Махмуд Дарвиш

Дневник на еден граѓанин без земја

(извадоци)


Првпат објавено: Mahmoud Darwish, Diary of a Citizen without a Country, 1971.
Извор: „Маргина“, број 96, 2024, 174-183 стр.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2024



I

— Драга, за роденден подари ми тенк или топ или каков било вид оружје.

— Ќе ти подарам тенк, љубов моја, за да пробам нешто ново и да спијам со тебе во него.

— Не, ќе спијам со тебе на отворено на брегот на Суецкиот канал.

— Хахаха.

— Хахаха.

Шеташ по улиците, седнуваш во кафуле, се возиш во автобус и молчиш. Никој не те прашува да откриеш детали од твојата лична карта: твоето молчење зборува само од себе. Тоа е единствениот став што ти е дозволено да го усвоиш кога ќе слушнеш вакви израелски љубовни разговори. Времето на слатките зборови сега заврши... Ќе ти подарам месечина или газела... Не.

Колку огромен јаз има меѓу имагинацијата што непречено се извишува над пустината и имагинацијата произведена од модерната технологија и победата! Љубовните зборови сега се испреплетени со најновите случувања и со најновите изуми на оружје. Задоволството повеќе не доаѓа од природата и Арапот во Израел утврдува дека е назаден дури и во водењето љубов. Му требаше долго време да научи како да ѝ се обрати на својата сакана со рози. Колку еони ќе бидат потребни ова суштество за да се обучи за овој нов пристап? „Драги мој... ќе ти подарам тенк“.

И што мислиш ти? Како тие спијат заедно во тенкови! И како успеваат да имаат деца во тенкови? И како успеваат да се забавуваат во своите тенкови. Тоа е безбедниот израелски дом. Тоа е љубовното гнездо. И тоа е иднината.

II

Во 4 часот наутро те буди ѕвончето. Знаеш кој е посетителот. Но, сонот е помоќен од полицијата. Во 9 часот одиш на работа во канцеларијата, го пиеш кафето пред да го прочиташ весникот. Се појавува вообичаениот посетител и ти вели: „Дојди со мене“. Го прашуваш: „Дали е ова апсење... или испрашување?“ Тој вели: „Не знам“. Го прашуваш дали да си ја земеш четката за заби, приборот за бричење и долна облека, а тој одговара: „Нема време!“

Седиш пред офицерот. Тој пристојно, седнат под портретот на Херцл, ти вели: „Голема чест ми е што те уапсија“. Му возвраќаш на комплиментот: „А јас сум почестен што можам да ве почестам. Но, ќе бидете ли љубезни да ми кажете кое е обвинението против мене?“ Тој вели: „Вие сте обвинет зашто експлодиравте лубеница на влезот во циркусот и ја загрозивте безбедноста на државата“.

Лубеница, држава и циркус – каква ретка хармонија.

***

Дојде крајот на законски дозволеното приведување. Таму сѐ е законски! Очекуваш да те изведат пред суд и со нетрпение очекуваш да си го видиш прекрасниот град низ решетките на полициското комбе. Како и обично, ја имаш дури и твојата лековерна надеж, толку голема што очекуваш да те ослободат. Почекај малку. Протестираш, зашто се крши законот, а тие ти велат: „Нема да те задржиме ниту еден час повеќе откако ќе ти заврши периодот на приведување. Што мислиш? Овде се држиме строго во рамките на законот... Ова е Израел, а не арапскиот свет“.

Мислиш малку на арапскиот свет и го мешаш дневното мечтаење со твојата задушувачка беда... И чекаш. Што чекаш? Истражниот службеник или арапскиот свет?

Конечно те ставија во друга соба. Таму наоѓаш службеници и една стара жена. Еден од полицајците те прашува: „Дали течно зборуваш хебрејски?“ Потоа го чита списокот со обвиненија: обвинет си дека работиш на уништување на Државата Израел. Прашуваш: „Дали мислите на државата или на лубеницата?“

Грдата старица ти вели: „Почитувај го судот“. Покажуваш чудење: „Каков суд?“ До тебе стигнува глас што како да доаѓа од некое застоено мочуриште: „Ова е суд, а јас сум ‘судија’“.

Тогаш за прв пат сфаќаш дека тие толку многу те почитуваат што го преместиле судот во затворот заради тебе. Но, ја одбиваш оваа неизмерна чест и тврдиш дека судот останал затвор. Рочиштето завршува со твое повторно апсење.

III

Разговараш со возачот на течен хебрејски. А твојот изглед не го издава твојот идентитет. Возачот прашува: „Каде, господине?“ Вие велите: „До улицата Мутанаби“. Палиш цигара за себе и за возачот, затоа што е учтив. Одеднаш тој ти вели: „Кажете ми, уште колку ќе мора да ја трпиме оваа посрана ситуација – преку глава ни е“.

Претпоставуваш дека му е преку глава од воената состојба и од повишувањето на стапките на данокот на доход и на цената на млекото. Кажуваш: „Да, во право сте, на сите ни е преку глава“. Тој продолжува: „До кога нашата држава ќе ги чува тие смрдливи арапски имиња? Мора да се отарасиме од нив и нивните имиња.“ Го прашуваш: „Од кого?“ и тој со одбивност кажува: „Од Арапите, се разбира“. Го прашуваш зошто, тој вели: „Бидејќи се нечисти“.

Од неговиот нагласок сфаќаш дека е имигрант од Мароко и го прашуваш: „Навистина ли сум толку нечист? Дали вие, на пример, сте почист од мене?“ Тој е зачуден од вашето прашање: „Што сакате да кажете?“ Барате од него да ја употреби својата интелигенција, но тој останува недоверчив: „Ве молам“, вели тој, „бидете сериозен“.

Откако фрла поглед на вашата лична карта, се уверува дека сте Арап. Тој вели: „Не мислев на христијаните – мислев на муслиманите“. Му кажуваш дека си муслиман, а тој вели: „Не мислев на сите муслимани... мислев на селаните“. Му кажуваш дека си од едно многу заостанато село што неговата држава го срамни со земја со булдожери и тотално го избриша од картата. Тој вели: „Секоја чест на државата!“

Излегуваш од автомобилот и решаваш да се вратиш дома пешки. Компулсивно почнуваш да ги читаш имињата на улиците. Навистина, тие ги избришаа имињата; Саладин стана Шломо. И се прашуваш: Зошто го зачувале името „ал-Мутанаби“? Но кога доаѓаш до улицата „ал-Мутанаби“, го читаш името на хебрејски и откриваш дека тоа е „планина Неви“, а не „ал-Мутанаби“ како што отсекогаш си мислел.

IV

На момент да заборавиш на својата политичка беда, се обидуваш да му испратиш разгледница на еден пријател.

Излегуваш да побараш убава разгледница во Хаифа, градот со нозете на Медитеранот и со круната на небото. И што наоѓаш? Ниту една слика од ружа, ниту една слика од плажа, птица или жена. Сите тие исчезнале за да им отстапат место на тенковите, пушките, авионите; на Ѕидот на плачот, на окупираните градови и води на Суецкиот канал. И кога ќе налеташ на некое маслиново гранче, откриваш дека е нацртано на крилото на некој француски борбен авион.

А ако видиш некоја убава девојка, ја гледаш вооружена до заби; а ако фрлиш поглед на некој град, секогаш во заднината на градот ја наоѓаш војничката чизма. Срцето ти паѓа до земја. Ништо не ти преостанува да направиш, освен да се напикаш во некој агол во преполната улица за да им направиш пат на илјадниците раце што посегаат по овие живописни разгледници... да им ја испратат на Евреите од светот оваа порака за историската преродба и легендарното враќање.

И ништо не им испраќаш на пријателите освен тишината на срцето. Тишина што никогаш не допира до нив.

Изненадно те зафаќа карневалот на улицата. Светлото се нафрла на тебе како што правеше и порано кога ја напушташе мрачната ќелија. И ордите од деца-гулаби, но вооружени до заби. Играчките се оружје. И задоволството е оружје.

А ти? Немаше ништо во твоето детство и младост освен дрвено коњче.

V

Го креваш телефонот и му ѕвониш на службеникот што е задолжен за граѓански работи во полициска станица. Многу добро го познаваш и го прашуваш што има ново кај него и се шегуваш со него. Потоа го замолуваш да ти даде дозвола за патување на еден ден. Тој ти вели: „Поднесете го вашето барање во писмена форма“. Ја напушташ твојата канцеларија и поднесуваш барање... а потоа чекаш одговор. Еден ден... два дена... три дена. Сè уште имаш надеж, зашто тие не рекоа „не“, како што обично прават, но сепак мора да почекаш, додека твојот состанок во Ерусалим наближува. Ги прашуваш... ги молиш... ги молиш да ти кажат што било... да ти кажат „не“ за да можеш да го откажеш состанокот. Тие не ти кажуваат ништо. Им кажуваш дека имаш само неколку часа пред состанокот, тие ти велат: „Врати се за еден час да го добиеш одговорот“.

Одиш таму и ја наоѓаш канцеларијата затворена. Наивно се прашуваш зошто се срамат да одговорат. Зошто едноставно не ми рекоа „не“ како што обично прават? Се лутиш и решаваш – глупаво – да ѝ се одмаздиш на „државната безбедност“... и патуваш.

Следниот ден те повикуваат пред прек воен суд. Чекајќи на ред, слушаш фантастични приказни:

Една Арапка работи во кибуц. Нејзината патна дозвола ѝ забранува да слезе на која било станица на нејзината релација, но поради некоја причина еднаш била принудена да слезе, па ја уапсиле.

Некои млади луѓе на кои им било дозволено да ја користат само главната улица еднаш отишле по споредна улица, па биле уапсени. Судот никого не прогласува за невин. Затвор и парични казни. Казни и затвор. Па се присетуваш на приказната за старецот, магарето и дозволата.

Старецот орал нива. Го закачил палтото на дрво. А дозволата била во џебот од палтото. Забележал дека неговото магаре забегало од неговата земја во нечија друга. Па тргнал по него, но бил запрен од воената полиција и уапсен, бидејќи без дозвола влегол на државно земјиште. Им рекол: „Имам дозвола... во џебот од палтото на дрвото таму“. Бил уапсен и осуден.

И се присетуваш на дозволите околу смртта. Селаните мораа да потпишат парче хартија со која преземаа одговорност за сопствената смрт доколку таа е предизвикана од мини што ќе експлодираат во некоја област што војската ја користи за маневри... Тоа парче хартија ја ослободува државата од секаква одговорност. Но, селаните повеќе мислеа на своето секојдневно парче леб одошто на идната смрт. И навистина, тие што умреа – умреа, а тие што преживееја – преживееја. А на државата ѝ дојде преку глава и од живите и од мртвите, па едноставно им ја конфискуваше земјата. И се присетуваш и на малото девојче што починало во рацете на татко ѝ пред канцеларијата на воениот управител, бидејќи таткото чекал да добие дозвола за да оди од своето село во градот да го лекува своето болно дете.

И се чувствуваш благодарен, бидејќи твојата казна е само два месеци затвор. А во затворот пееш за својата татковина, ѝ пишуваш писма на својата сакана и читаш статии за демократијата. И читаш приказни за слобода или смрт и ниту се ослободуваш... ниту умираш.

VI

Ги читаш огласите во весниците и брзаш кон телефонот во кафулето: „Госпоѓо... читам оглас за вашиот стан, може ли да го видам?“, а нејзината смеа патува преку жиците и нејзиното расположение те исполнува со надеж: „Станот е одличен, господине, се наоѓа на планината Кармел; киријата е само двесте фунти. Тоа е одлична прилика, дојдете и резервирајте го веднаш“.

Во брзање заборавате да платите за телефонскиот повик. Ѝ се допаѓаш на госпоѓата, ти го покажува станот, ти се согласуваш на условите за плаќање и околу датумот кога ќе можеш да се вселиш. И тогаш, кога седнуваш да го потпишеш договорот, гром ја удира госпоѓата. „Што! Арап? Извинете, господине... Јавете ми се утре“. Истата приказна се повторува недела по недела и откривате дека си вешт за две работи: новинарство и лов по станови, па секојпат кога ќе си одиш дома разочаран, зјаејќи по балконите на куќите... читајќи ја нивната историја... се прашуваш за нивните отсутни сопственици, распрснати од ветрот на иселувањето и егзилот. Колкупати човек изградил куќа во која никогаш не му било дозволено да живее? Сопствениците на овие куќи сè уште ги носат клучевите од влезната врата во џебовите и во срцето, чекајќи да се вратат. Каде да се вратат? Дали некој од нив некогаш успее да се врати во својата куќа, дали ќе му дозволат да ја отвори вратата со својот клуч? И дали воопшто би можел да изнајми една единечна соба во својата куќа?

А ти велат дека ционизмот никогаш не направил злосторство и дека сѐ што направил е што донел народ без земја во земја без народ. А ти ги прашуваш: кој ги изградил овие куќи, кои митски суштества ги изградиле овие куќи, во кои легенди? Во тој момент ти вртат грб... и раѓаат уште деца да живеат во светот на украдени куќи.

VII

Бараш пасош и дознаваш дека не си граѓанин... затоа што татко ти или некој од твоите роднини побегнале со тебе на безбедно за време на Палестинската војна [во 1948 година], кога ти беше бебе. И дознаваш дека секој Арап што во тој период ја напуштил својата земја и што потоа скришно се вратил назад го изгубил правото на државјанство. Очајуваш што не можеш да добиеш пасош и бараш пропусница. Па дознаваш дека не си ниту жител на Израел, бидејќи немаш дозвола за престој. Претпоставуваш дека ова е шега, па одиш и му ја раскажуваш приказната на еден твој пријател, адвокат: „Јас овде не сум ниту граѓанин, ниту сум жител. Тогаш каде сум и кој сум јас?“

Запрепастен си кога слушаш дека законот е на нивна страна и дека треба да докажеш дека постоиш. И тогаш сфаќаш дека можеби метафизички постоиш, но дека законски не постоиш.

Размислуваш околу законот. Колку ужасно наивни сме кога претпоставуваме дека правото е средство на правдата и вистината. Законот овде постои за да ја спроведе волјата на власта и е склопен според барањата на владејачите.

А јас постоев во оваа земја пред да дојде државата што го негира моето постоење! Уште еднаш сфаќаш дека вистината станува фантазија ако не е поткрепена со сила и таа сила ја претвора оваа фантазија во реалност, па се насмевнуваш на законот што на секој Евреин во светот му дава автоматско право на израелско државјанство.

И се обидуваш одново... Ја предаваш судбината во рацете на Бога и законот. Успеваш да добиеш документ со кој се потврдува дека постоиш, а добиваш и пропусница. Но, од каде ќе поминеш? Ти си жител на Хаифа, а аеродромот е во близина на Тел Авив. Бараш дозвола од полицијата да патуваш од Хаифа до аеродромот и ти ја одбиваат. Интервенираат адвокатот и некои членови на Кнесетот, но полицијата сепак одбива. Тогаш си замислуваш дека си поитар и поинтелигентен од нив, па ја менуваш рутата, одлучувајќи да патуваш од пристаништето Хаифа со образложение дека имаш право да одиш до пристаништето. Се чувствуваш многу задоволен од себе. Купуваш карта и поминуваш преку пасошката контрола, здравствениот оддел и царината и никој не те спречува.

Близу бродот те апсат и те носат на суд. Ти сè уште инсистираш дека законот е на твоја страна – овојпат. Но, тогаш на суд дознаваш дека пристаништето Хаифа е дел од Државата Израел, а не дел од градот Хаифа, па те потсетуваат дека не смееш да одиш во ниту еден дел од Израел надвор од Хаифа. А пристаништето – според законот – е надвор од Хаифа, па утврдуваат дека си виновен...

Им велиш: „Сакам да признам нешто многу важно, сега кога го разбрав законот: Господа! Јас секој ден пливам во морето, а морето ѝ припаѓа на Државата Израел, а не на Хаифа. И не носам дозвола да го дишам воздухот. А и небото што го гледам над Хаифа не ѝ припаѓа на Хаифа, а немам дозвола да се движам меѓу летните ветришта...“

А тие се насмевнуваат.

VIII

Празнични прилики! Историјата сурово те напаѓа. Пораз по пораз по пораз, а сепак Арапите ги слават сите свои денови. Посакуваш да си се родил на 29 февруари па да славиш роденден само еднаш на четири години. И си мислиш: нашите денови ги бришат нашите денови, затоа што има толку многу пригоди и датуми. Во календарот не останува ниту еден ден слободен за победа. Сите денови се резервирани за порази и – и ова е причината за нашиот постојан пораз. Кога еден ден во календарот ќе стане празен... тогаш ќе победиме.

Но, вечерва ти е роденден и сакаш да скубнеш малку задоволство и да избегаш од јадовите на секојдневието. Ги каниш пријателите... правиш заговор против тагата со пијачка, малку музика и рески шеги. Музиката станува погласна... Танцуваш... а смеата на девојките допира до прозорците на соседите. На полноќ стига еден полицаец, го проверува идентитетот на присутните и ти се заканува со апсење: „Бидете културни. Престанете да се однесувате како дивјаци“. Прашувате која е причината за тоа, полицаецот вели дека соседите го повикале да воспостави тишина во зградата. Му кажуваме дека е роденденска прослава. Тој вели: „Не е тоа моја работа!“

„О, добри соседи! Зошто не ме предупредивте дека мојата среќа ве повредува? Зошто јас не се жалам кога вашата музика допира до мене секоја вечер, кога ќе ми се симнете од грб, о соседи?“

Но, пред да заспиеш, се уверуваш дека соседите биле во право. Утрото им се извинуваш, велејќи: „Простете ми за да си простам себеси. Немам право да славам сѐ додека вие сте мои соседи“.