, убедувајќи ги да се предадат.

За Керенски сето тоа беше прилика да се зацврсти на власт, но дури откако претходно конечно би го оневозможил натамошното јакнење на болшевиците. Владините трупи ги запоседнаа болшевичките седишта, а меѓу нив и партиското седиште и уредништвото на „Правда”. Издадени се налози за апсење, па во рацете на полицијата се најде Каменев. Зиновјев успеа да се скрие, а Ленин илегално да се пресели во Финска. Цензурата строго ги ограничи јавните истапувања на преостанатите болшевици, а и на припадниците на „межрајонката”, чиј водач Троцки исто така беше уапсен.

Поразот на офанзивата на фронтот доведе и до криза во владата. Сметајќи дека дојде поволен час за политички маневри, министрите конституционални демократи поднесоа оставки со намера тежината на одговорноста да ја префрлат врз своите колеги од умерениот социјалистички табор. Обидот за бунт во Петроград уште повеќе ја заостри кризата. Сето тоа направи повторно да се намножат гласините дека треба да се создаде „силна влада на чело со силен човек”, со тоа што сега за тоа подеднакво се зборуваше и во тогаш водечките партии на Советот и во граѓанските партии. Ова барање беше најтесно поврзано со уверувањето дека револуцијата во суштина е завршена и дека поради тоа треба да се истакне паролата за одбрана на републиката. Уште само се бараше погодна личност. Се чинеше дека Керенски е тој посакуван херој и тој на 21 јули формира влада од социјалистичките струи, се разбира, исклучувајќи ги болшевиците. Керенски ја концентрира моќта во свои раце, а покрај претседателската положба и понатаму го задржа многу важното министерство за војна. Советот му искажа целосна доверба на новиот Министерски совет, го прогласи за „влада на народната одбрана” и му даде вонредни овластувања.

Од оваа точка тргна умерениот Совет по патот на својот крах. Предводен од социјалреволуционерите и меншевиците, ги претставуваше политичките стремежи на широката коалиција на социјалистички и граѓански партии врз основа на отфрлањето на самодржавието, а во име на парламентарната република и политичките права на поединецот. Оваа суштина не ја менуваше ниту фактот дека во него првенствено преовладуваа социјалдемократските убедувања и дека е истакнувана одредена левичарска програма. Можноста за управување со земјата водечките луѓе на Советот ја наоѓаа исклучиво во договарањето со конституционалните демократи, прогресистите и октомвристите. Ситуацијата во земјата бараше активност и успешно решавање на проблемите. Но дотогашните партии на Советот не се осмелија да владеат сами, иако се чинеше дека на половината од летото конечно цврсто ја зедоа власта.

Самиот Керенски беше отелотворување на таквата политика. Иако увидуваше дека коалиционите влади немаат успех, зашто министрите во нив се чувствуваа како делегати на своите партии, а не како политичари кои ги водат работите, што правеше Советот на министри да се претвори во претставничко тело, сепак не сметаше дека може да владее само со социјалистичките партии. Поради тоа овластувањата кои ги доби ги користеше најпрво за да ги убеди граѓанските партии повторно да пристапат кон коалицијата. Тоа и му појде од рака, па од 6 август на чело на Русија беше владата на партиите на умерените социјалисти и граѓани, а претседател беше Керенски. Тоа што Керенски во меѓувреме еднаш даде оставка, а потоа ја повлече, беше само нов знак дека не станува збор за човек кој ќе умее да ја стабилизира власта.

Владата на Керенски вети реформи кои не ги изврши, а исто така не можеше да ги одржи ветените и дури закажаните (за 30 септември) избори за Уставотворното собрание. Меѓутоа, спроведе некои мерки во духот на барањата на десницата: работеше на подобрување на дисциплината во војската по пат на јакнење на авторитетот на офицерите, го назначи за главен командант генералот Лавриј Георгиевич Корнилов, човек кој веќе подолго време се залагаше „за конечно воведување ред”, против болшевиците настапуваше со апсења, забрани и најостра пропаганда. Сè на сè, мнозинството од водечките луѓе на Советот и владата конечно се размина со крајната левица, а истовремено, оставајќи ги клучните проблеми нерешени и спроведувајќи политика која со својата умереност влечеше кон десно, даде многу докази за болшевичките обвинувања против владата. Меѓутоа, тие луѓе не ја задоволуваа ниту десницата, која остана недоверлива кон нивната програма и бараше управување преку цврста рака, а особено поостра пресметка со решителните левичари. Чернов, водачот на социјалреволуционерите, сето тоа добро го увиде кога рече тие денови: „Почна нова ера во историјата на Револуцијата. Пред два месеци Советот беше посилен. Сега станавме послаби, па односите на силите се променија на наша штета.”

Болшевиците не беа скршени во јули. Напротив, уште повеќе зајакнаа. Навистина, дел од нивните водачи беа уапсени, но најголемиот дел сепак остана на слобода, а Ленин, иако далеку од престолнината, и понатаму раководеше со партијата. Со тоа што во јули се избегнати вооружени пресметки, сочувана е масата приврзаници, а поради искажаната поддршка на востаничкиот обид, па потоа и поради грижата за востаниците, болшевиците го зајакнаа својот престиж кај најбунтовните и сиромашните. Преку оградувањето од владините партии и преку острата критика на поврзувањето на другите социјалистички струи со граѓанските партии создадоа од себе стожер на собирањето на сите револуционери кои беа незадоволни од развојот на приликите. Исто така, бројно и организациски растеа. Од 8 до 16 август одржан е Шестиот конгрес на Болшевичката партија и во таа прилика уште еднаш е разгледано сопственото место во случувањата. Тогаш на болшевиците конечно им пристапија Троцки и неговите приврзаници. Болшевичките ќелии понатаму се ширеа, бројот на членови на партијата растеше, ширум земјата сè повеќе имаше нивни претставници во советите. Најпосле, дисциплината на партијата и увереноста на нејзините припадници стануваа сè поголеми. И таа сè посилна, поорганизирана и посамосвесна револуционерна струја почна да подготвува востание за преземање на власта.

Десницата напаѓа

Но за акции се подготвуваше и десницата. Откако во првата половина на март 1917 пропаднаа обидите за спасување на монархијата, силите на самодржавието повеќе не можеа да се соберат за да се обидат да направат нешто посериозно против револуцијата. Едноставно, револуционерните случувања ги разбија и потиснаа, а ниту фактот дека царските генерали во воените услови мораа главно да останат на командните места не овозможуваше значајни крајно десничарски истапи. Сепак, иако од таа страна често доаѓаа барања за „воведување ред”, тоа во сите случаи не можеше да се сфати како повик за враќање на царизмот. Поточно беше дека дел од офицерите тие месеци беше наклонет кон државата со помалку или повеќе претставничка демократија. Што се однесува до приврзаниците на самодржавието, кои исто така не беа малку, тие мораа да ги кријат своите уверувања, да ги потиснуваат, зашто со оглед на длабочината на револуционерното движење во редовите на обичните војници и на понискиот старешински состав, им беше јасно дека не располагаат со сили за пресметка.

Разликите во редовите на револуцијата, јасни од првиот ден, сè повеќе се продлабочуваа, а исто се случи и помеѓу самите социјалисти кои уште од порано беа поделени меѓу себе. При услови на ваква расчленетост во инаку победничката револуција, поимот „десница” се помести на некогашните опозициски граѓански партии во царската Дума. Болшевичкото самостојно истапување и спротивставување на другите социјалистички струи и групи беше токму епохално значајно; револуционерното работничко движење конечно се расцепи на две непомирливи крила: комунисти, радикална партија која во диктатурата на пролетаријатот гледа пат за коренита преобразба на општеството, и социјалдемократија, која во граѓанската демократија гледаше скалило кон социјализмот. Низ овие процеси граѓанските партии беа потиснати на десното крило, речиси целото лево крило го зафатија болшевиците, додека меншевиците и социјалреволуционерите ја добија улогата на центарот. Пред решителноста и силата на левицата, мнозинството од овој центар се приклонуваше кон соработка со десното крило. Работништвото и сиромашното селанство, а и сиромаштијата воопшто, ги поддржуваа болшевиците; крупното граѓанство (индустријалците, банкарите, крупните трговци) политички се изразуваше преку конституционалните демократи, прогресистите и октомвристите; средното и ситното граѓанство и селанство главно ги поддржуваа меншевиците и социјалреволуционерите. Политиката како ретко кога сосема јасно носеше печат на општествените односи.

Сред заканите на левицата, која бараше „втора етапа на револуцијата” и диктатура на пролетаријатот, десницата почна да се собира за да го прекине тој развиток. Истовремено се укажуваа можности повторно да се појават приврзаниците на царот, навистина, за момент воздржано, дури и прикриено и само како сојузници на десното крило на револуцијата, чии противници беа само пред неколку месеци. Тука се основите на поактивното политичко истапување на повисокиот офицерски кор.

Главниот командант, генералот Корнилов, ја поведе акцијата на десницата. Тешко е да се тврди дека тој беше еден од оние што се бореа за враќање на самодржавието, зашто во повеќе наврати дотогаш се покажа како војник врз кого Привремената влада можеше да се потпре. Токму поради тоа што беше приврзаник на зачувувањето на резултатите од револтот од март 1917, тој во следните месеци и можеше да добие улога. Но поради изложените раслојувања, верноста кон март не значеше многу во август 1917. Многу истакнати учесници од почетокот на револуцијата сега бараа да се прекине понатамошниот револуционерен развиток, а Корнилов токму беше нивната личност. Бидејќи, според нивното мислење, Керенски целосно разочара, првенствено поради тоа што не ги скрши болшевиците, надежите требаше да се вложат во главниот командант, подготвен преку диктатура да ги уништи обидите и условите за „втората етапа на револуцијата”. Врховната команда на војската во тие денови стана значаен политички факт. Ова дотолку повеќе бидејќи, од друга страна, и самиот Керенски намераваше да се послужи со војската за да ги зацврсти своите позиции.

Корнилов беше подготвен на почетокот на септември. Во Могилово, каде што му беше штабот, ги собра најдоверливите офицери, а кон Петроград концентрира верни трупи. Освојувањето на Рига што го извршија Германците и возбудата што по тој повод ја зафати Русија, создаде погодна прилика, па Керенски вечерта на 8 септември доби барање од Корнилов да му ја пренесе целата власт нему, а за тоа му е ветена министерска фотелја во пучистичката влада. Наизглед сè почна со невешт потег, со обидот Керенски, сè уште најмоќниот човек на Русија, да се убеди на соработка. Меѓутоа, претседателот на владата се реши на отпор и му нареди на Корнилов веднаш да ја предаде должноста и итно да дојде во престолнината. Генералот одговори со проглас до народот во кој ја обвини Привремената влада дека во договор со болшевиците намерно им ја предаде Рига на Германците. „Свечено изјавувам - објави водачот на бунтот - дека ќе го водам народот преку победата над непријателот до Уставотворното собрание, во кое тој самиот ќе може да одлучи за својата судбина и да го избере обликот на владеење кој што го сака.” Трупите беа ставени во движење, а задачата на освојување на престолнината ја доби Третиот коњанички корпус, т.н. „дива дивизија”, под команда на генералот Кримов. Прв пат по почетокот на револуцијата, десницата тргна да изврши удар. Историчарите со право истакнуваат дека бунтот на Корнилов конечно означи дека помина времето на политичките борби во Советот и ја навести скорешната граѓанска војна.

Водствата на социјалреволуционерите и меншевиците одлучија да го поддржат Керенски. Тој беше овластен да ги преземе сите мерки со цел „спасување на татковината, одбрана на слободата и републиканскиот поредок”. На војската ѝ е наредено да се покорува на владата и да ги спречи намерите на бунтовниците. „Комитетот за борба против контрареволуцијата” ги организира масите за одбрана. Петроград стана на нозе, брзаше во одбрана на револуцијата. Ваквото расположение најгорливо беше поттикнувано од седиштето на болшевиците во Смолни, па на 12 септември е објавена порака „до сите вработени, до сите работници, до сите војници во Петроград”. Таму пишуваше: „Контрареволуцијата маршира против Петроград. Предавникот на револуцијата и непријателот на народот, Корнилов, ги предводи трупите... Спасот на народот, спасот на револуцијата лежи само во револуционерната енергија на масите работници и војници... Војници, во име на револуцијата, во борба против генералот Корнилов! Работници, збијте ги редовите за да го одбраните градот на револуцијата од нападот на буржоаската контрареволуција!” Црвените гардисти, вооружените работници и војници, а меѓу првите повторно морнарите од Кронштат, беа на улиците. На чело застанаа оние болшевички водачи кои смееја да истапуваат јавно, а помеѓу нив беше и Троцки, кој само што излезе од затвор.

Синдикатот на железницата, кој беше под претежно влијание на меншевиците, реши да го оневозможи транспортот на бунтовничките единици и да ѝ помогне на владата. Внатрешноста исто така вриеше против пучистичкиот обид. Бунтовниците при својот марш наидуваа на пасивен отпор, движењето на нивните трупи беше попречувано и се претвораше во бесконечно. Железничарите не сакаа да ги префрлат изнаоѓајќи најразлични причини, населението по улиците на населбите им покажуваше со своето држење дека се на погрешната страна, искусни политички агитатори се уфрлуваа во нивните редови и им ја објаснуваа контрареволуционерноста на потфатот. Четите на Корнилов не издржаа, почнаа да се колебаат една по друга, а потоа и да откажуваат послушност. Конечно, се поколеба и „дивата дивизија”, а генералот Кримов, соочен со тој факт, изврши самоубиство. Обидот за државен удар пропадна, а Корнилов заедно со штабот ги уапсија бунтовници од редовите на неговата војска. За да ѝ даде посебно политичко значење, Керенски свечено прогласи република на 14 септември. Исто така, за да ја зајакне својата позиција, за себе ја зеде функцијата на главен командант на војската; тогаш ги закажа и изборите за Уставотворното собрание на 25 ноември 1917.

Големиот Октомври

Меѓутоа, и самиот Керенски беше изгубен. Корнилов е поразен од движењето на масите, но нив навистина ги предводеа болшевиците. Трупите верни на владата излегоа на положба со болшевичката „Црвена гарда” и беа понесени од нејзиниот занес, а пучистичките сили морално беа растроени првенствено преку делувањето на болшевичките агитатори. По овие случувања, војската во значителен дел стана болшевичка, а добар дел барем ги симпатизираше. Воено-револуционерниот комитет (поранешниот Комитет за борба против контрареволуцијата) премина под водство на „црвените”, како и голем број од советите во воените единици. Септемвриските избори за советите го потврдија овој развој на политичките прилики: им донесоа успех на болшевиците. Тие завладеаја со Петроградскиот совет, како и со низа реонски совети, добивајќи во нив вкупно половина од местата. Во Серускиот извршен комитет на советите толку зајакнаа што беа втора партија според силата, зад социјалреволуционерите. Влијанието на нивните водачи врз петроградските прилики стана голем. А повторно ги имаше доста и на слобода, зашто многумина, уапсени во јули, беа пуштени од затвор по крахот на обидот на Корнилов.

Од друга страна, дојде до проретчување и разидувања во владините социјалистички партии. Левото крило на социјалреволуционерите и меншевиците бараше итно склучување мир и спроведување на аграрната реформа, а кога отпорот на десното крило го оневозможи тоа, владата ја напушти дел од левичарски настроените министри на чело со Чернов. Соработката со крајната десница, особено за спроведување на некои насилни мерки, по крахот на Корнилов носеше само целосно компромитирање пред повторно сè позаканувачките движења на петроградското сиромашно население. Стопанството во тој момент беше во целосен хаос, војната продолжуваше со порази и губитоци, зимата се закануваше да ја претвори оскудицата во бескрајни претешки страдања.

За Ленин тоа беше моментот за преземање на власта. Талент за насочено настапување, тој повеќе не сметаше на стихијното и широко движење, туку на смислена вооружена акција, на организирано востание кое би било добро политички подготвено, втемелено врз моменталното расположение на масите, кои треба да ги поведе, да ги насочи. Во месец април, тој ги опоменуваше премногу нестрпливите партиски другари дека марксистите не можат да ги следат бланкистичките рецепти, но сега оцени, и тоа решително им го докажуваше на своите соработници, дека востанието мора да се изведе, па потсетуваше на тоа дека Маркс за востанието зборуваше како за вештина на преземање на власта. Всушност, Ленин беше убеден дека се стекнати сите поволни услови за успешен потфат: болшевиците многу зајакнаа во советите, а во Петроград добија мнозинство; нивното влијание врз масите, особено врз индустриското работништво, стана исклучително големо; по крахот на обидот на Корнилов, широкото население многу се политизира, односно беше создаден „сенароден револуционерен полет”; во редовите на владејачките партии постоеја колебања „во сериозни политички размери”; социјалреволуционерите и меншевиците го изгубија угледот кај народот, па требаше да се искористи постоењето на „така ѕверската, така длабоката омраза” кон Керенски, Церетели и Чернов. Сето тоа, тврдеше Ленин, дава извонредна прилика за преземање на власта: „Постојат сите објективни предуслови за успешно востание. Имаме извонредни предности на ситуацијата, зашто единствено нашата победа во востанието може да им стави крај на колебањата кои го измачија народот.” Сето ова го напиша во писмото до Централниот комитет на Болшевичката партија од 26-27 септември. Воедно, тежиштето од ширење на кругот на приврзаници, на што инсистираше во април, го пренесуваше врз вредноста на членовите и приврзаниците, зборуваше за потребата да се има „решителни и смели борци”. Не салите во кои се расправа, туку фабриките и касарните мораат да бидат средишта кон кои се насочува партиската работа, зашто е неопходно да се убедат масите работници и војници да ги следат болшевиците. Врз основа на овие процени, начела и тактика започнаа подготовките за востанието.

Сепак, двоумењата помеѓу болшевичките водачи беа големи. Дел од нив го сметаат востанието за опасна авантура која за ден-два може да го уништи сето она што е постигнато, беа убедени дека чекорот кон преземање на власта треба да се направи дури тогаш кога ќе го поведат зад себе мнозинството од народот. Спротивно на тоа, Ленин сметаше дека веќе се располага со доволно сила, а и стравуваше дека иднината би можела да донесе неповолни околности за болшевиците. Очигледно беше убеден дека е важно да се преземе власта и потоа таа решително да се брани, а при тоа да не се обраќа внимание на демократското начело на мнозинството. Околу ова дојде до разидување и по неколку недели. Кај Ленин, меѓутоа, веќе конечно беше обликувана идејата за државата на диктатурата на пролетаријатот, чии политички темели ќе ги прави една дисциплинирана, организирана и за политички акции високо оспособена партија, потпрена врз поддршката на работништвото и сиромаштијата. И остана непоколеблив.

Во текот на првите недели од есента 1917, Ленин мораше повеќепати да ги брани своите погледи за неопходното и блиско востание. Најрешително му се спротивставуваа два члена на Централниот комитет: Каменев и Зиновјев. На седницата од 23 октомври, во присуство на Ленин, кој илегално дојде во Петроград и го напушти веднаш по состанокот, Централниот комитет со гласање одлучи да се крене востание на денот на отворањето на Вториот серуски конгрес на советите: „за” гласаа десет членови (Ленин, Троцки, Сталин, Свердлов, Урицки, Џержински, Колонтаева, Бубнов, Соколников и Ломов), „против” гласаа два члена (Каменев и Зиновјев), отсутни беа единаесет членови. Договорена е и паролата на востанието: „Сета власт на советите.” Тогаш е избрано и потесно тело за раководење со работите, во кое влегоа Ленин, Троцки, Лав Борисович Розенфелд - Каменев, Григориј Евсеевич Радомиљскиј - Зиновјев, Сталин, Соколников и Андреј Сергеевич Бубнов. Тоа беше почетокот на постоењето на идното вистински раководно тело - Политбирото.

Каменев и Зиновјев сметаа дека сето ова е премногу важно за да не се борат за своите мислења. Откако Централниот комитет ја донесе одлуката, тие повторно го објаснија своето убедување: „Ние сме најдлабоко убедени дека сега да се објави вооружено востание значи да се стави на коцка не само судбината на нашата партија, туку и на руската и меѓународната револуција... Се кажува: 1. со нас е мнозинството од народот во Русија; 2. со нас е мнозинството од меѓународниот пролетаријат. За жал, не е точно ниту едното ниту другото...” Уште повеќе, тие двајцата решија да настапат јавно, па во весникот на Максим Горки, „Нов живот”, го објавија мислењето дека нема услови за востание: „Силите на пролетерската партија секако дека многу значително се зголемија, но решавачкото прашање е дали навистина вистинското расположение на работниците и војниците на главниот град е такво што тие самите го гледаат својот спас во уличната борба и во излегувањето на улица. Не, нема такво расположение...”

Ленин оваа постапка на Каменев и Зиновјев ја сметаше за исклучително опасна за целиот потфат. Иако овие два члена на Централниот комитет не зборуваа за планираното востание, за нешто што претстои, туку настојуваа сето тоа да го прикажат како теоретско прашање, нивното истапување јасно покажа со кои идеи се занимаваат болшевиците. Во писмото до Централниот комитет од 31 октомври, Ленин потсети дека станува збор за спротивставување на одлуката на мнозинството во водството, при што тргнуваше од основата која на болшевиците им обезбедуваше ефикасност сè до крајот на неговиот живот: по гласањето во раководното тело, одлуката е задолжителна за сите. Самото истапување Ленин го окарактеризира како „предавничка постапка”, која „внесува колебање и забуна во редовите на борците” и поради тоа „дотолку порешително треба штрајкбрехерите [Каменев и Зиновјев] да се исфрлат надвор [од партијата]”. Каменев и Зиновјев мораа да поднесат оставка на членството во раководното тело, но аферата набрзо беше смирена и тие останаа водечки болшевици. Изгледа дека за таквиот расплет беше посебно заслужен Сталин, кој се покажа како вешт тактичар во меѓучовечките односи во партискиот врв и сега успеа сето тоа да се заврши со одреден компромис.

Во подготовките на востанието значајна улога имаше Лав Троцки; тој во есента 1917 очигледно беше најважната личност на политичката сцена на Петроград. Одличен говорник и искусен револуционер, тој се покажа надарен за организирање, за смислено политичко истапување и за решителна акција. Како негова заслуга се припишува тоа што морнарите од Кронштат решија да го бранат Керенски од Корнилов. Пуштен од затвор во време на врвот на кризата околу Корнилов, тој во тие денови беше водач на воодушевеното население и беше исклучително заслужен за тогашниот пораст на престижот на болшевиците. Популарноста му донесе избор во градскиот совет, а потоа, на 6 октомври, стана и претседател на тоа тело; така, повторно дојде на истата онаа положба на која беше пред 12 години, зашто во револуцијата од 1905 беше прв претседател на првиот совет во Петроград. Изборот на Троцки беше особено важен за успехот на болшевичките планови, зашто болшевичкото мнозинство и болшевичкиот претставник во Петроградскиот совет овозможуваа непречени подготовки. Впрочем, единствено благодарение на тој факт Ленин можеше илегално да се појавува во градот.

Вештиот Троцки успеа подготовките за востанието да ги претвори во јавни, зашто политичките противници ги убеди дека станува збор за мерки насочени како против новите обиди на десничарските генерали, за што непрекинато кружеа гласини, така и против Германците, во случај да се пробијат до главниот град. Сосема легално го создаде Воено-револуционерниот комитет, на чие чело беше тој и кој раководеше со подготовките за бунтот. Искористувајќи ги овие можности, на работниците им делеше оружје, а се грижеше и за ширењето на болшевичките убедувања. Дури и успеа единиците на градскиот гарнизон на 29 октомври да објават дека нема да ги следат наредбите на владата, туку само наредбите на Комитетот. Исто така, го разработи акциониот план на востанието и, на крајот, даде знак за востание.

Бидејќи Вториот серуски конгрес на советите беше свикан за 7 ноември, одредено е востанието да се крене истиот ден. Точно се сметаше дека ова собрание може да послужи за зацврстување на востанието ако тоа доведе до преземање на власта. Но, до судирот дојде веќе на 6 ноември: Керенски нареди да се затвори редакцијата на „Работнички пат”, болшевичкиот орган по јулската забрана на „Правда” и поради тоа упати малку војници. Болшевиците ја искористија приликата да ја доведат ситуацијата до психолошка напнатост, што му годеше на избувнувањето на востанието, но и да го обвинат противникот дека тргна во напад врз Советот. Троцки му даде налог на еден подобро вооружен одред да ги избрка луѓето на Керенски од редакцијата на „Работнички пат”, што беше и направено. Сега Керенски побрза да добие вонредно овластување од Владата, а почна да бара и сили за противнапад. Тој момент Ленин, кој се криеше во Виборг, го сметаше за решавачки за акција и неговата порака до Централниот комитет гласаше: „Не смее да се чека! Може сè да се изгуби! Да се преземе власта веднаш...” Од своја страна Троцки продолжи во Петроград јавно да покажува дека Советот повеќе не ја признава власта, а воедно создаваше затегната атмосфера погодна за кревање востание.

Решавачките наредби почнаа да се извршуваат во зората на 7 ноември, а истовремено пристигна и Ленин во Смолни. Вооружените востаници ги запоседнаа најважните точки на Петроград: мостовите, железничките станици, поштата и телеграфот итн. Немаше отпор, па дури и дел од вооружените сили ги поддржа болшевиците и веќе изутрината целиот град беше во рацете на востаниците. Заштитена од малку сили, владата сè уште го држеше Зимскиот дворец околу кого бунтовничките чети составија обрач. Керенски залудно се обидуваше да премине во противнапад, но трупите не ги извршуваа неговите наредби. Тогаш претседателот на владата незабележително исчезна од престолнината, користејќи го автомобилот на американскиот амбасадор, и замина во внатрешноста за да најде доверлива војска. Наспроти тоа, вооружените сили на востанието постојано зајакнуваа, особено поради тоа што кај нив преминаа морнарите од балтичката флота, а Кронштат повторно беше на чело. Крстосувачот „Аврора” одби да ја изврши добиената наредба и да исплови и, наместо тоа, ги насочи своите топови кон Зимскиот дворец. Одлично политички подготвено и примерно технички изведено, востанието постигна брза победа речиси без ниту еден истрел.

Преостанаа уште две непосредни задачи: да се извојува политичка победа на конгресот на советите и со оружје да се освои Зимскиот дворец. Кога Вториот серуски конгрес на советите започна со работа во предвечерието на 7 ноември, беше соочен со фактот дека востанието победува. Десните социјалреволуционери и меншевици не сакаа да го прифатат тоа, па го напуштија Конгресот, а истото тоа, по извесни колебања, го направија и левите меншевици. Социјалреволуционерите ги обвинија болшевиците за „престап против татковината и револуцијата”, дека востанието „означува почеток на граѓанска војна и крај на Уставотворното собрание, а се заканува и со крах на револуцијата”; меншевиците изрекоа исти обвинувања. Болшевиците останаа господари и на улиците и во Конгресот на советите; и покрај сите спротивставувања продолжија со акцијата на зацврстување на власта така што го прогласија Конгресот за врховно политичко тело на револуцијата, согласно со паролата „сета власт на советите”. Откако ноќта помеѓу 7 и 8 ноември тргнаа во решавачка битка за Зимскиот дворец, го освоија на јуриш некаде пред зората и го уапсија мнозинството од министрите, направија Вториот серуски конгрес да објави на 8 ноември: „... потпрен врз волјата на мнозинството од работниците, војниците и селаните, потпрен врз целосното победоносно востание на работниците и на гарнизонот во Петроград, Конгресот ја зема власта во свои раце. Привремената влада е соборена... Конгресот заклучува: Власта во целост преминува кај советите на работничките, војничките и селанските депутати, кои треба да воведат вистински револуционерен ред.”

Во меѓувреме, Керенски настојуваше да најде сили за марш против болшевичкиот Петроград, но тоа не одеше лесно. Командантите не одговараа на наредбите, делумно и поради тоа што беа сигурни дека единиците нема да ги слушаат. Војниците ги симпатизираа болшевиците, чија програма им беше блиска и кои им беа последната надеж дека војната конечно ќе заврши. Сепак, генералот Краснов, командантот на Третиот козачки корпус, одговори и иако не му беа сигурни сите единици, се одлучи за марш. Со околу 5 илјади коњаници на 10 ноември изби 90 километри од Петроград и влезе во Царево Село. Тогаш пред експедицијата се испречија рововите на бунтовничките сили, но и убедувањето на агитаторите на револуцијата. Нападот е изведен на 12 ноември, а истиот ден изби и бунт на една група офицери во Петроград. Меѓутоа, ударот на Краснов немаше сила; не станува збор за многу побројна одбрана, туку за онаа во текот на целата 1917 редовна деморализираност на војската, која ја тераа да настапува против револуцијата во Русија. Поразот на напаѓачите не беше толку тежок колку што беше целосен; војската, која и инаку млитаво тргна напред, набрзо почна да се повлекува и никој повеќе не можеше да ја доведе до борбен строј. Предводени од морнарите, црвените борци тогаш изведоа противнапад врз до неодамна опасниот противник, кој повеќе ниту намераваше да се бори. Пред да го уапсат неговите војници, Краснов уште само можеше да му порача на претседателот на владата повеќе да не се надева на него. Керенски оцени дека единствено му преостанува да емигрира, па побегна во Англија, а неговата улога конечно беше завршена. Во Петроград болшевиците недвосмислено покажаа дека ќе се бранат со цврста рака: бунтот беше скршен преку сила, а фатените бунтовници беа погубени.

Болшевичката револуција одекна во цела Русија, па наскоро власта во најголемиот дел од земјата беше во нивни раце. Навистина, во Москва социјалреволуционерите успеаја во првиот момент да ги потиснат, но откако на болшевичкиот водач Бухарин му пристигна засилување, во прв ред од Петроград, болшевиците повторно настапија и, по уличните борби, ја презедоа власта на 13 ноември.

Започна историјата на првата земја на социјализмот во светската историја.

Диктатурата на пролетаријатот

На 8 ноември Конгресот на советите прифати “до свикувањето на Уставотворното собрание да се формира привремена влада на работниците и селаните за да управува со земјата”, со тоа што ќе се вика „Совет на народните комесари”, Совнарком. Задача на владата беше да ја оствари програмата што ќе ја усвои Конгресот, а правото на надзор над нејзината работа со право на вмешување го задржаа Серускиот конгрес на советите и неговиот Централен извршен комитет. Совнаркомот беше составен исклучиво од болшевици, откако социјалреволуционерите ја одбија понудата да влезат во него. Претседател беше Ленин, комесар за надворешни работи Троцки, а комесар за внатрешни работи Алексеј Иванович Риков. Останатите ресори беа вака пополнети: земјоделие - Владимир Павлович Миљутин; труд - Александар Гаврилович Шљапников; трговија и индустрија - Виктор Павлович Ногин; образование - Анатолиј Василиевич Луначарски; финансии - Иван Иванович Скворцов; правда - Георгиј Иполитович Опиков-Ломов; снабдување - Иван Адолфович Теодорович; пошта и телеграф - Николај Павлович Аволив-Глебов, а местото министер за железници привремено остана непополнето. За важното прашање на националностите создаден е посебен одбор чиј претседател беше Сталин, додека војската и морнарицата му беа доверени на комитет од тројца кој го сочинуваа Владимир Александрович Овсенко-Антонов, Николај Василиевич Криленко и Павел Ефтимович Дибенко.

Програмата што ја усвои Конгресот беше втемелена врз два декрети: врз декретот за мир и декретот за земјата, а двата ги поднесоа болшевиците и двата беа прифатени на 8 ноември. Со оглед на првиот декрет, Совнаркомот мораше што побрзо да направи да се склучи мир без анексионистички зафати и без контрибуциски побарувања, а врз основа на признавањето на правото на сите народи на самоопределување. Владата веднаш се фати за работа и им се обрати на сите завојувани страни, а бидејќи позитивен одговор пристигна само од Централните сили, примирје е склучено на 15 декември 1917, а мир, по мачни преговори и под тешки услови, во тврдината Брест-Литовск на 3 март 1918. Декретот за земјата ја укина приватната сопственост над големите поседи и до Уставотворното собрание ја ставаше земјата под управа на селските комитети. Тоа веднаш беше спроведено насекаде каде што болшевиците ја имаа власта. Овие мерки ги решаваа двете најважни политички прашања на земјата, кои Привремената влада во текот на своите шест месеци од владеењето никако не можеше да ги симне од дневен ред. Истовремено, тоа беа решенија за кои беше заинтересиран најголемиот дел од населението по градовите и селата. Болшевиците на тој начин на самиот почеток забележаа важни политички успеси.

Но, најважното допрва претстоеше. Сега требаше да се владее, а во тоа беше основно дали ќе се успее да се изгради новата држава и дали ќе се создадат патишта за социјалистичката преобразба на руското општество. Во врска со тоа, сè се вртеше околу три посебни прашања: дали болшевиците можат и треба сами да владеат, дали решително и брзо ќе ги спроведат мерките на општествената и економската револуција и дали ќе го прифатат Уставотворното собрание. Односно, прашањето беше: што на дело значи диктатурата на пролетаријатот?

По повлекувањето на двете меншевички струи и на десните социјалреволуционери, во Вториот серуски конгрес на советите останаа болшевиците и левите социјалреволуционери, двете единствено силни и организирани политички групи. Болшевиците во осакатениот Конгрес имаа апсолутно мнозинство, наоѓаа многу приврзаници помеѓу градската сиромаштија, а особено помеѓу работништвото, вршеа влијание кое ги зафаќаше сите области на земјата. По одвојувањето од партиската матица, инаку партијата со најширока поддршка во сите средни слоеви, левите социјалреволуционери добија улога на левичарска група која во многу точки од својата програма им беше блиска на болшевиците, а поткрепа ѝ даваа, покрај дел од интелигенцијата, и сиромашните селани. И болшевиците и левите социјалреволуционери го делеа убедувањето за потребата од левичарска диктатура, но додека кај првите преовладуваше убедувањето дека власта треба исклучиво да ја држи партијата на пролетаријатот, кај другите многу живо беше убедувањето за заедница на сите струи на левицата. Болшевиците се развиваа како дисциплинирана организација во која поединецот имаше свое место дури во составот на целината, социјалреволуционерите ги застапува правата на поединецот, анархистичкото настапување и ја одрекуваа важноста на организирањето. Болшевиците полагаа надеж во организираната сила на партијата, остварувана по освојувањето на власта преку државата, социјалреволуционерите првенствено полагаа надеж во акциите на индивидуален терор. Водачите и на едните и на другите беа луѓе со длабоки убедувања, извонредна активност, голема енергија, крајно борбени; но болшевиците посистематски, порационални, одредени за далекусежен ôд, социјалреволуционерите поемотивни, побурни, без вистински длабок поглед кон иднината.

Лениновата политика во 1917 беше втемелена врз самостојно делување и истапување на болшевиците. Владимир Илич упорно зборуваше за потребата од разграничување во револуционерната левица, а на најостра критика ги подложи стремежите за политичка соработка со другите политички групи. Славно стана едно негово упаѓање во збор. Кога еден говорник на Првиот серуски конгрес на советите тврдеше, со поглед свртен кон многу силни политички струи, дека нема партија која би владеела сама, Ленин го прекина со извикот: „Има, болшевичката!” Во текот на имиграцијата во летото 1917 Ленин ја напиша својата позната книга „Државата и револуцијата” во која го разработи учењето за државата на пролетерската диктатура. Неговата практична работа во револуцијата тргнуваше од тоа дека пролетаријатот мора да биде политички организиран, дека може да постои само една вистински работничка партија и дека тоа е - болшевичката партија. Напоредно го развиваше своевидното марксистичко учење, подоцна наречено ленинизам, кое ја претставуваше болшевичката политичка доктрина. Во решавачкиот момент кога го поттикна востанието, тој гледаше на потфатот како на чисто болшевичка работа и средство за болшевиците да ја преземат власта; државата на револуцијата во која веруваше беше болшевичката држава. Навистина, тактичките причини го тераа на коалиција со левите социјалреволуционери: за колку-толку да се прошири политичката и општествената основа на болшевичката власт, за да се спречи создавањето на коалиција на сите останати социјалистички струи против болшевиците, за да се ослабне барањето кое што се слушаше, инаку многу силно, меѓу самите болшевици дека неизбежно мора да се влезе во коалиција, за делумно да се отфрлат приговорите за непомирливост. Ленин го увиде ова и се согласи на коалиција, но ниту тогаш не го напушти својот основен став: „Ние цврсто стоиме на принципот на советска власт т.е. на власт на мнозинството кое е добиено на последниот конгрес на советите. Ние сакаме и ќе продолжиме да сакаме да ја делиме власта со малцинството од советите, под услов на лојална, чесна обврска на тоа малцинство дека ќе се покорува на мнозинството и ќе ја спроведува програмата... која се состои од постепени, но цврсти чекори кон социјализам.”

И приближно во текот на првите осум месеци се соработуваше со левите социјалреволуционери. Навистина, тие не сакаа да влезат во владата од 8 ноември, но останаа на Конгресот на советите и влегоа во тогаш избраниот Серуски извршен комитет на советите. Кон крајот на ноември е постигнат договор помеѓу двете левичарски партии, по што левите социјалреволуционери добија четири министерства (за земјоделие - А. З. Колегаев; за правда - И. З. Штајнберг; за пошта и телеграф - П. П. Прошјан; за локална управа - Трутовски) и два министри без ресор, а Серускиот извршен комитет беше проширен со нови нивни членови. Тие учествуваа во создавањето на новата служба за безбедност и имаа свои луѓе во неа. Сепак, разидувањата на двете партии остануваа големи. Така, социјалреволуционерите се спротивставуваа на мирот под условите што ги наметнуваа Германците, па на Четвртиот серуски конгрес на советите во март 1918 гласаа против ратификацијата на Брест-литовскиот договор, а потоа истапија од владата поради истото прашање. Привремено останаа во советите, но колебањата беа сè поголеми и поголеми и најпосле, на Петтиот серуски конгрес на советите во летото 1918, дојде до конечното разидување. Покрај многуте судири со болшевиците и покрај владините забрани, социјалистичките партии можеа да делуваат опозициски сè до задушувањето на Кронштатското востание на морнарите во март 1921. По тоа секое организирано политичко делување беше единствено можно преку Болшевичката партија.

Прашањето за коалицијата ја потресуваше Болшевичката партија и одвнатре, зашто помеѓу највлијателните луѓе постоеја големи разлики во мислењата. Имено, некои, а пред сè Каменев и Зиновјев, ја сметаа коалицијата за неизбежна и тоа опфаќајќи ги сите социјалистички партии. Дали станува збор за проценки дека единствено така може да се остане на власт? Или е во прашање концепција на државата која беше суштински различна од Лениновата? Во секој случај, спорот помеѓу болшевиците се појави веднаш по успехот на востанието, а набрзо се разгори и судирот. Улога одигра и тоа што влијателниот Серуски совет на железничарите ја условуваше својата поддршка за владата на ноемвриските востаници со коалицијата со сите групи на социјалреволуционерите и на меншевиците. Каменев, претседателот на Серускиот извршен комитет на советите и во тој момент водечки болшевички претставник во преговорите со железничарите, беше подготвен за отстапки. Ленин се спротивставуваше, барајќи сета власт да им остане на болшевиците и одбивајќи преку заобиколен пат да им се врати на оние од кои со оружје беше одземена. Обраќајќи им се во оваа прилика на „сите членови на партијата и на сите работни класи на Русија”, Ленин објасни дека станува збор за принципот дека сета власт мора да им припадне на советите: „Вториот серуски конгрес ѝ даде мнозинство на Болшевичката партија. Само владата која ја состави таа партија, според тоа, е советска влада.” Ова гледиште доби мнозинство во Централниот комитет, но доведе до незадоволство кај дел од раководните луѓе. Зиновјев и Каменев истапија од Централниот комитет, со тоа што Каменев даде оставка и на местото претседател на Серускиот извршен комитет на советите. Ногин, Риков и Милјутин го напуштија и Централниот комитет и Совнаркомот. Сепак, одлуката на партискиот врв, донесена преку гласање врз основа на мнозинство, не можеше да биде променета. Посебните мислења и протестите немаа вредност.

Во основата беше ова: бидејќи се намераваше решително да се настојува на брзо и успешно спроведување на далекусежни социјалистички промени во смисла на партиските ставови, чиј творец најчесто беше Ленин, беше очигледно дека, со оглед на руските прилики како и на искуствата на Привремената влада, треба да се има хомогена влада и, уште повеќе, требаше партијата цврсто да го држи целиот апарат на државната власт. Се разбира дека во овој случај мораше да се смета на огорчени отпори од страна на сите други политички сили. Од друга страна, ако се сакаше поширока политичка основа на власта, што подразбираше коалиција, беше јасно дека програмата не би можела доследно и ефикасно да се спроведува во целост. Во првиот случај нужно мораше да се оди во диктатура за да се оневозможат многубројните и различни останати политички групи, а и за да се скрши отпорот преку брза и темелна преобразба. Во вториот случај се закануваше можноста од губење на власта преку слободната политичка игра или преку некој вид парламентарен живот. Ленин беше за првиот пат; во партијата гледаше силно политичко средство, сметаше дека државата мора да биде во нејзини раце, советите ги разбираше како органи на власта под водство на болшевиците. Партијата го следеше во тоа.

Одлучувачко политичко тело стана Централниот комитет на Болшевичката партија и во тоа е важната одлика на новата држава. Навистина, одлуките ги носеа државните органи и советите, особено Совнаркомот и Серускиот извршен комитет на советите, но секогаш стануваше збор исклучиво за политиката, правците и мерките кои претходно ги одреди, усвои или одобри болшевичкиот партиски центар. Политичкиот систем, значи, функционираше врз две основи: прво, мнозинската одлука на Централниот комитет стана задолжителна за сите членови на партијата; второ, членовите на партијата ги држеа клучните места во државата и општеството, па од овие позиции ги спроведуваа усвоените ставови во практиката. Меѓутоа, во партискиот врв доаѓаше до длабоки разидувања и видовме дека Ленин за помалку од месец дена два пати сериозно се судри со Каменев и Зиновјев. Но исто така карактеристично е што тие разидувања по одделни прашања, без оглед колку важни беа тие, не доведоа до расцеп во партијата, ниту до меѓусебно уништување. Напротив, сите болшевички водачи, очигледно обединети преку заедничките основни идеали и желби додека Ленин беше жив, секогаш по секое меѓусебно разидување и судир повторно се наоѓаа собрани околу истата работа. Што се однесува до начелото на покорување на одлуката на мнозинството во Централниот комитет, тоа направи болшевиците во тешките денови по преземањето на власта да претставуваат цврст фронт, дисциплиниран и добро организиран. Ова беше исклучително важно за исходот на политичките и вооружените борби во текот на следните години.

Пред болшевиците стоеја огромни задачи. Тие сакаа да ја преобразат економијата, општеството и политиката, а за тој потфат им стоеше на располагање релативно малото и навистина своевидно искуство на Париската комуна. Земјата политички вриеше, генералите на југ се држеа заканувачки, политичките противници стануваа сè поогорчени, поборбени и поагресивни, војските на Централните сили напредуваа, неруските народи се бунеа во граничните области, гладот пустошеше, економијата беше во хаос...

Болшевиците настапија решително. Се бореа да ја задржат власта, настојуваа да изведат реформи во духот на социјализмот, се трудеа да ги решат проблемите во поглед на склучувањето на мирот и средувањето на економијата. Секое посебно политичко прашање сè почесто се претвораше во политички проблем. Политизацијата на животот до апсолутност правеше политичката активност да стане основна активност, а политичката борба се распламтуваше и се водеше со сите расположливи средства. Некои болшевички првенци, особено Ленин и Троцки, се одликуваа со убава говорничка дарба и политичка образованост, па, често надмоќно, се носеа со претставниците на другите партии. Потпрени врз марксизмот, а особено врз Лениновата политичка мисла, тие во агитацијата тргнуваа од разработена и јасна, во некои случаи традиционална и испробана теориска основа, што исто така беше елемент кој придонесе кон нивната успешност.

Се користеа и средствата на сила, вклучувајќи ја и употребата на државниот апарат. Со исклучок на битката за Зимскиот дворец, востанието од 7 и 8 ноември протече мирно, но болшевиците, задушувајќи ги обидите за противудар на 12 ноември, недвосмислено покажаа дека немилосрдно ќе се бранат. Неколку дена порано, поточно веќе на 9 ноември, тие воведоа строго ограничување на јавните написи кои беа насочени против нив, а од 1 декември покрај болшевичките весници можеа да излегуваат само уште „Новиот живот” на Максим Горки и “Делото на народот” на социјалреволуционерите. Партијата на конституционалните демократи, која најрешително агитираше против новата власт и беше поврзана со подготовките на атаманот Каледин во Донската област, е забранета, а нејзините водачи се уапсени на 1 декември 1917.

Власта во првите недели се остваруваше преку вооружените одреди на Црвената гарда кои ги предводеа болшевици, но набрзо стана јасно дека мора да се премине од спонтаност на организираност. Со декретот од 5 декември е реорганизирано правосудството: старото судство е распуштено, а воведени се изборни судови. Со истиот акт се образувани посебни револуционерни судови „за борба против силите на контрареволуцијата, со цел да се брани револуцијата..., за борба против злосторствата и пљачкањето, саботажата и другите казниви дела од страна на трговците, индустријалците, чиновниците и другите лица.” Новото судство беше избирано од месните совети на работничките, војничките и селанските депутати, но строго се водеше сметка тоа да бидат луѓе верни или блиски до болшевиците. Основата на правниот систем не ја правеа законите - впрочем, револуционерното законодавство допрва се раѓаше - туку чувството на припадност кон Болшевичката револуција, почитувањето на одлуките на новата власт и повластеноста на сиромашните слоеви.

Со декретот од 20 декември 1917 формирана е Вонредната комисија за борба против контрареволуцијата и саботажата, скратено ЧЕКА. Нејзината задача е вака одредена: „Да се гонат и казнуваат сите акти на контрареволуција и саботажа во цела Русија, занемарувајќи ги нивните причини.” Тоа беше добро организирана политичка полиција, а истовремено и разузнавачка служба која ја сочинуваа идеолошки многу убедени кадри, болшевици и леви социјалреволуционери до летото 1918. На чело на службата стоеше Феликс Едмунтович Џержински, по потекло од една благородничка полска фамилија, од младоста приврзаник на социјалдемократијата, а во текот на царизмот прогоненик во Сибир. Нешто подоцна, со декретот од 28 јануари 1918 дојде до организирање на Црвената армија на работниците и селаните, а на 14 февруари и на Црвената флота.

Направен е брз и коренит зафат во економијата и општествените односи. Првиот акт беше декретот за земјата, а него го следеше наредбата на Совнаркомот против „хаосот во снабдувањето со животни намирници”, односно против шпекулациите и пљачкањето „по железниците, бродовите, транспортните бироа итн.” Вториот конгрес на советите воведе 8-часовен работен ден, со тоа што неполнолетните работеа шест часа дневно. Посебно важен беше декретот за работничката контрола, донесен на 27 ноември, според кого сите претпријатија со годишен обрт преку 10.000 рубљи се ставени под надзор на работниците и службениците вработени во нив и тоа под непосреден надзор во помалите, а преку избрани претставници во поголемите претпријатија. На сопствениците им е одземено правото самоволно да го прекинуваат производството, а сите, сопствениците, работниците и службениците, беа „одговорни пред државата за најстрог ред, дисциплина и чување на имотот.” Исто така е предвидена хиерархија на органите на работничка контрола преку месните, обласните итн. до сојузните. Централниот орган на управување со економијата е создаден со декретот од 15 декември, банките се национализирани на 27 декември 1917, а државните долгови се поништени на 3 февруари 1918.

Преку низа мерки се воведени различни промени во општествениот живот. Со декретот од 23 ноември 1917, Серускиот извршен комитет на советите ги укина сите разлики помеѓу граѓаните и сите граѓански титули; граѓанскиот брак е воведен на 31 декември. По подолги судири со црквите и верските заедници, а особено со православната црква, чиј патријарх на 1 февруари 1918 ја анатемиса болшевичката влада, издаден е декрет за одвојување на црквата од државата, а на училиштата од црквата на 5 февруари. Грегоријанскиот календар е воведен од 15 февруари. Жените во сите права и обврски целосно се изедначени со мажите, што е прв случај во светската историја.

Декретот за правата на народите на Русија од 15 ноември прокламира промена на вековната состојба во која рускиот народ имаше вонредно поволна положба, водечко место, политичка, културна и економска хегемонија во многунационалното и многународното царство. Со овој акт се прогласени слободата и сувереноста на секој народ во Русија, односно признато им е право на самоопределување до целосно отцепување и создавање сопствени независни држави. Укинати се сите привилегии кои ги имаа поодделни народи и цркви, а на црквите и народите кои дотогаш не беа признати им е дадено право на јавен живот. Најпосле, гарантирани се правата на слободен развиток на сите мали етнички и национални групи кои живеат во компактна маса на териториите кои инаку во мнозинство ги населуваа Руси. Во јануари 1918 во декретот е внесена важна промена: правото на самоопределување „мора да остане подредено на начелата на социјализмот”.

Уставотворното собрание

Најтешката политичка криза во текот на првите три месеци на болшевичката власт беше поврзана со свикувањето на Уставотворното собрание, а истовремено стануваше збор и за многу решавачката пресвртница, зашто тогаш падна преломната одлука плодот од Руската револуција да не биде уставна и парламентарна држава, туку република на советите, облик на диктатура на пролетаријатот. Најпосле, од случувањата околу Уставотворното собрание произлегоа некои од поводите за граѓанската војна.

Прашањето за Уставотворното собрание не беше обично во Русија. Откако идеите на либерализмот и уставноста добија место во европската историја, тие во царството на Романови живееја во редовите на демократската опозиција, но властите ги сметаа за субверзивни и ги прогонуваа. Поради тоа, соборувањето на царизмот во март 1917 само по себе најавуваше скорешно свикување на уставотворно собрание; меѓутоа, иако новите водечки луѓе тоа го ветуваа, следеа месеци на бескрајни одложувања на распишувањето на изборите. Се разбира, тој политички идеал со тоа губеше во очите на јавноста, на народот, но поради одолговлекувањето уште повеќе се губеа оние што не успеваа или не сакаа да го свикаат уставотворниот собир. Сето тоа се претвори во своевиден психолошки комплекс: со една идеја луѓето секојдневно се среќаваа, од нејзиното остварување се очекуваа суштински промени, со неа, така кажано, се живееше, но секогаш нешто се правеше за да се одложи нејзиното остварување. Во една земја без демократска традиција, одложувањата беа знак за неподготвеност идејата за уставноста да се спроведе во дело, но тоа што немаше поволни традиции сепак не направи да не се акумулираат енергија и емоции создавани преку ветувањата, надежите и разочарувањата. Болшевиците беа решени да ја преземат мисијата на свикување на Уставотворното собрание, да го пресечат тој политички и психолошки јазол на руската историја. Не може да се одрекне дека ова не беше необично, неочекувано, дури и противречно на нивните гледишта, зашто нивниот водечки идеолог го гледаше идеалот на посакуваната држава во Париската комуна, а не во парламентот или конвентот, тргнуваше од Марксовото иронично отфрлање на парламентаризмот: „Комуната требаше да биде не парламентарно, туку работно тело, извршно и законодавно...” Ленин во 1917 постојано повторуваше: „Целата власт во државата треба да премине исклучиво во рацете на претставниците на советите на работничките, воените и селанските депутати.” Значи, совети, а не уставотворно собрание. Ниту болшевичката тактика не беше насочена кон избори, туку кон востание за преземање на власта. А востанието е изведено во името на преминувањето на власта во рацете на советите, а не во името на Уставотворното собрание.

Болшевиците мораа да го свикаат Уставотворното собрание, затоа што тој проблем, или, како што рековме, комплекс, мораше веќе еднаш да биде симнат од дневен ред, но и поради тоа што тие, иако изгледа поради тактички причини, а без согледување на сите последици, самите ја презедоа на себе јавната обврска да го направат тоа. Од фактот што на Уставотворното собрание не му придаваа поголема вредност произлезе одреденото потценување на подготовките за изборите, кои беа одржани на 25 ноември. Во секој случај, во оваа прилика изостанаа внимателните подготовки што инаку ја одликуваше работата на болшевиците во сите важни моменти. Изборите за Уставотворното собрание им донесоа победа на социјалреволуционерите: од вкупно 715 места во Собранието, тие добија 412 [57,6%]. Левите социјалреволуционери имаа 42 мандати [5,9%], па десните социјалреволуционери со своите 370 [51,7%] ја правеа далеку најсилната пратеничка група и покажаа дека имаат исклучително голема поддршка во гласачкото тело. Болшевиците беа втори по сила во Уставотворното собрание, зашто добија 183 мандати [25,6%], но сепак немаа какви било можности за спроведување на својата политика. Според проценките, на изборите излегоа 36 милиони гласачи, од кои 9 милиони гласаа за болшевиците, но 31 милион [според процентите поточен е податокот 21 милион] за социјалреволуционерите. Останатите мандати беа вака распоредени: меншевиците 17 [2,4%], конституционалните демократи 16 [2,3%], народниците 2, независни 1, различните национални малцинства преку 80 [11,1%].

Поради резултатот од изборите, политичката ситуација веднаш крајно се влоши. Противниците на болшевиците сметаа дека дојде посакуваниот момент за противнапад; под паролата „сета власт на Уставотворното собрание”, настојуваа да ги поништат резултатите од востанието на 7 и 8 ноември. Ленин и соработниците недвосмислено покажаа дека не мислат да ја предадат власта и дека Уставотворното собрание мора да го прифати тој факт, па дури и да го потврди. И на едната и на другата страна се одвиваа подготовки за борба во моментот на состанувањето на избраните пратеници, но истовремено овде-онде почнаа да избиваат нереди и судири. Брзајќи да го искористат непосредното влијание од резултатите на изборите, конституционалните демократи, иако според бројот на мандатите мала партија, се обидоа веќе на 11 декември да го свикаат Собранието со очигледна намера што побрзо да им се одземе власта на болшевиците. Во врска со тоа Советот на народните комесари издаде декрет дека Уставотворното собрание може да започне со работа дури откако ќе се соберат повеќе од половината делегати, а во тој момент немаше ниту четвртина од нив во Петроград. Десничарската организација „Серуски сојуз за заштита на Уставотворното собрание” на 11 декември предизвика нереди во име на паролата „сета власт на Уставотворното собрание”. Уште истата вечер, болшевиците решително одговорија со забрана на Кадетската партија и со апсење на нивните водачи. „Револуцијата мораме да ја браниме од кадетско-калединската завера”, порачуваа. На петроградските улици следните недели се одиграа повеќе инциденти, а на 1 јануари е извршен првиот неуспешен атентат врз Ленин, кој се обиде да го изврши една организација на војници под влијание на десните социјалреволуционери.

Колку болшевиците беа неподготвени на денот на изборите толку сега внимателно се подготвуваа за отворањето на Уставотворното собрание. Очигледно имаа во предвид две можности: прво, да му ја наметнат својата програма и волја на Собранието; второ, доколку не успеат преку првото (на што, сè покажува, сметаа), да му ја оневозможат работата. За остварување на која било од овие варијанти, тие внимателно ја разработија тактиката, сметајќи и на борбата преку зборови во самото Собрание и на пролетерските маси верни на нив и на Црвената гарда и на теоретско-идеолошките образлагања за своето држење и на Серускиот конгрес на советите како пандан на Уставотворното собрание.

Идеолошката и теоретската подготовка се состоеше, прво, од одрекување на вредноста на Уставотворното собрание за социјалистичката држава на советите и, второ, во подготовка на програмата што ја нудеа како замена. Ленин на 26 декември 1917 истапи со „Тезите за Уставотворното собрание”. За социјалистите, чиј идеал мора да биде диктатурата на пролетаријатот, Уставотворното собрание мора да биде само скалило кон социјализмот, зашто тоа самото е највисок израз на граѓанската демократија - пишуваше. Ако социјалистичката власт биде веќе воспоставена, што е случај во Русија, Уставотворното собрание мора тоа да го прифати како факт, инаку, во спротивно, ако прашањето на власта го смета за отворено, односно ако ја бара власта за себе, тоа делува контрареволуционерно. Ленин ја оспори и меродавноста на резултатот на одржаните избори, тврдејќи дека народот во моментот на гласањето сè уште не можеше да согледа и да сфати што сè добива со диктатурата на пролетаријатот. Одрекуваше дека одржаното гласање ја изразува вистинската волја на избирачите, зашто се изјаснуваше за пратенички листи кои се создадени пред болшевичкото преземање на власта, значи, кои беа застарени на денот кога избирачите се изјаснуваа за нив. Овие два факта покажуваат, вели Ленин, дека „не може да има дури ниту формално совпаѓање помеѓу волјата на избирачите во нивното мнозинство и составот на избраните во Уставотворното собрание.” Истакнуваше дека „интересите на револуцијата природно стојат над формалните права на Уставотворното собрание” и ги предупредуваше пратениците да внимаваат да не дојдат во судир „со волјата и интересите на работните и експлоатираните класи”. До тоа, пак, неизбежно би дошло ако не прифатат „народот што поскоро и што побрзо да го оствари правото да ги менува старите и да избира нови членови на Уставотворното собрание”, а особено ако го отфрлат „безусловното признавање на советската власт, Советската револуција, нејзините политики околу прашањата на мирот, земјата и работничката контрола.” Ако дојде до криза, предупредуваше Ленин, таа „може да биде решена само по револуционерен пат, по пат на најенергични, брзи, цврсти и решителни револуционерни мерки од страна на советската власт.”

Ленин не дозволуваше колебање на својата партија околу ова прашање и во дадената ситуација. Оттука острата забелешка: „Секој обид, посреден или непосреден, прашањето на Уставотворното собрание да се разгледува од формален аспект, во рамките на обичната буржоаска демократија, не земајќи ја во обѕир класната борба и граѓанската војна, претставува предавство на делото на пролетаријатот и премин на гледиштето на буржоазијата.” При тоа, посебно ги спомна поединците „од врвовите на болшевизмот, кои не умееја да го оценат Октомвриското востание и задачата на диктатурата на пролетаријатот.”

Уставотворното собрание се состана во крајно напната атмосфера, во Таврическиот дворец на 18 јануари 1918. Противниците на болшевиците се обидоа да организираат масовни демонстрации на поддршка, но сето тоа се претвори во улични инциденти. Се ширеа гласови дека претстои и востание против владата. Околу Таврическиот дворец стоеја стражи на црвените морнари; не се знаеше дали тие се заштита или закана за Собранието. Местата на конституционалните демократи во конференциската сала беа непополнети, зашто таа партија беше забранета.

Свердлов го отвори заседанието во својство на претседател на Серускиот извршен комитет на советите и ја прочита Проект декларацијата за правата на работниот и експлоатиран народ, која ја подготвија болшевиците. Со Декларацијата од Уставотворното собрание се бараше да изјави дека смета „дека неговите задачи се сведуваат на утврдување на основните начела на социјалистичката преобразба на општеството”, „дека би било целосно неправилно, дури и од формално гледиште, тоа да се спротивставува на советската власт” и „да ја ограничи својата задача на утврдување на основните начела на федерацијата на советските републики на Русија, препуштајќи им на работниците и селаните од секоја нација на сопствениот ополномоштен конгрес да донесат самостојна одлука дали и врз кои принципи сакаат да учествуваат во федералната влада и во останатите федерални советски органи.”

Декларацијата на прво место ја носеше изјавата: „Русија се прогласува за република на советите на работничките, војничките и селанските депутати. Сета власт, централна и месна, им припаѓа на тие совети” т.е. Русија е „федерација на советските национални републики”. Понатаму, прогласено е дека со цел „уништување на секоја експлоатација на човек над човек”, „се укинува приватната сопственост над земјата”, која станува, со сè што е на неа, „сопственост на целиот работен народ”. Се бараше прифаќање на Декретот за работничка контрола, во што се гледаше „прв чекор кон целосно преминување на фабриките, заводите, рудниците, железниците и останатите средства за производство и сообраќај во сопственост на работничката и селанската држава”, а исто така и да се признае и извршената национализација на банките. Понатаму, прокламирана е: општа работна обврска „со цел уништување на паразитските слоеви на населението”, раскинување на тајните договори и прифаќање на „демократскиот мир помеѓу народите, без анексии и контрибуции, врз основа на слободното самоопределување”, поништување на државните долгови, признавање на независноста на Финска итн. Се бараше признавање на создавањето на „социјалистичка црвена армија на работниците и селаните и целосно разоружување на поседничките класи.”

Првата битка во Уставотворното собрание сепак се поведе околу изборот на претседател и тогаш јасно се покажа дека левата коалиција нема можност да направи нешто. За претседател на Собранието е избран Чернов, кој доби 244 гласа, додека кандидатот на болшевиците и на левите социјалреволуционери, Марија Александровна Спиридонова, членка на втората партија, доби 151 глас. Дури потоа дојде до решавачкиот момент: на гласање е ставен болшевичката Проект декларација. Резултатот беше негативен, зашто „против” гласаа 247, а „за” 146 пратеници. Тогаш болшевиците го напуштија Собранието, а по нив и [левите] социјалреволуционери. Кризата го достигна врвот. Сепак, осакатеното Уставотворно собрание продолжи да заседава сè до раното утро на следниот ден. Нејзините одлуки беа земјата да им се отстапи на селаните, да се закаже мировна конференција на социјалистичките партии и Русија да се прогласи за федеративна република. Истовремено се конституира како своевиден конвент, извршно и законодавно тело.

Меѓутоа, болшевичкото водство реши да ја забрани работата на Собранието и да го прекине ова ново двовластие. Извршниот комитет на советите се состана на вонредно заседание. Во таа прилика Ленин рече дека револуцијата ја изгради Советската република и од неа не може да се одрекне. „Ниту чекор назад!”, ја изрече насочувачката парола на денот. Уставотворното собрание, која е круна на буржоаската парламентарна република, се испречи на патот, но „секое одрекување од целосната власт на советите... во корист на буржоаскиот парламентаризам сега би било чекор назад и крах на Октомвриската работничко-селанска револуција”. На предлог на Ленин, на 19 јануари е прифатен Декретот за распуштање на Уставотворното собрание со кој советите, како класни установи кои единствено можат да го победат отпорот на поседничките класи и да ги постават темелите на социјалистичкото општество”, се спротивставуваат на Уставотворното собрание како „општонационална установа”. Кога требаше да се одржи нова седница на Уставотворното собрание, на пладне истиот ден, Црвената гарда им го оневозможи влезот во Таврическиот дворец на пратениците, како и обидите заседанието да го пренесат во некоја друга зграда, или да предизвикаат немири. Тоа беше крајот на Уставотворното собрание.

Третиот серуски конгрес на советите се состана на 23 јануари, заседаваше до 31 јануари и ги одобри сите дотогашни чекори на Серускиот извршен комитет на советите и на Совнаркомот, вклучувајќи го и растурањето на Уставотворното собрание. Ја прифати и Проект декларацијата за правата на работниот и експлоатиран народ. Со резолуција на 28 јануари се воспоставени државно-правните односи на земјата: 1. Руската република е федеративна, советска и социјалистичка држава; 2. Серускиот конгрес на советите на работничките, војничките и селанските депутати е врховен орган на власта, кој се состанува најретко на секои три месеци; 3. Конгресот избира Серуски централен извршен комитет на советите, кој е највисок орган помеѓу заседавањата на конгресот; 4. Владата на федерацијата се вика Совет на народните комесари, а нејзините членови ги избира Серускиот конгрес на советите или неговиот Централен извршен комитет. Со ова е потврдена праксата која е воведена на 8 ноември 1917.

Болшевичката револуционерна власт застана на нозе и почна да ги гради своите правни основи. Руската револуција, значи, вроди со нова држава: со република на советите, што беше плод на победата на комунистите. Како и автократската монархија, и парламентарната република беше закопана во Русија, што беше последица на поразот на социјалдемократското крило на социјалистичкото движење. Сепак, сè уште преостана таквиот исход да се потврди во долгата и крвава граѓанска војна.


Архива за Руската револуција

марксистичка интернет архива